МИНИМАЛНАТА ПЛАТА Е ЧЕКОР НАПРЕД ВО ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛНИОТ ЖИВОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

2.03.201

Од конференцијата – новиот закон ќе придонесе за намалување на нееднаквоста на платите
Од конференцијата – новиот закон ќе придонесе за намалување на нееднаквоста на платите

Потребно е да се измерат ефектите, потоа да се лоцираат недостатоците, да се потполнат празнините, но во основа законското регулирање на минималната плата е чекор напред во економско – социјалниот живот во Република Македонија.

Ова е општиот заклучок од денешната Конференција “Минимална плата и простојна работа во Македонија“, што се одржа денес на Скопскиот саем. Конференцијата се одржа со помош на Европската Унија, додека ја организираа Фондацијата “Фридрих Еберт“, Интернационалниот центар “Улоф Палме“, организациите “Солидар“ и “Прогрес институтот за социјална демократија“.

На првата панел дискусија, “Дали минималната плата ќе овозможи пристоен живот во Република Македонија?“ скоро сите дискутанти го поддржаа законското регулирање на минималната плата. Имено, познато е дека социјалните партнери склучија договор за одредување минимална плата на 1 октомври 2011 година, додека Законот за минимална плата почна да се применува од почетокот на 2012 година. Нето платата е одредена на 8.050 денари, додека бруто на 12.265 денари.

Марјанчо Николов, претседавач на Собраниската комисија за финансии и буџет, истакна дека казните од 7.000 евра за работодавачите можат да имаат негативен ефект. Во тие случаи цехот пак ќе падне на товарот на работниците, или пак работодавачоте ќе го намали бројот на вработени. Друга слабост е периодот од три години адаптација за текстилната, кожарската и чевларската индустрија.

Драган Тевдовски од Економскиот факултет на Универзитетот “Кирил и Методиј“ рече дека има и позитивни и негативни последици, но дека тој го поддржува постоењето на категоријата минимална плата. Клучни се две прашања – што кажува стручната литература и дали минималната плата ќе овозможи попристоен живот.

Прво, се намалува нееднаквоста на приходите, второ, се намалува сиромаштијата, трето, се оневозможуваат можните злоупотреби, четврто, се зголемува продуктивноста, петто, се создава мотив кај работодавачите да инвестираат во продуктивност, шесто, се намалуваат разликите во платите кај мажите и жените. Слабоста е во ризикот еден број работници да ја изгубат работата, во случаите кога работодавачите не можат да ги обезбедат минималните плати.

На панел дискусијата неколку пати како проблем се спомена контролата на платите. За контрола е надлежна трудовата инспекција и тоа е веројатно еден недостаток што треба да се исправува, беше кажано на дискусијата.

После два месеци од стапувањето на законот на сила треба сите да видиме како ќе функционира новиот систем, изјави Лилјана Јанкуловска од ССМ. Меѓутоа, без оглед на позитивните и негативните страни, кои секако накнадно ќе анализираат, за ССМ е клучно што во Македонија се воведе нова категорија, која ќе ја подобри социјалната положба на работниците. Според нашите податоци минатата година 6.572 работници примале плата до 3.000 денари, 16.769 имале плата од 3.000 до 5.000 денари, додека над 60.000 работници имале плати од 5.000 до 8.000 денари. Тоа значи дека на над 80.000 лица со закон ќе им се подобри материјалната положба.

Далеку од тоа дека ССМ е задоволен од износот на минималната плата, но за нас е најважно што успеавме, со другите синдикални организации, со работодавачите и Владата, да се донесе посебен закон, кој е првиот чекор. Вториот чекор се колективните договори, затоа што според законот во рок од шест месеци колективните договори треба да се менуваат, објасни Јанкуловска.

Мила Цареска од Македонската платформа против сиромаштијата, која обединува 40 невладини организации чија агенда е социјалната исклученост, зборуваше за европските стандарди и нивната примена во македонската легислатива.

Во вториот дел на конференцијата се одржа панел дискусија “Во какви услови се работи во Македонија?“, на која зборуваа претставници од Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, Здружението за заштита при работа, Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc