ПОТПИШАН КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ЗА ХЕМИСКА ИНДУСТРИЈА

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија Синдикатот за хемија, неметали и метали и Здружението на работодавачите од хемиската индустрија на Организацијата на работодавачи го потпишаа Колективниот договор за хемиска индустрија.
Претседателот на ССМ д-р Живко Митревски на денешната средба истакна дека потпишувањето на договорот е во духот на определбата на социјалните партнери за создавање општество со уреден социјален дијалог. Се продолжува циклусот на колективното преговарање и договарање, со што се потполнуваат правните празнини во Законот за работни односи и во другите закони. Целта на колективното договарање е да се утврди рамка која ќе ги спречи евентуалните конфликти во претпријатијата, да се уредат постапките при спорови и воопшто да се создава нормална атмосфера во работните средини.
Зоран Мироновски, претседател на Синдикатот за хемија, неметали и метали, рече дека е чест годината да се започне со потпишување на колективен договор. Мироновски потсети дека се внесени сите промени од Законот за работни односи, додека во Општиот колективен договор и понатаму во гранските колективни договори е можно проширување на работничките права. Со еден збор, правата во колективните договори можат да бидат поголеми од оние во законите, но во никој случај помали.
Синдикатот и работодавачите докажуваат дека се сериозни социјални партнери, објасни Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи. Со ова на Владата и покажуваме дека сме вистински репрезентативни социјални партнери и дека знаеме да преговараме и да склучуваме колективни договори.
На денешната средба учесниците исто така ја истакна потребата од формирање соодветни здруженија во ОРМ, со цел да продолжи процесот на донесување колективни договори.