ОТВОРЕНО ПРОТЕСТНО ПИСМО ОД ССМ, КСС И УНАСМ ДО ЕВРОКОМЕСАРОТ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ШТЕФАН ФИЛЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

Претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија, на Конфедерацијата на слободни синдикати и на Унијата на независни и автономни синдикати м-р Живко Митревски, Раско Мишкоски и Слободан Антовски, испратија протестно писмо до еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Повод за протестот е изостанувањето на придавката “македонски“ од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.

Во писмото се вели:

Почитуван еврокомесаре Филе,

Од името на македонските работници и целиот работен народ на нашата држава, Ви испраќаме остар и енергичен протест заради обидите на Европската комисија за бришење на македонскиот идентитет преку негирање на македонскиот јазик и заради Вашата отворена поддршка на грчките позиции во овој неправеден и правно непоткрепен спор, кој Грција го има со нашето име и идентитет.

Да бидеме прецизни и јасни, македонскиот работник ги почитува принципите на слободарството и правдата кои се принципи и на Европската Унија. Ние, за нив сме во историјата, сме се бореле и сме ги остварувале, но исто така бараме од Европската Унија да ги почитува нашите меѓународно загарантирани и интернационално признаени основни права да бидеме Македонци, а нашиот јазик и нашиот идентитет да бидат македонски.

Ние ги сакаме европските вредности. Ја сакаме Европската Унија како реалност која може да придонесе за подобрување на стандардот, за можностите за економски развој и за нови вработувања, но тие евентуални придобивки не сакаме да ги стекнеме по цена на негација на Македонците и македонското, факти кои се реалност и од кои немаме намера, ниту пак право да отстапиме. Не, ние дури и отворено се спротивставуваме на ваквиот империјализам во обид, каков што се обидувате да го промовирате со бришењето или преименувањето на македонското во нас. Треба да знаете дека работниците преживувале многу притисоци и многу закани, но секогаш успеале да се изборат за она во што веруваат и што го чувствуваат, а ние веруваме и се чувствуваме како Македонци и никако поинаку. Слушнете го македонскиот работник - нема да помине овој нечесен обид за негација на македонското.

Изградбата на Република Македонија е резултат на вложувањето на труд, знаење, енергија и ресурсот на македонскиот работник, на нашата чесна работа и ние нема да дозволиме од било кој да бидеме понижени преку отворени негирања на она што сме и нема да ги прифатиме, а и нема да ги дозволиме обидите да не бидеме Македонци.

Сакаме искрено да не разберете и да ги сфатите нашите чувства и аргументи. Тие се неспорни и никој не може да ги промени. Нив цивилизацијата ги формирала, ги прифатила и ги обезбедила. Ве повикуваме да го промените својот однос, да ја прекинете оваа неправедна, неиздржана и неодржлива негација на македонското, за да може да потврдите дека европскиот дух на солидарноста и обединетоста на работниот народ во Европа е жив и дека сите ние се почитуваме, соработуваме и сме еднакви во нашите права.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc