ШИРОК ИНТЕРЕС ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА РАБОТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

ШИРОК ИНТЕРЕС ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА РАБОТАПроценката на ризикот и изготвувањето изјава за безбедност при работа е едно од најактуелните прашања и оттаму предизвикува посебен интерес во работните средини во Република Македонија. Постојат и многу други прашања од областа безбедност и здравје при работа, за кои луѓето сакаат да знаат многу повеќе – тоа се нормите, пропишаните стандарди, проценката на ризик, надлежните институции, позицијата на нивниот претставник, правата и одговорностите на вработените.

Ова можеше да се заклучи на семинарот “Безбедност и здравје при работа –проценка на ризик на работно место“. Организатор на семинарот, што се одржа од 23 до 25 септември во Охрид, беше Синдикатот за хемија, неметали и метали, учесници беа синдикални активисти, членови на овој синдикат, додека предавач беше Инда Савиќ од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Во законите се регулирани многу прашања од безбедноста, но има потреба од нивно натамошно доградување и приспособување со европските норми и стандарди. Секое работно место носи некаков ризик по здравјето, иако ризиците се поизразити во некои дејности, како во градежништвото и земјоделството, или можат да бидат латентни и долготрајни, како што е во хемиската индустрија.

Посебно прашање е ангажманот и улогата на синдикатот во работните средини. Вработените треба да знаат дека безбедната средина не подразбира само спречување на незгоди, туку збир на сите аспекти на условите за работа.

Образованието и обуката се исто така битна компонента на секоја програма, а посебно е важна способноста да се препознаат ризиците на работа. Секако дека и овој семинар е во таа функција, вели Зоран Мироновски, претседател на СХНМ.

Вработените мораат да знаат како да се организираат и кои се нивните права и можности за дејствување. Воведувањето на институцијата претставник за безбедност и здравје е голем чекор напред, но луѓето треба да имаат увид во целата шема институции кои стручно се занимаваат со оваа област – синдикатите, ресорното министерство со инспекциските служби, медицината на трудот, па и невладините организации.

Во Република Македонија годишно се случуваат од 15 до 20 повреди со смртен исход и меѓу 100 до 150 тешки повреди. Поголем проблем е утврдувањето на професионалните заболувања. Потешко се докажува долготрајното дејство на штетни агенси, поради менување на работните места, воведување нови технологии и слично.

Меѓутоа, во целиот свет, со 200.000 смртни случаи на работните места годишно, несреќите се во најголем дел резултат на негрижа на работодавачите. Токму затоа работодавачите треба да преземаат ефикасни мерки на превенција за спречување на несреќите, повредите на работа и професионалните заболувања како што е организацијата на работата, проценката на ризикот при работа и изготвувањето изјава за безбедност за секое работно место, редовните здравствени прегледи. Синдикатот секако треба да биде вклучуван и информиран за сите активности и мерки на работодавачот во врска со безбедноста и здравјето при работа, бидејќи ова е едно од клучните права на работниците - објасни предавачот Инда Савиќ.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc