НА ПРВОМАЈСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ПРОМОВИРАНА КАМПАЊАТА ЗА ЗАКОН ЗА МОБИНГ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

30.04.2010

Министерот Спиро Ристовски на денешната Конференција: Владата ќе го анализира предложениот закон
Министерот Спиро Ристовски на денешната Конференција: Владата ќе го анализира предложениот закон
“Оваа година Сојузот на синдикатите на Македонија Меѓународниот ден на трудот први мај одлучи да го одбележи со одржување конференција посветена на заштитата на човековото достоинство преку спречување на психичкото вознемирување на работното место. По тој повод денес покренуваме иницијатива за донесување посебен закон за заштита од мобинг.
Ова е дел од излагањето на претседателот на ССМ Живко Митревски на денешната конференција “Да го заштитиме човековото достоинство со донесување закон за заштита од мобинг“, која се одржува по повод Први мај.

 

Пред одржувањето на конференцијата претседателот Митревски и министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски дадоа изјави за медиумите, во кои се осврнаа на сработеното во минатиот период и за задачите во иднина. Претседателот Живко Митревски рече дека ССМ одлучи празникот да го одбележи работно, како во изминатите две години, кога беа започнати и исполнети касмпањите за зачленување и за минимална плата.

Во рамките на новата стратегија на работа сметаме на соработката и заедничкото дејствување на социјалните партнери. Учествуваме до подготовката на повеќе закони, усвоени се клучни меѓународни конвенции, отворен е пактот за работничка партиципација, учествуваме во повеќе национални тела и совети, почнавме процес на приближување на синдикалните организации. Заедничка цел на социјалните партнери е зачувување на достоинството на трудот во Република Македонија и во тој правец пред сите нас, синдикатите, Владата, работодавачите и другите субјекти, постои општествена одговорност, изјави Живко Митревски.

Министерот Спиро Ристовски рече: Доста сработивме, но има уште многу да се работи. Финална цел на Владата и на социјалните партнери е да постигнеме достоинствен живот на граѓаните. Му придаваме огромно значење на социјалниот дијалог и оттаму ниедна идеја не е отфрлена, ниту прифатена, без консултации со социјалните партнери. Така веруваме дека ќе има место за предложениот закон, секако откако ќе се обработи и ќе се анализира во службите во Владата. Моментно постои законска рамка за мобингот, додека земени се во предвид состојбите во соседните земји, како во Хрватска, Србија и Црна Гора.

Во продолжение пренесуваме извадоци од излагањето на претседателот Митревски.

“Во изготвувањето на текстот учествуваа повеќе субјекти од ССМ, меѓу кои Секцијата на жени, Синдикатот на финансиски дејности преку проектот „Антимобинг мрежа – МК“, Канцеларијата за помош и едукација на жртвите од мобинг и други.

Зошто ја покренуваме Иницијативата? ССМ посебно се залага за остварување на правото за здрава и безбедна работна средина, што подразбира заштита од психичкиот притисок, малтретирањата, омаловажувањата, што се појави познати како мобинг. За жал, во нашата држава мобингот станува се поактуелна, позачестена и помасовна појава. За се поголемиот замав на мобингот говорат се побројните обраќања, поплаки и барања за помош од вработените, кои се членови на синдикатите здружени во ССМ. Мобингот има негативно последици по физичкото и менталното здравје, што го нарушува нормалниот тек на работата и животот на вработените и нивните семејства, додека има многу правни и финансиски последици во вкупното општествено живеење.
Од овие причини ССМ покренува Иницијатива и очекува да се придружат други субјекти. Кампањата вклучува стручни трибини и други собири, со цел да се добие јасен, прецизен и применлив закон.
ССМ и досега имаше повеќе активности околу мобингот, како семинари, работилници и други едукативни активности, додека со поддршка на Фондацијата “Фридрих Еберт“ се отпечатени флаери и прирачник.

Текстот на предложениот закон содржи седум дела. Во првиот се целта на законот, основните одредби, дефиниција и видови на мобинг, вршителите на мобинг; о вториот правата и обврските на работодавачот и работникот; во третиот постапката за заштита, правото на заштита, превентивните мерки пред покренувањето постапка, водење на постапката за посредување, мерки против мобингот; во четвртиот е судската заштита; во петтиот надзорот на Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд; во шестиот прекршочните одредби, со глоби за повредите; во седмиот се преодните и завршните одредби.

Текстот на законот ќе биде доставен до Економско – социјалниот совет, Министерството за труд и социјална политика и до Владата. ССМ ќе инсистира на конституирање на посебно тело, со посебна програма за сузбивање на мобингот, респектирање на синдикалниот претставник и претставникот за безбедност и здравје, континуирани кампањи од образовен и информативен карактер, како и државна стратегија за сузбивање на мобингот и пружање заштита на жртвите на мобинг. “

На Конференцијата од страна на Гоце Селовски, претседател на Синдикатот на финансиски дејности, беа презентирани резултатите од анкетата спроведена на целата територија на државата, што се аргументи за “Предлог законот за спречување на психички притисок на работното место – мобинг“, додека Емилија Угриновска, член на Проектниот тим на Канцеларијата за помош на жртвите од мобинг, ги изнесе анализите од работењето на Канцеларијата.

Конференцијата ја поздравија Елизабета Гелевска, претседател на Секцијата на жени при ССМ, Миле Бошков, претседател на Бизнис заедницата на Македонија, Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и други, почесниот претседател на СОНК Дојчин Цветановски и претседателот на СОНК Јаким Неделковски и други.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc