РАБОТИЛНИЦА ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ НА ПРОЕКТОТ “ЕСВОНЅ“
10.05.2012

Денес во ССМ се одржува работилницата “Улогата на претставниците на работниците за безбедност и здравје во имплементацијата на Законот за бесбедност и здравје“. Предавачи се Тодор Каламатиев, професор на Правниот факултет “Јустинијан Први“, чија тема е “БЗР – основно трудово право“, Џеф Бриџфорд, поранешен директор на Европскиот синдикален колеџ, кој зборува на тема “БЗР на работното место – можност за синдикатите“ и инспекторката Слаѓана Андоновска од Министерството за труд и социјална политика, која ќе ја објасни улогата на претставниците за БЗР во имплементацијата на Законот за БЗР.
Обуката е дел од проектот ЕСВОНЅ – Европски мостови на соработка за безбедност и здравје, во чија рамка досега во Македонија и во други земји се одржаа неколку советувања и тркалезни маси.
Претседателот на ССМ Живко Митревски, во изјавата за медиумите, посебно истакна дека проектот е поддржан од Европската Унија и дека обуката се вклопува во вкупните напори на ССМ за имплементација на европското законодавство во Македонија.
Митревски изјави дека во некоја рака ССМ објавува војна на лошите услови за работа и дека БЗР е една од основните стратешки цели на ССМ. Нема ништо поважно од животот на луѓето и затоа вложуваме максимално внимание на создавањето безбедни и здрави услови за работа. Овој европски проект е исклучително значаен, посебно во однос на тековната глобална економска криза. Нашата цел е да развиеме нови инструменти за БЗР, во прв ред да ги едуцираме нашите членови, кои треба да излегуваат на терен, а паралелно треба да се формираат комисии.
Џеф Бриџфорд рече дека многу животи во светот се губат поради недоволна грижа за безбедноста. БЗР е обврска на работодавачите и на синдикатите и од подобрувањето на безбедноста добиваат сите страни. Нашата цел е да се подигне свеста кај работодавачите за користа од условите за работа.
Состојбите се различни, но во секоја земја постои потреба од подобрување на условите, нагласи Бриџфорд, кој како позитивен пример ја посочи Финска. Секако потребна е соодветна обука на синдикалците, додека за понатамошно развивање на системот треба да се знаат постојните капацитети.