НАСКОРО ВО БИТОЛА ЌЕ СЕ ОСНОВА ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКО - СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ
20.02.2012
Според Силвана Ангелевска, претседател на Советот на општина Битола, идејата се базира на претходното искуство од други земји, каде функционираат вакви локални економско - социјални совети. Со помош на УСАИД се отворени кариерните центри во неколку училишта и во Агенцијата за вработување. Овој предлог значи подобрување на комуникацијата межу трите страни - општината, синдикатите и работодавачите.
Ангелевска за медиумите изјави дека сега се одвива фазата на донесување на ингеренциите, додека одлуката ќе се разгледува на ниво на комисии. Бројот на членови е варијабилен, но ќе има тројца претставници од општината и општинската администрација, тројца од синдикатот и тројца работодавачи.
Според најавите ЛЕЕС ќе ги следи прашањата поврзани со вработувањето на младите, зајакнување на врските на пазарот на трудот, ќе учествува во креирањето на заедничките иницијативи за прашањата во надлежност на локалната самоуправа, ќе ја следи и ќе ја оценува локалната политика и нејзиното влијание врз стандардот, ќе дава свои мислења и предлози за одредени проблеми.
Со овој проект Битола ќе стане четвртиот град во Македонија со локален економско - социјален совет, покрај Куманово, Кавадарци и Струмица. Во локалните економско - социјални совети учествуваат девет претставници, по тројца од локалната власт, синдикатите и работодавачите. По потреба и во зависност од природата на проблемот на консултации се повикуваат стручњаци, невладини организации и други организации.
ССМ и УСАИД тесно соработуваат во основањето на локални економско - социјални совети. Според предвидената агенда локални совети треба да се основаат во вкупно девет градови во Република Македонија.