МАКЕДОНСКИТЕ СИНДИКАТИ ПОДГОТВЕНИ ДА ПАРТИЦИПИРААТ ВО ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

29.01.2013

Живко Митревски изјави дека за ССМ интеграцијата е приоритетна задача
Живко Митревски изјави дека за ССМ интеграцијата е приоритетна задача
Очекуваме Европската конфедерација на синдикатите (ЕКС) да ги прифати определбите на македонските работници Република Македонија да стане рамноправен член на Европската Унија. Македонските синдикати уште од почеток на транзицијата се определија за истата цел и затоа се подготвени да партиципираат во процесите кои водат кон целосна евроинтеграција на земјата.

Ова меѓу другото го изјави претседателот на ССМ д-р Живко Митревски, на курсот “Тековни трендови во процесот на ЕУ интеграцијата – предизвици и можности за синдикатите“, кој се одржува денес и утре во хотелот Александар Палас“. На собирот учествуваат функционери од телата и органите на Европската конфедерација на синдикатите и претставници на синдикати од Бугарија, Романија, Турција, Шведска, Чешка, Хрватска и од други европски земји.

Организатор е ЕКС, домаќин ССМ, од каде присуствуваат повеќе гранкови синдикати, додека од македонска страна учествуваат министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Мирјана Андреска.

Европската Унија е во фаза на промени и сега се наоѓа во можеби најтешкиот период на нејзиното постоење. Најголем проблем е невработеноста, па така и на конференцијата на ЕКС во декември ни претседателот на Европската комисија Мануел Баросо не знаеше да одговори на прашањето за намалување на невработеноста. Конкретно за Македонија, најдобро е да не се занимаваме со минатото, туку со иднината. Лесно да се прифатат нормативите околу придружувањето, но е многу тешко нормативите да се спроведат, истакна Глигор Градев, едукатор на ЕКС.

И другите учесници, претставници на синдикатите од земјите членки, изјавија дека очекуваат Република Македонија наскоро да стане полноправен член на Унијата.

Претседателот на ССМ Живко Митревски објасни дека ССМ го поддржа процесот на евроинтеграција од осамостојувањето на државата во1991 година. За ССМ интегрирањето е активност која има приоритетно место во синдикалното дејствување. Определбата да градиме и да живееме во современо општество, во кое ќе владеат демократијата и правото, за синдикатите значи силен предизвик за приклучување во овие процеси.

ССМ партиципира во работата на комисиите и телата на највисоките државни институции – Националниот совет за евроитеграции, собраниските комисии, како Комисијата за труд и социјална политика, Законодавно – правната комисија, Комисијата за финансирање и буџет, за здравство, еднакви можности на жените и младите. ССМ дава силна поддршка на Делегацијата на Собранието во Мешовитиот парламентарен комитет на Република Македонија и Европската Унија, кој е формиран во 2004 година. Учествуваме во работата на Националниот совет за безбедност и здравје и има свои претставници во Фондот за пензиско – инвалидското осигурување, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, додека соработува и со невладиниот сектор. Од особена важност на ССМ е што социјалниот дијалог напредува и што се повеќе станува конструктивна работата на Економско – социјалниот совет.

Со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација се формира Заедничкиот консултативен комитет со Европскиот социјален комитет (ЕКОСОК), во кој е застапен ССМ. Во континуитет соработуваме со Меѓународната организација на трудот.  По инцијатива на ССМ во рамките на Министерството за труд е отворена Канцеларија на МОТ и се ратификуваа пет меѓународни конвенции.

ССМ е активно вклучен во процесот на хармонизација на законодавството на РМ со правото на ЕУ. Тоа се однесува пред се на Законот за работни односи, Законот за минимална плата, што е историски чин за синдикалното движење, Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за европски работнички совети и ред други зкаони. Хармонизацијата на законодавството е тесно поврзано со унапредувањето на колективното договарање на сите нивоа. Во 2012 година е потпишан Општиот колективен договор за стопанство, при крај се преговорите за Општиот колективен договор за јавниот сектор, додека на ниво на претпријатие се потпишани околу 40 отсто од можните коклективните договори, изјави меѓу другото Митревски.

На меѓународен план ССМ води интензивна соработка со Европската конфедерација на синдикати, со Европскиот регионален совет (ПАН) и со Светската конфедерација ан синдикати, во која во 2011 година ССМ и КСС се примени како асоцијативни членки. Со поддршка на ЕКС, Паневропскиот регионален совет (ПЕРК), Светската конфедерација на синдикатите, МОТ, Фондацијата “Фридрих Еберт“ и со други организации и асоцијации, се одржани и се одржуваат многубројни активности за ЕУ интеграцијата, имплементацијата на европските директиви и на меѓународните стандарди во трудовото законодавство, заклучи Митревски.

 

Министерот Спиро Ристивски – Европската комисија оцени дека социјалниот дијалог во Македонија напредува
Министерот Спиро Ристивски – Европската комисија оцени дека социјалниот дијалог во Македонија напредува

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски во своето обраќање укажа дека еден од условите за евроитеграцијата е развој и јакнење на социјалниот дијалог, како средство за постигнување консензус за важни економско – социјални прашања. Синдикатите имаат многу значајна улога како еден од партнерите на трипартитниот дијалог во Економско – социјалниот совет. ССМ е репрезентативно тело на работниците во РМ и активно партиципира во остварувањето на социјалниот дијалог. Заедно успеавме да донесеме бројни решенија кои помогнаа во развојот на општеството во целина. Решенијата секогаш се разгледуваат најнапред на Економско – социјалниот совет, пред доставувањето до Владата и Собранието.

Во изминатиот период посебно внимание посветивме на јакнење на капацитетите на синдикатите, и тоа преку учество во различни проекти кои се финансираат од страна на ЕУ, каде дел од активностите се наменети за социјалните партнери. Се унапредуваат капацитетите на синдикатите од различните области, како што се долгорочното планирање на пазарот на трудот, мониторингот и евалуацијата на политиките на пазарот на трудот, запознавањето на законодавството на ЕУ и други прашања. Синдикатите учествуваат во имплементацијата на повеќе проекти, меѓу кои поддршката на младите лица, долгорочно невработените лица и невработените жени, модернизација на институциите на пазарот на трудот, стратешкото планирање на образованието согласно европските практики, мерките за вработување на младите.

Законската рамка е основен предуслов за воспоставување социјален дијалог. Таа рамка во РМ постои, но колку што е важно воспоставувањето толку е важен степенот на ефикасноста на социјалниот дијалог. Од големо значење е респектирање на интересите на сите страни во процесот на социјалниот дијалог. Сорабтотката на социјалните партнери останува движечка сила во одржувањето на балансот на социјалниот и економскиот развој.

За напредокот на социјалниот дијалог потврда е последниот Извештај на Европската Комисија за Република Македонија. Би ја споменал и заедничката декларација која ја потпишаа Министерството за труд со Федералната јавна служба за труд, вработување и социјален дијалог на Кралството Белгија, со која ќе се оствари соработка на повеќе полиња, особено на полето на социјалниот дијалог, со поддршка на експерти од Брисел. Тоа потврдува дека јадрото на ЕУ навистина се труди да и помогне на Македонија во имплементацијата на најдобрите практики, со цел зачленување на земјата во еврпското семејство, нагласи министерот Спировски.

Претседателот Митревски во текот на курсот за медиумите изјави дека е при крај заокружувањето на Предлог - законот за мобинг. На прашањето за конкретните антикризни мерки Митревски рече дека целта на ССМ вклучи три столба – не се дозволи масовно отпуштање на работници, не се дозволи намалување на платите и не дојде до зголемување на пензиската граница. Исто така во тек се активности за зголемување на износот на минималната плата од 8.050 денари на 8.600 денари.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc