ВО ШТИП СЕ ОДРЖУВА СЕМИНАР ЗА МОБИНГ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

2.07.2010

Денес во Штип се одржува семинар за психичките притисоци на работните места. Предавачите се од ССМ, Министерството за труд и социјална политика и Македонското здружение за заштита при работа...

Во Штип како секаде - мобингот изразен, луѓето се плашат да бараат помош

 

“Мобингот на работните места“ е тема на семинарот што денес се одржува во хотелот “Оаза“ во Штип. Семинарот го организира Фондацијата “Фридрих Еберт“ – Канцеларија во Скопје.

Од Сојузот на синдикатите предавачи на семинарот се Инда Савиќ, раководител на Секторот за развој, зачленување и мобилизација, комуникација и медиуми и Гордица Бошковска, правен застапник на Сојузот на синдикатите во Куманово. Другите предавачи доаѓаат од Министерството за труд и социјална политика и од Македонското здружение за заштита при работа. На семинарот се опфатени над триесет синдикални членови од Штип, Пробиштип и Злетово.

Психичките притисоци на работните места во трите региони се силно изразени, вели Ванчо Трајчевски, претседател на Регионалната канцеларија на Сојузот на синдикатите во Пробиштип. Меѓутоа, луѓето по правило се плашат да побараат заштита и затоа ние, како синдикат, имаме проблеми околу интервенциите. Бројни се примерите на шиканирани работници во сите средини, од конфекциите во Штип до јавните претпријатија и администрацијата во трите региони. Ние сме должни да им понудиме заштита, интервенција, помош, но поради страв од губење на работното место сите одбиваат да дојдат во директен конфликт со претпоставените,токму оние кои ги малтретираат. Има дури и случаи кога кај нас не доаѓаат оштетените лица, туку ги претставуваат нивни блиски, како брат, сопруг, сестра, но во вакви ситуации не  е можно нешто многу да се стори.

Се претпоставува дека овде има барем два директни смртни случаи, настанати како последица на психичките притисоци на работните места. Никој не може со сигурност тоа да утврди, ситуацијата е “сите знаат, но никој не може да докаже“. Но едното лице настрада на работното место, после долго психичко малтретирање. Тој трпеше освета затоа што укажувал на техничките недостатоци за безбедноста на опремата, од што на крај го загуби животот. Другиот случај е поочигледен – човекот умре од срцев удар сред состанок, на кој повторно бил жигосуван како виновник, кажува Трајчевски. Токму поради раширеноста на мобингот во сите работни средини се потребни семинари и предавања, со цел луѓето да се запознаат за законските и другите начини на заштита на работниците.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc