НАМАЛЕНОТО РАБОТНО ВРЕМЕ ГИ СПАСУВА РАБОТНИТЕ МЕСТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

7.07.2010

Меѓу другите предлог мерки за намалување на последиците од кризата ССМ предлага намалување на работната недела од 40 часа на 32 до 36 часа. Истиот систем во неколку европски земји сочува милиони работни места...

Глобалната криза создаде формула “подобро привремено помали плати отколку масовни откази“

 

Намалување на работното време од 40 на 32 или 36 часа; остатокот да биде субвенциониран од страна на државата, проследен со програма за едукација, односно преквалификација.

Ова е една од мерките за намалување на последиците од економската криза, кои Сојузот на синдикатите на Македонија ги предложи на 5 јули. Да потсетиме дека предлозите на ССМ содржат три корпус прашања, и тоа за економски развој, за активна политика за зголемување на вработеноста и за напредок во социјалниот дијалог. Предложените мерки ќе бидат доставени до социјалните партнери, Владата и Организацијата на работодавачи, исто така ќе бидат поставени на првата седница на Економско – социјалниот совет.

Формулата скратено работно време е едноставна – покусо работно време поради намалениот обем на работа и нешто пониски плати, што значат значителна заштеда за работодавачите. Околу моделот намалување на работното време постојат интересни искуства во повеќе европски земји. При претставувањето на концептот претседателот на ССМ Живко Митревски истакна дека во Словенија на овој начин се спасени повеќе од 5.000 работни места.

Истиот систем го применуваат повеќе европски земји и секаде се остваруваат позитивни ефекти. Инаку секоја земја има свои посебности. Во некои работниците доаѓаат четири место пет дена, во други се скратени дневните часови, или се користат годишните одмори, но генерално се работи за единствен модел – работниците добиваат намалена плата од компанијата, додека разликата ја надоместува државата.

Германија, која истата мерка ја применува од почетокот на 2009 година, избегна масовно отпуштање на работници токму со скусувањето на работното време. “Дојче веле“ пренесува дека овој привремен метод им помогна на стопанствениците да ги пребродат двете најкризни години, 2008 и 2009 година.

Не толку одамна 1,5 милиони работни места во Германија беа опфатени со оваа програма, додека постепено бројката се намали на еден милион. Позитивно е што бројот на невработените не порасна во значителен број. Местата со скратено работно време постепено ќе се намалуваат, односно работниците ќе продолжат со вообичаеното работно време, оцени Химлер Штајнер, соработник на Институтот за иднина и работа.

Сличен модел на германскиот применува Словенија, каде државата дотира по 60 евра за секое место со скратено работно време. Примерот што често се наведува е индустријата на бела техника “Горење“ од Велење.

Моделот беше предмет на повеќе анализи на стручните институции, кои воглавно ги одредија позитивните и негативните страни на скратеното работно време.

Позитивни страни се:

  • заштеда за работодавачите
  • вработените не добиваат откази
  • продуктивноста не се намалува

Негативни страни:

  • можно намалување на платите
  • помал обем на производство
  • можности за злоупотреби

Моделот е прифатен и од страна на работодавачите, кои излегуваат со свои сметки. Тие велат дека во прашање е чиста математика и дека постојат два начина на преживување на компанијата: или работниците да добијат откази, или да бидат задржани, со тоа што за намалената работа ќе добиваат помали плати. И синдикатите и работодавачите го прифаќаат системот, но сепак одлучувачка е улогата на државата, затоа што токму државата треба да ги субвенционира намалените плати. Но по правило сите страни, синдикатите, работодавачите и владите, на моделот гледаат како на спас од продлабочување на социјалните и економските текови.

Скратеното работно време честопати е дополнително вметнато и институционализирано во колективните договори на трите нивоа: општи, грански и на ниво на работодавач. Пример е секторскиот колективен договор на германскиот “ИГ Метал“, кој вклучува скратување на работното време на 30 часа на западот и 33 на истокот, со цел да се избегне вишокот работници. Инаку во Германија државните субвенции се исплатуваат  преку Државниот завод за вработување.

Во Франција постои инструментот “делумна невработеност“, кој е воведен за да се осигури надоместот на лицата со скратено работно време. Социјалните партнери со согласија на зголемување на надоместот што го исплатува државата: од 2,44 евра на 3,64 евра за час за претпријатијата помали од 250 работници, од 2,13 на 3,33 евра по час за поголемите претпријатија. Исто така е зголемена минималната плата и е продолжен периодот за добивање на надоместокот за делумната невработеност.

“Економски предизвикана привремена невработеност“ е инструмент на политиката на пазарот на трудот во Белгија. Во оваа земја државата делумно ги финансира работниците со скусено работно време, иако стапките на надоместокот честопати не се доволни да ја надоместат загубата на полниот приход.

Во Холандија скратувањето на работното време е регулирано во колективните договори на меѓусекторско и секторско ниво или во колективните договори на ниво на претпријатие. Исто така скратеното работно време е регулирано со Законот за невработеност, со кој во оваа земја се опфатени лицата со скратено работно време. Конечно, во Холандија прописите за скратеното работно време, кои се применуваат за ситуациите предизвикани од поплави, пожари и слични појави, сега ја опфаќаат и економската криза.

Меѓу другите мерки во Велика Британија, посебно во погодената автомобилска индустрија (Хонда и ГМ), се воведени програми за управување со човечките ресурси, како “доброволно паузирање“, со цел да се избегне масовно отпуштање на работници.

Новите земји членки се посебно погодени од кризата поради големата економска поврзаност со западна Европа, особено со Германија. Кај нив не постои институционална рамка за регулирање на ова прашање, но тие сепак почнаа да применуваат мерки слични на мерките во матичните претпријатија (во постарите членки на Унијата), иако со повеќе присила и помалку преговарање. Во случај на привремен прекин на производството се користат резервите на годишните одмори, или пак работниците седат дома примајќи ја основната плата. Сепак во новите членки масовните отпуштања се почести, со тоа што постојано вработените лица се еднакво погодени како тие со нестандардни договори. Посебни мерки на политиката на пазарот на труд, слични на германското “скратено работно време“ и француската “делумна невработеност“ постојат само во некои од овие земји, како во Унгарија, од јануари 2009, и Бугарија, од април 2009 година.

Може да се заклучи дека колективните договори се од големо значење во регулирањето на скратеното работно време. Поврзаноста, односно координацијата на колективните договори со законите значи поголема заштита и поголема покриеност за различните типови вработеност.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc