УТРЕ ДОДЕЛУВАЊЕ УВЕРЕНИЈА ЗА АНТИМОБИНГ СОВЕТНИЦИ
20.06.2011
За прв пат во Република Македонија се доделуваат уверенија за антимобинг советници. Над 50 лица ја поминаа обуката, која се одржа во рамките на Регионалниот проект “Мрежа за здравје и заштита при работа“. Во проектот се вклучени ССМ и СФДМ...
Утре во Сојузот на синдикатите на Македонија ќе се доделат уверенија за антимобинг советници на над 50 лица. Тие на почетокот на месец мај поминаа посебна обука, на која предавачи беа четири експерти од Македонија и два од Хрватска.
Обуката се одржа во склоп на Регионалниот проект “Мрежа за здравје и заштита при работа“. Во проектот, што е формиран минатата година, се вклучени синдикати и други организации од Македонија, Хрватска, Србија и Црна Гора. Носител на проектот е хрватското здружение “Удруга мобинг“. Од македонска страна учесници на проектот се Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за финансиски дејности на Македонија (СФДМ).
На 21 декември 2010 година во ССМ е отворена Канцеларија за помош и едукација на жртвите на мобинг“. Во канцеларијата се обраќаат лица кои сметаат дека се жртви на психички притисок на работното место. Тие разговараат со членови на експертскиот тим и понатаму се бараат начини за пружање помош и нивна заштита. Од отворањето досега во канцеларијата помош побарале неколку десеттини лица.