ТРКАЛЕЗНА МАСА ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА МОБИНГ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

19.06.2012

Лилјана Поповска изјави дека сега е вистинскиот момент за усвојување посебен закон
Лилјана Поповска изјави дека сега е вистинскиот момент за усвојување посебен закон

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа Тркалезната маса за Предлог закон за заштита од мобинг. Тоа е завршен собир на Иницијативата на ССМ, која официјално започна на Први мај оваа година, иако активностите околу мобингот траат две години.

Пред одржувањето на тркалезната маса претседателот д-р Живко Митревски изјави дека ССМ ја заокружува Иницијативата и дека следниот чекор е доставување на Предлог законот до Економско – социјалниот совет и до Владата. Наша оценка е дека во Република Македонија постои реална потреба од постоење на еден ваков посебен закон, што го докажува и спроведената анкета и резултатите од работењето на Канцеларијата за помош и едукација на жртвите од мобинг. Досега организиравме повеќе средби и стручни советувања, како и обуки, преку кои создадовме една кадровска база за помош на работниците. Со овој закон исто така се приближуваме кон европските стандарди и ја приближуваме Република Македонија кон Европската Унија.

На прашањето на новинарите дали новиот закон ќе ги заштити работниците од психички малтретирања Митревски одговори дека текстот на законот дава одговори на најбитните прашања, на постапките и на сите други аспекти врзани за заштитата од психичко вознемирување во работните средини. Митревски исто така најави инцијатива за конституирање посебно тело кое ќе ги следи сите  состојби околу мобингот во земјава.

На собирот беше присутна пратеничката Лилјана Поповска, која беше иницијатор на воведување на одредби за заштита од мобинг во Законот за работни односи во 2010 година. Сега е момент да се усвои посебен закон, затоа што после две години можеме да установиме нови моменти во оваа материја, во правец на обемноста на појавата, начинот на манифестирање на мобингот и другите аспекти.

 

Професорот Тодор Каламатиев даде совети за некои содржини на предложениот текст
Професорот Тодор Каламатиев даде совети за некои содржини на предложениот текст

Професорот и продекан на Правниот факултет “Јустинијан Први“ д-р Тодор Каламатиев, изнесе повеќе совети во однос на предлог текстот на законот. Меѓу другото Каламатиев нагласи дека предложениот закон треба да се усогласи, односно да биде соодветен со Законот за работни односи.

Гоце Селовски, претседател на Синдикатот на финансиски дејности, инаку промотор и носител на Регионалниот проект за безбедност и здравје, во кои беа вклучени Македонија, Србија, Црна Гора и Хрватска, како и на другите активности околу заштитата од мобинг, ги презентираше досегашните активности на Канцеларијата за помош и едукација на жртвите од мобинг и на резултатите од спроведената анкета. Познато е дека Канцеларијата постои од крајот на 2010 година и досега се обработени околу 200 предмети. Според анкетата, спроведена врз 1.174 испитаници, над 40 отсто од анкетираните лица изјавиле дека се жртви на мобинг. (Резултатите од анкетата и од работењето на Канцеларијата за помош од мобинг се комплетно објавени на истиов портал).

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc