ССМ ЌЕ ПРЕДЛОЖИ АНТИКРИЗНИ МЕРКИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

1.7.2010

Социјалните и економските состојби, намалување на невработеноста и реализирање на социјалниот дијалог се трите корпус мерки што ССМ ќе ги предложи на социјалните партнери, најави претседателот Живко Митревски на конференцијата во Охрид...

Живко Митревски: предлог - мерките се насочени кон обезбедување социјален мир

 

Наскоро Сојузот на синдикатите на Македонија ќе предложи предлог мерки за справување со последиците од економската криза, најави претседателот на ССМ Живко Митревски на Регионалната конференција “Улогата на економско – социјалните совети во време на криза“, што вчера и денес се одржува во Охрид.

Како социјални партнери, една од нашите задачи е да излеземе со пакет социјални мерки за справување со кризата. Станува збор за три корпус мерки, кои сакаме да ги доставиме до социјалните партнери, Владата и Организацијата на работодавачи. Трите пакет мерки се однесуваат на социјалните и економските состојби, на поттикнување на делот на вработеноста и на реализирање на социјалниот дијалог.

За дваесеттина дена треба да се формира Економско – социјалниот совет и нашите мерки ќе бидат доставени уште на првата седница. Веројатно ќе промовираме уште една идеја, да седнеме со социјалните партнери и да потпишеме меморандум за согласност за начинот за справување со кризата, со тоа што ќе ги дефинираме нашите позиции и позициите на останатите партнери во социјалниот дијалог. Нова стратегија на ССМ е да придонесе на разрешувањето на сложените економско – социјалните состојби во државата, изјави Митревски во Охрид.

Не смееме да дозволиме, и покрај сите проблеми што ги имаме, вклучувајќи ги проблемите со името и позицијата на државата, да добиеме квалификација работниците да станат колатерална штета на се што се случува, и тоа и од социјален и од економски аспект, појасни Митревски.  Тој ја нагласи потребата од дефинирање на социјалните пакети при креирањето на економската и социјалната политика, кои ќе бидат во прилог на зачувувањето на позицијата на работниците. Митревски додаде дека пакетот антикризни мерки е насочен кон обезбедување социјален мир.

Позитивна оценка за најавените предлог мерки на ССМ изрази Димитар Стојановски, претседател на Организацијата на работодавачи. Сметаме дека Владата ќе има поодговорен однос и ќе реализира дел од тие мерки, рече Стојановски. Како најсериозни проблеми со кои се соочуваме се скапата држава, превработеноста во делот на администрацијата и во делот на капиталните добра каде стопанството мора да заживее. И во услови на економска криза има можности за напредок.

Министерот Џељаљ Бајрами ги информираше учесниците на конференцијата дека Македонија конечно ќе има Социјално – економски совет, и тоа репрезентативен, а не како досега, поради што имаше застој во неговото функционирање.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc