ЖЕНИТЕ ОД ГРАДЕЖНИШТВОТО И ШУМАРСТВОТО ГО ОДБЕЛЕЖАА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
10.12.2012
Денес во ССМ се одржа Конференцијата “Денес и секогаш – достојна работа за жените“, која ја организираа секциите на жени при Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) и на Синдикатот на работниците од шумарството, дрвна индустрија и енергетика го одбележаа 10 декември, Светскиот ден за човекови права.
Во исто време и на иста тема конференции синхронизирано одржуваат 14 синдикати од шест земји во регионот: синдикатите за градежништво и шумарство од Македонија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.
На конференцијата зборуваше Благуна Стојковска, генерален секретар на СГИП, која истакна дека целта на конференцијата и на сите активности на синдикатите е да се сочува достоинството на жените работнички. Во градежништвото во Македонија 20 отсто од вработените се жени, воглавно ангажирани на административно технички места, слично е и со 177 жени во шумарството и дрвната индустрија, со тоа што помал број жени извршуваат оперативни работи на терен или во фабрички хали.
Жените се соочуваат со дискриминација на повеќе начини, како самото вработување, каде работодавачите нагласуваат дека бараат исклучително мажи, потоа вработување на определено време, ангажирање со скратено работно време, а честа е практиката жената да има помала плата за исти работни обврски. Работодавачите често ги заобиколуваат прописите и колективните договори, иако во Законот за работни односи и во колективните договори дискриминацијата е забранета и жените се заштитени за ноќната работа, додека посебни одредби постојат за бремените жени.
Стојковска информираше за активностите на синдикатите за вклучувањето на жените во синдикалното движење. Во 2011 година се спроведоа кампањи за едукацијата (“Жена – работничка – синдикалка – домаќинка“) и за информираноста (“Почитувана жена – здрава мајка – столб за развој на општеството“), додека во 2012 година за мобингот (“Улогата на жената и нејзината способност во услови на економска криза“).
Претседателот на СГИП Павел Трендафилов изјави дека не може да има достоинство во услови на голема невработеност и на осиромашена работничка класа. Трендафилов исто така ги повика жените на поголема активност и вклученост во синдикалното движење.