ИСТОРИСКИ ЧИН ЗА СИНДИКАТИТЕ И СИНДИКАЛНОТО ДВИЖЕЊЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 

Сојузот на синдикатите на Македонија во 2011 година во рамките на одбележувањето на Први мај – Меѓународниот ден на трудот започна кампања и покрена Иницијатива за започнување преговори со социјалните партнери за утврдување на минимална плата, односно донесување закон за минимална плата во Република Македонија. ССМ смета дека утврдувањето на минималната плата ќе обезбеди материјална сигурност за работниците и ќе биде силен мотив за поефикасно извршување на нивните работни задачи, што ќе има позитивно влијание вкупно врз економијата.

04.10.2011_foto1_3

На барање на ССМ, по Иницијативата за минималната плата се расправаше на Економско – социјалниот совет. Истата беше поздравена и целосно прифатена од социјалните партнери. Беа формирани работни групи од претставници на социјалните партнери со задача да ги усогласат ставовите и да дадат предлог за оптималната висина на минималната плата.

На Шестата седница на Економско –социјалниот совет е постигнат договор минималната плата во нето износ да изнесува 8.050 денари (130 евра) или 12.265 денари (199 евра) во бруто износ. Утврденото ниво на минималната плата се однесува на основната плата за полно работно време и нормален учинок, односно во износот не се вклучени додатоците на плата, кои доколку постои основа за исплата, се додаваат на утврдениот износ. Заради чувствителноста на дејностите: производство на текстил, кожа и облека, социјалните партнери се договорија да се обезбеди период на усогласување во којшто ќе се достигне предложениот износ. Исто така беше договорено минималната плата да не се однесува на самовработените лица, со цел да се заштитат одредени дејности, како што се занаетчиството и земјоделството.

Економско – социјалниот совет се договори да предложи Владата на РМ да го задолжи Министерството за труд и социјална политика најдоцна до 30 октомври да достави Предлог – закон за минимална плата, а законот да биде донесен до крајот на годината.

За минимална плата се расправаше на органите и телата на ССМ уште во текот на преговорите што се водеа на Економско – социјалниот совет и беше заземен став дека предложениот износ на минимална плата е прифатлив, со тоа што и натаму ќе се преговара за повисок износ на минимална плата, со оглед на тоа што таа не е статична категорија. Имено, со порастот на платите ќе се зголемува и износот на минималната плата, односно во наредниот период ќе се врши нејзино усогласување согласно економските параметри и порастот на животните трошоци.

По предлогот за минимална плата на својата последна седница расправаше Владата на РМ и е прифатен предлогот на ЕСС за минимална плата. На 1.10.2011 година е одржана заедничка прес конференција на премиерот на РМ Никола Груевски, министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој воедно е претседавач на Економско – социјалниот совет, други министри од Владата, како и лидерите на репрезентативните синдикати и организации на работодавачите, на која се соопшти договорениот износ на минимална плата во РМ.

Владата на РМ го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од три месеци да изготви Предлог – закон за минимална плата. Примената на овој закон ќе започне од 1 јануари 2012 година.

По повод постигнатиот договор за минимална плата во РМ, со цел членството на синдикатите здружени во ССДМ пошироко да биде информирано, ССМ одржа посебна прес конференција на 4.10.2011 година. На прес конференцијата присуствуваше раководството на ССМ, а ја следеа скоро сите национални медиуми.

04.10.2011_foto1_2

На прес конференцијата претседателот на ССМ м-р Живко Митревски го искажа задоволството од постигнатиот резултат во врска со утврдувањето на минималната плата, што е историски чин за синдикатите и синдикалнмото движење во Република Македонија. Ова е особено значајно бидејќи над 65.000 вработени, чија плата е под договорената минимална плата, ќе добијат повисоки и посигурни примања. Несомнено минималната плата ќе има влијание врз зголемувањето на животниот стандард на работниците и граѓаните на РМ, како и сузбивањето на негативните појави, како што е сивата економија и сиромаштијата. Всушност бенефит од ова ќе имаат сите субјекти во државата.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc