СИНДИКАТИТЕ ПРОТИВ ЗЛОУПОТРЕБИТЕ НА ТЕХНОЛОШКИОТ ВИШОК, НО И ЗА ИЗЗЕМАЊЕ НА ЛИЦАТА КОИ БЕЗ НИВНА ВИНА ОСТАНУВААТ БЕЗ РАБОТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта
На Десеттата седница на ЕСС синдикатите побараа да не се ставаат сите корисници на надоместок во ист кош
На Десеттата седница на ЕСС синдикатите побараа да не се ставаат сите корисници на надоместок во ист кош

Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати ги поддржуваат намерите на Владата да се спречат злоупотребите на Законот за осигурување во случај на невработеност. Меѓутоа, сметаат дека треба да се заштитат, односно да се изземат, оние категории работници кои остануваат без работа не по своја вина, или лицата кои се вистински технолошки вишок.

Ова синдикатите го соопштија на денешната Десетта седница на Економско – социјалниот совет, на која се расправаше за Предлог – законот за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Имено, во Предлог – законот се предвидува намалување на периодот од пет години за паричниот надоместок.

Во принцип ние сме против поголеми рестрикции на работничките права, истакна претседателот на ССМ Живко Митревски. Ја поздравуваме борбата против злоупотребите, но да не дозволиме да страдаат и работниците кои не се виновни. Можно е да се направи голема неправда и затоа не треба да ги ставаме сите корисници во ист кош, бидејќи навистина постојат работници кои од страна на работодавачите се прогласени за технолошки вишок. Тие не калкулираат со никакви измами и не им останува никаков приход освен надоместокот од Агенцијата за вработување.

Митревски ги изнесе предлозите на ССМ: намалување на надоместокот на 50 отсто, и тоа не од платата во последните девет месеци, туку на просечна на национално ниво, работникот да има најмалку пет години стаж во компанијата од каде заминува технолошки вишок, со што злоупотребите ќе се оневозможат. Трета и не помалку важна состојба е  положбата на работниците кои немаат 15 години стаж, затоа што со укинувањето на надоместокот нема да им тече стаж преку Агенцијата и нема да можат да остварат право на пензија. Воопшто треба да се најдат начини злоупотребите да се елиминираат, но да не се оштетат лицата со намалена работна способност, односно оние кои немаат друг извор на приходи.

Агрументите на Владата потекнуваат од анализите што ги правевме изминатите четири - пет години, образложи министерот Спировски. Злоупотребите се масовни и многу лица вешто го користат законот. Имаме вештачко прогласување на технолошки вишок, и тоа кај добри компании, со што товарот се префрла кај државата. Други компании правото го користат како неофицијален услов за вработување. Во 40 отсто кај надоместоците лицата се примаат една година пред навршување 57, односно 59 години возраст. Спировски наведе повеќе примери на очигледно изигрување на законот, како случаите кога во семејните фирми родителите им го препуштаат бизнисот на децата, а тие ги прогласуваат за технолошки вишок. Најдена е компанија, регистрирана во 2008 година, во која се вработени 83 лица, сите на возраст пред 57 и 59 години, од кои, пак, 79 за нецела година се прогласени за технолошки вишок и се префрлени на товар на државата.

Накусо, државата овие издатоци ја чинат 2,2 милијарди денари годишно и таа состојба мора да се промени. Разгледувани се варијанти за намалување на периодот за надоместок на 12, на 18 месеци и изгледа дека најоптимално решение, во правец на елиминирање на злоупотребите е решението со 18 месеци, истакна министерот Спиро Ристовски. Тој нагласи дека во ниедна земја, од окружувањето и во Европа, нема толку долг период на надоместок за невработеност. Што се однесува до работниците кои не ја злоупотребуваат оваа можност, тие не се многу, но во секој случај барањата на синдикатите за нивна заштита ќе дидат разгледани од страна на Владата, рече министерот.

Претседателот на КСС Раско Мишкоски побара да се изземат и работниците во претпријатијата кои се во стечај или во ликвидација. Пеце Ристовски, претседател на СМЕР и член на ЕСС, додаде дека, што се однесува до злоупотребите, Владата може уште утре да ги елиминира, но истовремено да не ги оштетува лицата чиј мотив не е измама, а за тоа постојат повеќе можности. Имаме постари работници со намалена способност, а кај приватниот сектор не постои префрлање на друго работно место.

На седницата Живко Митревски повторно потенцираше дека за ССМ е сериозен проблем позицијата на работниците кои објективно остануваат без работа и кои немаат друга можност за егзистенција освен надоместокот и дека мора да се најдат модели за нивна заштита.

На седницата не присуствуваа претставниците на работодавачите, поради што измените на Законот за работни односи, во делот на боледувањата, се одложи за наредната средба.

ЕСС расправаше и за Иницијативата за промена на работното време, што ја предложи синдикатот УПОЗ, со поддршка на неколку други синдикати. Заклучено е дека и за ова прашање треба сериозно да се размисли и да се основа посебна работна група.

На седницата се расправаше на иницијативата на ССМ за ратификација на меѓународните конвенции 151 и 154.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc