СЕДМА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ССМ
17.12.2012
Денес се одржа Седмата седница на Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија. На седницата се расправаше за склучените колективни договори на ниво на гранка и на работодавач, за правната заштита во изминатиот период и други прашања.
Претседателот Живко Митревски информираше за стореното во изминатиот период и за задачите во претстојната година. Тој нагласи дека меѓу другите постигнувања е најавеното усвојување на Законот за мобинг, кој го изготви ССМ, постигнатата законска забрана за дискриминација на бремените жени, добивањето репрезентативност на АГРО Синдикатот за водстопанството, склучувањето на Колективен договор за енергетика за првпат во оваа област и друго.
Остварувањето и постојаното проширување и продлабочување на социјалниот дијалог, преку колективното преговарање и склучување на колективни договори на сите нивоа, за Сојузот на синдикатите на Македонија е примарна задача, бидејки истото придонесува за подобрување на работноправната положба на работниците и јакнење на нивната економско - социјална положба. Преку колективните договори се отвараат многу поголеми можности за предлагање и уредување на многу позитивни мерки и решенија за работникот, но и за работодавачот, изјави претседателот Живко Митревски..
На седницата е усвоена Информацијата за пружената правна заштита, според која во периодот јануари – јуни 2012 година се евидентирани 2.789 обраќања за заштита на правата од работен однос.
Советниците исто така заклучија дека ССМ, како и досега, дава солидарна поддршка на штрајкувачите од “ОХИС“. За можни решенија за вработените во “ОХИС“ и во другите загубари ќе се отвори прашање на наредната седница на Економско – социјалниот совет.