ЕБРД ГИ ПРИФАТИ БАРАЊЕТО НА СГИП, ПОДДРЖАНО ОД BWI, ЗА КОРИДОРОТ 10 – КРИТЕРИУМИТЕ НА ТЕНДЕРОТ СЕПАК ПРЕОСТРИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта
12.09.2001_foto1По повеќе години активност за сузбивање на работењето на црно и внесување ред во јавните набавки, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) е задоволен што Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) го прифати неговото барање услов за главен изведувач на тендерот да биде компанија која ќе изведува најмалку 70 отсто од вкупната вредност на објектот и да ги почитува трудовите стандарди. Барањето доби силна поддршка од Меѓународната организација на синдикатите од градежништвото, шумарството и дрвната индустрија (BWI). Меѓутоа, СГИП реагира на другите критериуми кои ги поставуваат ЕБРД и Европската инвестициона банка, кредитори на делницата на автопатот “Демир Капија – Смоквице“, дел од “Коридорот 10“, кои домашните компании не можат да ги постигнат.

Ова го истакна Павел Трендафилов, претседател на СГИП, на денешната конференција за печат, која се одржа по повод тендерот за делницата “Демир Капија – Смоквице“. Синдикалците упатија апел до европските банки и до македонската Влада за менување на условите на тендерот, односно овозможување на домашните градежни претпријатија рамноправно да учествуваат на тендерот.

Конкретно, условите со кои моментно се оперира се градежната компанија да има реализација од 250 милиони евра, или 150 милиони во последните три години за ангажмани во конзорциум. Ниедна македонска компанија не може да ги исполни овие услови, предупредија синдикалците на денешната конференција. Дали тоа значи дека ќе ни се повтори случајот со 2006 година, со хидросистемот “Злетовица“ и со обиколницата околу Скопје, кога работата ја доби странска компанија? Синдикалците тврдат дека 100 отсто од работата на овие објекти ја извршија домашните компании како подизведувачи, додека најголема корист имаа странските изведувачи.

Дали мислите дека некоја странска компанија ќе донесе две илјади работници на автопатот?, поставија прашање од СГИП. Сигурно дека не, туку повторно се отвора процес на ангажирање на домашните компании како подизведувачи, кои ќе работат за ситни пари.

Вредноста на “Демир Капија – Смоквице“изнесува 250 милиони евра, тоа се пари кои треба да ги враќаат сите граѓани на оваа земја и затоа треба да се мисли на домашното стопанство. Мерки за заштита на домашно стопанство презема секоја држава, и тоа во многу поголем обем откако започна светската финансиска криза. Тендерот може, на пример, да го добие “Гранит“, најголемото градежно претпријатие со 2.500 вработени, со тоа што ќе го ангажира “Бетон“ и други домашни претпријатија.

СГИП повеќе години наназад работи на имплементација на Конвенцијата 94 на Меѓународната организација на трудот, односно внесување на социјални клаузули во трудовото законодавството. Синдикатот веќе започна преговори со Министерството за транспорт и врски за измена на Законот за јавни набавки и Законот за градба. Внесувањето на социјалните клаузули значи дека право на учество на тендерите ќе имаат претпријатијата со редовно вработени, со редовно исплатени плати и придонеси, со потпишани колективни договори, со мерки за безбедност и здравје,  односно оние кои ги исполнуваат сите законски обврски. Тоа значи дека на тендерите не ќе можат да учествуваат субјекти од типот човек – фирма, покрај тоа што треба да има одредби за нивно казнување и одземање на дозволата за работа. Во случајот на градежништвото услови би биле техничко – кадровски потенцијал, финансиска состојба, вработени на неопределени време, односно сите реални потенцијали на реално, а не фиктивно претпријатие.

Што се однесува до “Коридорот 10“, СГИП најавува, ако има потреба, излегување со детална анализа за тоа како ќе се распределат парите од кредитот за изградбата на делницата на автопатот.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc