ЦЕЛ НА АГРО СИНДИКАТОТ Е СОВРЕМЕН ВИД ОРГАНИЗИРАНОСТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

09.07.2010

Една од целите на новиот Статут е зачленување на сезонските работници, пензионерите, студентите и другите категории, истакна претседателот Живко Даневски. Генералниот секретар на ИФФАТ Харалд Виденхофер порача дека македонските синдикалци не треба да чекаат на полноправно членство, туку веднаш да почнат со реформи...

Живко Даневски                        Харалд Виденхофер

 

Статутот на АГРО Синдикатот и воопшто целата негова политика треба да се прилагодат на потребите на времето. Една од задачите на изменетиот Статут е зачленување на категориите лица кои сега не се членови на Синдикатот, како индивидуалните земјоделци, сезонските работници, пензионерите, невработените, студентите од земјоделските и техничките факултети.

Ова е една од пораките на претседателот на Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс на Република Македонија (АГРО Синдикат) Живко Даневски на денешната 21.седница на Советот. На проширената седница, на која присуствуваа и членовите на Надзорниот одбор, Статутарната комисија и претседателите на синдикалните организации, почесен гостин беше Харалд Виденхофер, генерален секретар на Европската федерација на синдикатите за храна, агрокултура и туризам (European federation of Food, Agriculture and Tourism trade unions – EFFAT).

Присуството на генералниот секретар Виденхофер, чија посета на АГРО Синдикатот е втора по ред оваа година, сведочи за поддршката од ЕФФАТ за концепцијата на АГРО Синдикатот. Инаку АГРО Синдикатот е полноправен член на оваа организација, која обединува 125 национални синдикати со 2,6 милиони членови.

Сите наши ставови за поефикасно и посовремено работење треба да се најдат во Статутот. Сегашниот Предлог – Статут не е конечен, затоа што имаме време за дополнување до Конгресот на АГРО Синдикатот, кој ќе го одржиме веројатно во првата половина на месец октомври. Секако дека за измени не можеме да го чекаме следниот конгрес во 2015 година, рече Даневски.

Покрај насоченоста кон прибирање ново членство треба да гледаме финансирањето, нашите органи и изборите на сите нивоа да функционираат на база на стручност и професионалност. Времето налага да се дејствува брзо и ефективно.

Даневски информираше дека Претседателството, покрај тоа што откри низа застарени решенија во постојниот Статут, ги разгледа статутите од агрокомплексите на синдикатите од други земји.

Наша задача е да не останеме нем сведок на се што се случува во земјава, туку да имаме влијание врз настаните што се во интерес на работниците. Во принцип АГРО Синдикатот треба да учествува во градењето на демократско општество, со целосно почитување на човековите права и слободи. Треба да се води сметка и за насоките и забелешките на ЕФФАТ, како на пример за недоволната застапеност на жените и на младите во органите и телата на АГРО Синдикатот.

Кризата не погоди сите, но вас ви е потешко отколку на постарите членки на Европската Унија, им објасни Харалд Виденхофер на присутните синдикалци. Од тие причини нашето внимание е посебно насочено кон земјите на југоисточна Европа и на Западен Балкан. Потребна ви е наша поддршка и имате голем партнер во ЕФФАТ. Виденхофер уште информира дека австрискиот синдикат “PRO“ (кој освен земјоделството ја вклучува хемиската и металската индустрија) е одреден како партнер за посебни односи и за други видови помош на македонскиот АГРО Синдикат.

Објаснувајќи ја позицијата на АГРО Синдикатот Виденхофер порача: “Вие не сте членки на Европската Унија, но сте дел на Европа. Имате статус на кандидат од 2005 година и еднаш ќе станете членки. Затоа на време треба да се прилагодувате на европските правила. Во Унијата земјоделството не се води во национални рамки, туку од страна на Европската Комисија. Аграрот и прехранбената индустрија се два сектори за кои Европската Комисија има најголеми надлежности“.

Од тие причини вие треба да бидете силен синдикат, со што побројно членство. Добар пример за вашите идни насоки се сезонските работници, кои се членови во сите европски синдикати од аграрниот комплекс. Да споменам дека во Европа постои инструментариум за заштита на работните места преку скратеното работно време, со што се спречува масовно отпуштање од работа.

Европската Комисија исто така многу полага на социјалниот дијалог. Задача на комисијата е да ги поддржува социјалните партнери, така што и од Република Македонија се очекува да ги прифати овие односи.

Во однос на моделите на организираност постојат големи разлики меѓу земјите. Меѓутоа, сите имаме исти проблеми и желби – сакаме стабилни работни места и пристојни плати. Овие заеднички цели се основа за заедничка политика на сите нас. Светот се менува, глобализацијата и европеизацијата се доминантни процеси и затоа проблемите не можат да се решаваат на национално ниво. Не треба да се чека Република Македонија да стане членка на Унијата, туку реформите почнете ги веднаш, порача Виденхофер.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc