УТВРДЕН ИЗНОСОТ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 

01.10.2011_airlija_dogovor2011_ng
Никола Груевски: минималната плата значи посигурни и повисоки примања за 65.000 работници

Нето износот на минималната плата во Република Македонија се утврдува на 8.050 денари, односно бруто износот на 12.265 денари, гласи договорот од денешната седница на Економско – социјалниот совет.

Соопштението на прес конференција, после седницата на ЕСС, го изнесе премиерот Никола Груевски.

За прв пат во дваесет години независна Македонија го остваривме ова право, истакна премиерот Груевски. Уште во месец мај при контактите со синдикатите ветивме дека ќе го подржиме утврдувањето на минимална плата и тоа денес заеднички го остваривме.

Можам да им честитам на синдикатите и на работодавачите за покажаната меѓусебна конструктивност и одговорност кон општеството. Владата, како трет социјален партнер, е гарант на спогодбата на двата социјални партнери, така што оваа цел сигурно има иднина.

 

01.10.2011_airlija_dogovor2011_zm
Живко Митревски: денешниот договор е исторски чин за социјалните односи во Македонија
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски на прес конференцијата рече дека постигнатиот договор е историски чин за социјалните односи во Република Македонија. Покажавме дека и во услови на економска криза можеме да се избориме за зголемување на економската состојба на населението и да градиме вистински европски социјални односи. Постоеше скептицизам од некои политички, владини, синдикални кругови дека нема да успееме, но денес потврдивме дека разговорите не беа некаков празен трик, туку јасно изразена волја на Владата, синдикатите и работодавачите, посебно акцентираше Митревски.

 

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој е и претседател на Економско – социјалниот совет, објасни дека за еден месец треба да се усогласи законот, после што ќе оди на усвојување, додека примената ќе започне од 1 јануари 2012 година. За три индустриски гранки – текстил, облека и кожа, е оставен период на адаптација од три години. Во месец септември работните групи ја извршија својата задача и се надевам дека ќе го задржиме истото темпо.

Премиерот Груевски зборуваше за значењето на минимална плата, при што објасни дека над 65.000 работници ќе добијат посигурни и повисоки примања. Предностите се зголемен животен стандард на населението, намалување на сивата економија, стимулирање на потрошувачката, зголемување на работната етика, охрабрување на личната иницијатива. Работниците добиваат сигурност на своите работни места, додека работодавачите покажаа општествена одговорност.

Износот на минималната плата е на оптимално ниво, затоа што нема негативни последици врз економијата. Нема причини да се затвораат фабрики поради зголемените плати, а нема опасност ни од отпуштања на работници. Премиерот им честиташе на синдикатите и на работодавачите што успеаја да го договорат најпродуктивниот износ на минималната плата. Тој исто така рече дека Економско – социјалниот совет стана тело за една нова ера и ново време, кое го заслужува своето место во уредувањето на економските и социјалните односи на државата.

Претседателот на Организацијата на работодавачи Димитар Стојановски изрази благодарност што синдикатите и Владата покажаа разбирање за трите нискоакумулативни гранки, индустриите за текстил, кожа и облека.

На денешната седница на Економско – социјалниот совет, која е продолжение на Шестата седницата на први септември, присуствуваа  министерствата за економија и за финансии, претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Раско Мишкоски и претставници на други организации.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc