ИНИЦИЈАТИВА НА УПОЗ ЗА ПРОМЕНА НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

Пецо Грујовски: за пет години се покажа непродуктивноста на новото работно време
Над 75 отсто од испитаниците опфатени со анкетата се изјаснија за менување на работното време, односно сметаат дека постојното работното време е контрапродуктивно. Работното време од 8:30 до 16:30 часот посебно се коси со навиките, културата и со семејните вредности, така што очекуваме позитивна реакција кај Владата.

Ова на денешната конференција за печат го соопшти Пецо Грујовски, претседател на УПОЗ - Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија. Повод за конференцијата е “Иницијативата за промена на работното време во органите на управата и правосудните органи“ на УПОЗ.

Во ноември 2006 година со одлука на Владата се промени работното време, поради усогласување со европските стандарди и приближување до светските трендови. Меѓутоа, за овие години се покажа непродуктивноста на новото работно време.

Нашето членство е единствено околу ова прашање, поединствено дури и во однос на платите, информираше Грујовски.

Постојат повеќе аргументи, а еден од нив е дека ова работно време се коси со традиционалните и посебно семејните вредности. Веруваме дека оваа Влада, како демохристијанска, полага големо внимание токму на одржувањето на семејните вредности и затоа очекуваме да ја прифати нашата иницијатива.

Не можеме да се споредуваме со западните земји, затоа што таму владеат поинакви географски, климатски и културни услови, додека уште поважен аспект е животниот стандард. Кај побогатите земји луѓето имаат пауза од час или повеќе, во состојба се да ручаат и да се освежат, додека во Македонија треба цел ден да живеат на геврек или сендвич. Не може од тие луѓе да се бара продуктивност.

Друг аспект се овдешните навики сите работи да се завршуваат порано. На шалтерите најголемите гужви се претпладне, додека попладне нема никој, што дополнително ја оправдува нашата иницијатива.

Испративме допис до Владата, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, Економско – социјалниот совет и до ССМ, посебно до гранските синдикати од јавниот сектор, изјави Грујовски.

Претседателот на УПОЗ истакна дека е задоволен што социјалниот дијалог во државата е унапреден, посебно со функционирањето на Економско – социјалниот совет. Оттаму верува дека Иницијативата ќе ја разгледа и Економско – социјалниот совет.

Повелете и превземете ја целосната Иницијатива на УПОЗ

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc