ПРОДОЛЖУВААТ ПРЕВИРАЊАТА ВО “МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ“ – ПРИЛЕП

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта
18.01.2013
18.01.2013_foto1
Штрајкувачите на комбинатот истрајни во своите барањa

Денес не се одржаа планираните преговори за потпишување на Колективниот договор во “Мермерниот комбинат“ - Прилеп. Од раководството како причина е наведено боледување на адвокатот кој ја застапува компанијата во преговарањето за колективен договор, соопштува Лазар Ангелески, секретар на Регионалното синдикално претставништво на Сојузот на синдикатите на Македонија во Прилеп.

На закажаниот собир беа присутни Синдикалниот одбор на Синдикалната организација на “Мермерен комбинат“ и генералниот секретар на Синдикатот за градежништво и индустрија (СГИП) Благуна Стојкоска.

Ангелески информира дека за понеделник, 21 јануари, во 17 часот, во Домот на културата “Марко Цепенков“ во Прилеп синдикалната организација ќе одржи протестен собир. Покрај вработените во комбинатот се очекува присуство и поддршка од граѓани и од другите синдикални организации од претпријатијата во градот.

Познато е дека во “Мермерен комбинат“ се поделени 19 отказни решенија на работници (деновиве 16 и три претходниот месец). Синдикалната организација и досега организираше штрајк, потполно по законските прописи, што од своја страна го оспорува директорот Илијас Ригопулос. Меѓу барањата за зголемување на платите е и враќање на работа на деветнаесетте работници.

ССМ и СГИП даваат полна поддршка на штрајкувачите во “Мермерен комбинат“. На 20 ноември минатата година се организираше тродневен штрајк, на кој на работниците им се придружија претседателот на ССМ Живко Митревски и претседателот на СГИП Павел Трендафилов. Митревски тогаш јавно побара потпишување на колективниот договор, како начин на решавање на сите сегашни и идни проблеми во комбинатот, додека Трендафилов ги поддржа барањата за работниците за зголемување на платите и порача дека штрајкот е апсолутно легален и исправен.

Мермерниот комбинат, во кој работат околу 400 лица, во 2009 година беше купен од два инвестициски фондови од Грција, кои откупија 88,4 отсто од акциите. Сега актуелен мнозински сопственик е холандскиот инвестициски фонд “Stone Works Holdings Cooperatief“. Работниците велат дека зголемувањето на платите вкупно изнесува околу 40.000 евра (од 5.000 до 6.000 денари по вработен), што е незначителна сума во споредба со нето добивката за првите девет месеци од 2012 година од 70,8 милиони евра.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc