ОБРАЌАЊЕ НА ССМ ДО ВЛАДАТА ПО ПОВОД ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА АКЦИЈА И СОЛИДАРНОСТ
14.11.2012По повод 14 ноември – Денот на акција и солидарност на Европската конфедерација на синдикати, според Социјалниот договор на Европа, Сојузот на синдикатите на Македонија ги поддржува синдикатите од другите земји во Европа и искажува поддршка на синдикалните акции и активности чија цел е обезбедување работни и животни услови, достојни за работниците и граѓаните.
На овој ден, синдикатите од Европа се мобилизираат и солидаризираат и силно се спротивставуваат на мерките на владите кои водат кон економска стагнација, рецесија и натамошно нарушување на европскиот социјален модел и создавање социјална нерамнотежа и неправедност.
Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со синдикатите од државите од Европа настојува да се градат економски политики врз основа на прифатените трудови стандарди, што води кон економски раст и стабилност, зголемување на вработеноста, социјален напредок, заштита и унапредување на квалитетот на работата и животната средина.
Суштината на одржливиот развој на европските интеграции, синдикатите ја гледаат во донесувањето и поддршката на проекти кои се засноваат врз европскиот социјален модел и чија цел е економски и социјален напредок со почитување на социјалното партнерство и колективното преговарање и договарање.
Ширум Европа, во услови на пазарна економија која отвора широк простор за конкуренција, како и светската економска криза, сé повеќе наидува на отпор кај работниците и граѓаните отсуството на координација на економските политики и минималните трудови стандарди и примена на мерки на штета на работниците, преку укинување на работните места, зголемување на невработеноста, што особено ја погодува младата популација, потоа даночната политика, социјалните услови, намалување на платите и придонесите од плата, зголемување на цените на основните животни потреби, што сето влијае врз опаѓањето на животниот стандард на работниците и граѓаните.
Сојузот на синдикатите на Македонија апелира до Владата на Република Македонија приоритетно место во водењето на економско-социјалната политика да му дава на унапредување на животниот стандард на работниците и граѓаните, да презема такви мерки кои нема да се одразат на материјално-социјалната положба на работниците и граѓаните. За таа цел, ССМ смета дека и натаму Владата на РМ треба да го развива и практикува социјалниот дијалог како на национално ниво, така и да го поттикнува и поддржува започнатиот процесот на воспоставување механизми на социјален дијалог на локално ниво и на ниво на претпријатие.
Во своите активности, ССМ преку Економско-социјалниот совет и учество во работата на собраниските комисии иницира усвојување на конвенциите на Меѓународната организација на трудот значајни за трудовите и социјални односи и нивна имплементација во македонското законодавство. На иницијатива на ССМ, во 2012 година, Собранието на Република Македонија ратификуваше четири конвенции на МОТ: Конвенцијата за вршење работа дома, Конвенцијата за промотивна рамка за безбедност и здравје при работа, Конвенцијата за заштита од мајчинството и Конвенцијата за приватни агенции за вработување. На иницијатива на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија, членка на ССМ, во 2010 година е ратификувана Конвенцијата на МОТ број 94, која ги регулира социјалните клаузули во јавните набавки и е значајна за елиминирање на работните услови под стандардите, посебно во однос на праведноста во исплатата на платите, работното време, безбедност и здравје при работа.
Во октомври 2012 година, ССМ пред Економско-социјалниот совет поднесе Предлог за отпочнување на постапка за ратификација на конвенциите на Меѓународната организација на трудот: Конвенција број 150 за администрација на трудот од 1978 година, Конвенција број 151 за работни односи (јавна служба) од 1978 година, Конвенција број 154 за колективно договарање од 1981 година и Препорака за работните односи во јавните служби.
ССМ ги поддржува сите дејства во насока на унапредување на правата на работниците и нивниот работно-правен статус. Во таа насока дава целосна поддршка на Министерството за труд и социјална политика по поднесениот Предлог-Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи кои се поврзани со решенијата во Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за еднакви можности на мажите и жените, а кои се однесуваат на забрана на дискриминацијата на жените работнички поради бременост и родителство, со што дополнително се зајакнува заштитата на жените од овој облик на дискриминација. Свои мислења и ставови, ССМ изнесе и во врска со предлозите на Организацијата на ратодавачи на Македонија за измени на Законот за работните односи. ССМ поднесе и Иницијатива за носење на Закон за мобинг и понуди Предлог-текст на законот. Иницијативата е разгледана и прифатена од Економско – социјалниот совет. Владата на РМ ќе понуди текст на закон за мобинг, користејќи го и предлог-текстот што беше изготвен од ССМ и предвидува дека истиот ќе биде донесен во рок од 3 месеци.
За овие активности, ССМ добива безрезервна поддршка од Меѓународната организација на трудот и меѓународните синдикални организации.
Со почитување на вредностите на европските и меѓународни трудови стандарди и основните човекови права, имплементирани во македонскиот Устав и законите, нашата држава сигурно напредува во остварувањето на целта за одржлив економски раст и социјална кохезија, што е и основниот предуслов за општ општествен прогрес и европски интеграции.
Претседател
Д-р Живко Митревски