СООПШТЕНИЕ ЗА БЛОКИРАЊЕТО НА СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта
8.12.2012
Поради неработењето на Собраниската комисија за труд и социјална политика неколку закони од социјална сфера се блокирани.

Во тој правец Сојузот на синдикатите на Македонија упатува повик до политичките партии да престанат со политичките игри на сметка на граѓаните и на остварувањето на нивните социјални права и на правата на работниците.  Комисијата за труд и социјална политика треба да е поттикнувач, а не кочничар на овие процеси.

Информираме дека за неработењето на Комисијата за труд имаме бројни обраќања и барања на нашите членови.

Деновиве сите сме сведоци на штетно одолговлекување и свесно создавање хаос во Парламентот, при што најдебелиот крај го извлекуваат работниците, пензионерите и корисниците на социјални права.

Кочењето на Комисијата за труд и социјална политика оневозможува донесување редица законски решенија, од чија имплементација корист имаат граѓаните на Република Македонија, на кои треба да се подобри нивниот социоекономски статус и состојбата во која се наоѓаат.

Како организација која е задолжена да ги штити и унапредува работничките права, особено не загрижува фактот што се уште не се усвојуваат предложените измени во Законот за работни односи, со кои се предвидува забрана на сите облици на дискриминација на жените, при интервјуа за работен ангажман, вклучувајќи го и откажувањето на договорот за вработување на жените кои се веќе работно ангажирани и кои се наоѓаат во состојба на бременост.

За жал, и после целонеделната преписка претседателката на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието и понатаму не размислува да ја откочи нејзината работа и да закаже седница на која предложените законски измени ќе бидат усвоени.

Сојузот на синдикатите на Македонија со Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија потпиша Меморандум за соработка. Покрај тоа, двете организации, една на активните трудбеници, а другата на ветераните на трудот, имаат многу допирни точки и блиски цели, а тоа во прв ре е подобрување на социоекономската положба на сите граѓани. Оттаму ние ги поддржуваме пензионерите во нивните обиди за подобрување на нивниот стандард.

Апелираме во најскоро време да се изнајде решение со која г-ѓа Иванова ќе ја одблокира работата на Комисијата и ќе свика седница на која овие измени ќе бидат усвоени, а тоа е во интерес на сите засегнати страни. Доколку таа не изнајде решение бараме тоа да го стори претседателот на Собранието кој не смее да дозволи кршење на Деловникот.

Во време кога постигнуваме значителен напредок во делот на работничките права бараме да се обезбеди апсолутен политички консензус по однос на ова прашање, бидејќи само така ќе успееме да ги приближиме нашите закони со оние со европски предзнак, а веруваме тоа е во интерес на Република Македонија, како држава со европски афинитети.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc