ПРИВРШУВА УСОГЛАСУВАЊЕТО ЗА ОПШТИОТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ЈАВНИОТ СЕКТОР

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

За јавниот сектор се репрезентативни двата синдикати
За јавниот сектор се репрезентативни двата синдикати

27.05.2012
Останаа да се усогласат уште пет до шест проценти од вкупната содржина на Колективниот договор за јавниот сектор. Очекуваме кон крајот на месец јуни Коплективниот договор да биде потпишан, после што може да оди следната фаза на усогласување на гранските колективни договори.

Ова денес за медиумите го изјавија социјалните партнери - Владата, односно Министерството за труд и социјална политика, Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати  - после денешната работна средба во МТСП.

ССМ го претставуваа претседателот Живко Митревски, претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Тихомир Климоски.

Министерот Спиро Ристовски изјави дека со измените на законите се јави потреба од усогласување на Колективниот договор за јавниот сектор. Во прв ред тоа се Законот за работни односи, посебно на членот 216, Законот за минимална плата, но и други прописи од трудовата област. Се уште функционираме по постојниот договор, кој е потпишан во 2008 година, значи пред четири години. Со новиот договор се добива целосна покриеност на правата и обврските на вработените и на работодавачите, поефикасно решавање на работните спорови и други предности – изјави министерот Спиро Ристовски.

За ССМ е значајно што е репрезентативен синдикат и што е потписник и партнер во Колективниот договор, затоа што во 2008 година не учествувавме во попишувањето. Посебно е значајно што колективниот договор се потпишува во време на криза, така што докажуваме дека се рсепектираат сите страни потписнички и што социјалниот дијалог функционира и во денешните тешки околности – информира претседателот на ССМ Живко Митревски.

Претседателот на КСС Раско Мишкоски исто така рече дека финиширањето на колективниот договор е резултат на тоа што социјалниот дијалог е подигнат на повисоко ниво.

Медиумите беа информирани дека постоеја правни празнини, околу прашањето кои јавни претпријатија или акционерски друштва ќе бидат опфатени со колективниот договор. Имено, јавните претпријатија и акционерските друштва кои не се финансирани директно од буџетот, туку се самофинансираат, ќе бидат опфатени во Општиот колективен договор за приватниот сектор.

Разрешена е и друга дилема, дали колективниот договор ќе важи само за членовите на синдикатите. Имено, новиот договор ќе ги покрива сите вработени, без разлика дали се членови на синдикатите. Со новиот договор исто така ќе се утврдат надоместоците кои сега не се опфатени. Се утврдуваат правата за време на штрајк, односно за времето на штрајкувањето нема да се смета плата, туку само надоместоците, како што е регулирано во Европската Унија.

Министерството и синдикатите информираа дека договорот секако треба да биде утврден и потпишан пред усвојувањето на буџетот на Република Македонија во месец септември.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc