Интервју со Живко Митревски, претседател на ССМ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 

“Пренесено од МИА, 10.01.2013“

Живко Митревски, претседател на ССМ Изминатата година ќе остане запаметена како една од најтешките во поглед на последиците што ги предизвика светската економска криза. Колку синдикатот е задоволен од активностите што ги презеде за заштита на работниците и зачувување на нивните работни места?

- Факт е дека  економската криза не ја заобиколи и Република Македонија, но факт е исто така, дека како Сојуз на синдикати на Македонија имавме јасно изградени позиции по повеќе прашања. Имавме јасна стратегија да продолжиме со институционално делување и да го развиваме воспоставениот социјален дијалог. Ваквиот пристап сметавме дека беше нужен и мислам дека наместо нерационално „жалење“ за состојбите пријдовме кон конкретно решавање на состојбите со конкретни решенија. Патем речено и во услови на најтешка криза не дозволивме масовни отпуштања, намалување на плати, ниту пак зголемување на  пензиската граница. Тоа беа три столбови околу кои го градевме нашето дејствување, но и разбирање со социјалните партнери. И во услови на криза го потпишавме продолжувањето на Општиот колективен договор за стопанство на 26 јуни,  потпишан со Организација на работодавачи на Македонија и без намалување на ниедно работничко право. Овие две активности се клучни и ако направивме анализа на се она што се случуваше околу нас во опкружувањето и во Европа можеме да заклучиме дека нашата стратегија на Сојузот на синдикатите на Македонија даде резултати кои беа признати за начинот со кој се справувавме со кризата од сите релевантни меѓународни синдикални субјекти.

И во вакви услови продолживме со нашиот пристап на градење на институционално вмрежување на Сојузот на синдикатите на Македонија, на подигнување на степенот на меѓународни работнички стандарди, на усогласување на работното законодавство со европското, како и јакнење на социјалниот дијалог и на локално ниво. Во Република Македонија од осамостојувањето до 2012 година беа ратификувани само четири конвенции, а само за една година беа ратификувани дополнителни пет од кои неколку темелни, како Конвенцијата за промотивна рамка за безбедност  и здравје при работа (ратификувана на 19.03.2012 година), Конвенцијата  за заштита на мајчинството (19.03.2012 година), Конвенцијата за приватни агенции за вработување, Конвенцијата за вршење работа дома, а ако се земе предвид дека усвоени се и предлозите на Економско-социјалниот совет на седницата од октомври 2012 за ратификација на уште три конвенции за јавната администрација 150, 151 и Конвенција за колективно преговарање бр. 154 станува збор за навистина значаен исчекор во поглед на имплементирање на работнички меѓународни стандарди за што добивме признанија од МОТ.

img2_100813562Инициравме измени на Законот за работни односи кои беа прифатени, со кои драстично се подобрува позицијата и елиминирање на дискриминацијата на жените, бремените жени, младите и други  ранливи групи.

И во услови на криза за прв пат во историјата на синдикалното движење  на 9 октомври потпишавме Колективен договор за енергетика од нашиот грански синдикат (ССЕСМ) и новоформираното Здружение на работодавачи од енергетика, а потпишани и продолжени беа колективни договори во АГРО синдикатот, текстилот (СТКЧ), МПС итн. Што значи и во услови на ваква криза продолжи процесот на колективно преговарање без намалување на работничките права. Напротив во нашите колективни договори кои беа потпишани не само што нема намалување на работничките права, туку утврдивме за прв пат и посебна позиција и заштита за одредени категории работници како на пример сезонски работници.

Продолживме со креирањето на локалниот социјален дијалог и бевме учесници во потпишување и креирање на три локални економско-социјални совети од кои последните во Тетово и Штип.

На почетокот од годината по 10 години синдикална борба обезбедивме поповолна позиција за исполнување на правото на пензија за рударите во подземните копови.

Во текот на годината продолживме со стратешко партнерство со Сојузот на здружение на пензионери на Македонија со кои потпишавме Меморандум за соработка. Со другите синдикати продолжуваме заеднички  да пристапуваме и го отворивме процесот на здружување како можна идна опција. Имавме широки едукативни активности, за прв пат отворивме школа за млади синдикални лидери која работи цела година, учествувавме во низа проекти за прв пат и со Европската унија, вршевме посети во претпријатија, бевме присутни секаде каде беше потребно.

Мислам дека годинава имавме страшна динамика која наназад не била забележана, но тоа беше неопходно и мислам дека резултатите не изостанаа без оглед на тоа што често бевме изложувани на неаргументирана и не секогаш добронамерна критика. Фактите и аргументите  од типот на напред споменатите се потврди на овие тези, а за сите овие активности посебно во законодавната сфера и она што подобривме, подготвуваме и посебна Брошура.

На иницијатива на синдикатите првпат од осамостојувањето на државата беше донесен Закон за минимална плата. Колку сте задоволни од неговата досегашна примена?

- Донесувањето на овој Закон за синдикалното движење е крупна, јас би рекол и историска победа, без оглед што некој сака да го оспорува овој чин. За една година постоење тој ги покажа позитивните ефекти и оправданоста. Денес во Република Македонија сите знаат дека имаме минимална плата, дека е тоа законска обврска, дека е финансиска обврска, дека неисплаќањето е основ за санација, дека истата е основа за низа фискални пресметки за сите па и за странските инвеститори. Најновите истражувања и анкети направени и од Организацијата на работодавачи на Македонија покажаа дека она што го очекувавме како социјални партнери е дека дури и во висината на минималната плата и во најзагрозените гранки истата се исплатува во полн износ. Од таму пак, по пат на аргументи покажавме и докажавме дека донесувањето на овој Закон и во услови на страшна криза е храбар, одговорен и историски чин. Има елементи за кои може да се зборува за подобрување, но тоа секако социјалните партнери ќе го имаат во предвид.

Како синдикат изработувате своја синдикална кошница која ги одразува реалните трошоци на едно четиричлено семејство. Според неа, колкави се месечните потреби на работниците?

img3_100813375- По доаѓањето на новото раководство во Сојузот на синдикатите на Македонија по 18. конгрес од октомври 2010 година, направивме низа чекори и активности кои за прв пат започнавме да ги применуваме. Еден од нив е креирањето на минималната, така наречена синдикална кошничка за четиричленото семејство. Тоа е комплекс од низа давачки кои во моментот изнесуваат над 32.000 денари. Оваа кошничка  јас би рекол е совеста на социјалната правда кон која треба да тежнее државата и социјалните партнери. Таа треба да биде патоказ  кон која треба да се стремиме и да се бориме да биде реална и применлива.

Сојузот на синдикатите на Македонија е единствениот во чии рамки е отворена Канцеларија за мобинг. Какви се резултатите од нејзината досегашна работа и колку работниците во Македонија се изложени на мобинг?

- Анкетите на Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот на финансиските работници на Македонија (СФДМ) покажаа дека кај 48 проценти од испитаниците  има појава на мобинг. Во средините каде што се вршеше испитувањето, тоа беше загрижувачко, а ако се има во предвид дека постоечката рагулатива од Законот за работни односи само со еден член посветен на ова прашање беше основа да поведеме кампања  во мај за донесување на нов Закон за забрана од психички вознемирувања или МОБИНГ. Истовремено отворивме и активна анти-мобинг канцеларија која редовно нудеше наши услуги. Со кампањата започната за мај и канцеларијата ја подигнавме свеста кон ова прашање, ја обезбедивме непосредната правна, психолошка и друга заштита и на задоволство на сите очекуваме по завршување на работата на работните групи формирани од Економско социјалниот совет кои го разгледуваа текстот понуден од Сојузот на синдикатите на Македонија идната година да биде донесен овој Закон, исто така прв пат во историјата на Република Македонија. Инаку, во текот на годината имавме над 150 предмети каде што наши членови добија стручна помош и услуги.

Неколкупати досега различни здруженија ве повикуваа да заземете став за одредени прашања поврзани со поскапувањата. Колку во тие моменти синдикатот остана доследен на својата политика?

- И покрај тоа што некои здуженија не повикуваа да заземеме одреден став по однос на поскапувањата, јас одговорно тврдам дека Сојузот на синдикатите на Македонија прв во Република Македонија излезе со ставови околу поскапувањата и работата на Регулаторната комисија. Тоа беше и јавно и транспарентно пропратено на средбата од 1-ви февруари на почетокот од 2012 година. Ние јасно и тогаш се деклариравме дека наша стратешка определба е животниот и социјалниот стандард. Нашите ставови беа далеку порано и пред АМАН и пред „Изгор приватизација“. Уште тогаш зборувавме за евтината тарифа. Сите овие здруженија се огласија доста покасно од нас. Нашите ставови беа објавени и на 7 и 21 август, а на 31 август беше објавена и нашата  Платформа за поскапувањето на енергенсите. Јас и тогаш, а и сега повторувам, дека Сојузот на синдикатите на Македонија  води своја автентична синдикална политика изградена врз ставовите на 18 грански синдикати здружени во Сојузот на синдикатите на Македонија, па од таму разните прозивки и обиди да бидеме втурнати во политички сценарија и интриги јавно ги одбивавме и отфрлавме. На 18 конгрес ја потврдивме нашата независна, непартиска позиција, па оттаму времето кога често пати ССМ беше втурнато во политички поддршки и дејствувања, често пати и без изграден консензус или манифестирано од еден човек, за нас е одамна завршено. Тоа секако на политичките структури треба да им е јасно, а за тоа во Сојузот на синдикатите на Македонија имаме консензус.  Што се однесува и до конкурентниот придонес што за жал се заборава е реализација на нашите барања и проширувањето и зголемувањето на висината на надоместокот за енергетската сиромаштија.

Околу правната помош што ССМ  им ја овозможува на своите членови – дали постојат промени во бројот и предметите на обраќањата на работниците?

img_4100813397- Бројот  на обраќањата и бројот на предметите факт е дека бележи намалување. Ние во Сојузот на синдикатите на Македонија двапати годишно правиме генерална анализа на овие прашања, а подготвуваме и месечни извештаи по синдикалните претставништва во градовите низ Република Македонија. Превентивното делување,  евиденцијата на членството, донесувањето на Законот за минимална плата и измените во Законот за работни односи придонесоа овој број на предмети да се намали. Свесноста на синдикатот, неговото постоење, ратификацијата на низа темелни конвенции придонесе и бројот на предмети по однос на остварување од 227 во 2011  да се намали на 161 во 2012 година. Инаку, вкупно минатата година имавме 2.789 обраќања, со 1.551 совет, 112 приговори, 181 тужбени барања и водени 156 расправи. Во Сојузот на синдикатите на Македонија имаме добро организирана правна помош која е бесплатна, а преку неа, но и преку преговарањето со работодавачите, настојуваме да ги заштитиме нашите членови, но и да ја подобриме нивната проговарачка позиција.

Кои ќе бидат приоритетите на Вас како претседател и на Синдикатот во 2013 година?

- Приоритетите произлегуваат од нашите програмски насоки, но сигурно на врвот ќе бидат потпишувањата на колективните договори, докажувањето на репрезентативноста кое треба да биде повторно во 2013 година, решавање на статусот на работниците од претпријатијата загубари, донесувањето на zаконот за мобинг и секако прво потпишувањето на Колективниот договор во јавниот сектор.

Билјана Анастасова - Костиќ

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc