СРЕДБА СО ЗДРУЖЕНИЈАТА НА СТЕЧАЈЦИТЕ
8.02.2012

Здруженијата на стечајни работници нудат свој Предлог Закон за решавање на проблемот на стечајните и технолошки вишок работници. На денешната средба со секретарот на Советот на ССМ Анѓелко Анѓелковски беше спомената можноста за Предлог Законот што го нудат здруженијата да се разговара во Економско – социјалниот совет.
На средбата исто така е договорено Предлог Законот да биде разгледан во ССМ за проверка и евентуални интервенции и дополнување.
Според правниот систем закон може да биде предложен од Владата, еден пратеник или со 10.000 потписи.
Секретарот Анѓелко Анѓелковски во разговорот со претставниците на здруженијата “Страв“ од Велес, “УНИТ“ од Куманово и “Народен глас“ од Битола истакна дека е многу битно здруженијата, кои ги има повеќе, да ги усогласат нивните барања.
После средбата претставниците на стечајците одржаа конференција за печат, на платото пред зградата на ССМ, на која Томислав Крстиќ од здружението “Страв“ изјави дека здруженијата имаат за цел проблемот да биде решен по легален пат, преку институциите на системот.
Томислав Крстиќ на пресот изјави дека за околу 6.000 стечајни и технолошки вишок работници се потребни 8,2 милиони евра годишно за решавање на надоместок за стечајните работници. Ако се одземат сегашните средства за социјална помош сумата изнесува 6,6 милиони евра, што е 0,24 отсто од буџетот.