НАСКОРО КОНСТИТУИРАЊЕ НА ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛНИОТ СОВЕТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

29.06.2010

Со утврдувањето на репрезентативноста на синдикатите и работодавачите создадени се услови за конституирање на Економско – социјалниот совет. Во европски рамки овие совети се исклучително важни институции во уредувањето на економските и социјалните односи...

Од свеченото предавање на решенијата за репрезентативност: министерот Џељаљ Бајрами, претседателот на ССМ Живко Митревски и претседателот на КСС Растко Мишковски

 

Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на 25 јуни од Министерството за труд и социјална политика добија решенија за репрезентативност, како и Организацијата на работодавачи на Македонија. Со тоа се создадени услови за конституирање на Економско – социјалниот совет.

Министерот Џељаљ Бајрами најави дека во рок од 30 дена од потпишувањето ќе се потпише спогодба за конституирање на Економско – социјалниот совет. Инаку министерот Бајрами досега во неколку наврати изјави дека услов за целосно екипирање и почнување на функционирањето на Економско – социјалниот совет е утврдувањето на репрезентативноста на организациите на синдикатите и на работодавачите, што сега е сторено.

“Со денешната спогодба се обврзуваме да изградиме и да имплементираме европски социјален дијалог во Македонија“, изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски при примањето на решението за репрезентативност на ССМ. “Со нашето легитимирање создадовме претпоставки за промовирање на европски дијалог, кој е исклучително потребен, бидејќи не чекаат сложени прашања кои треба да ги решаваме заедно како три партнери“.

Конституирањето и функционирањето на Економско – социјалниот совет е во основа прифаќање на европските вредности во уредувањето на економските и социјалните прашања во една држава. Имено, европскиот социјален модел претпоставува постоење на овие советодавни тела на национално ниво. Економско – социјалните совети се составени од претставници на различни интересни групи, во прв ред на владата, синдикатите и работодавачите, кои заземаат ставови и даваат совети и препораки за прашањата од економскиот и социјалниот живот во една земја.

Опсегот на работа на Економско – социјалниот совет опфаќа:

  • комуникација меѓу владата, синдикатите и работодавачите
  • редовна размена на мислења, со цел наоѓање компромиси
  • трипартитно одлучување
  • политички решенија
  • постигнување социјален мир
  • учество и мислења за законите.

ЕУ ИНСИСТИРА НА ВОДЕЊЕ СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ

“Ако има социјален дијалог, земјата оди напред – ако нема земјата економски назадува“, “Нема економски развој без социјален дијалог“, “Добриот преговарачки систем е победничка стратегија за секого“ – гласат начелата на Европската Унија. Системот на социјален дијалог во постарите членки функционира со децении, но Брисел очекува прифаќање на социјалниот дијалог како приоритет и од страна на земјите кандидатки. Токму затоа и Република Македонија, како земја – кандидат, мора да го форсира и да го институционализира социјалниот дијалог, во што спаѓа и функционирањето на Економско – социјалниот совет.

Синдикатите како социјални партнери во Унијата од деведесеттите години добиваат и законодавна моќ, и тоа преку колективните договори и учествувањето при донесувањето закони. Европската комисија, која се смета за Влада на Унијата, има донесено прецизни одредби за начелата (отвореност, партиципација), како и рокови (консултации од шест недели, најмалку 20 дена информирање пред почетокот на состаноците).

На почетокот на 21. век социјалниот модел во Европа почна да добива нов квалитет и содржина – преговарачките страни се прошируваат со цивилниот сектор. Тоа значи дека цивилниот сектор полека ќе станува се позначаен партнер на трите “традиционални“ социјални партнери - Владата, синдикатите и работодавачите. Со вклучувањето на граѓанските здруженија се смета дека се добива поширок политички дијалог, кој нема да биде само демократски украс, туку ќе создаде основа за повеќето политички процеси. Се разбира дека истата траса ќе треба да ја следи и Република Македонија, каде граѓанскиот сектор, со над 6.000 невладини организации, станува се посилен фактор во вкупните општествени процеси.

ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛНИТЕ СОВЕТИ ВО ЕВРОПА

На истиов портал, под банерот “Економско – социјален совет“, се дадени неколку содржини: Спогодба за основање, Деловник, Европски економско – социјални совети и Координативно тело. За нас се интересни, покрај темелните социјални принципи, моделите на функционирање на економско – социјалните совети во некои европски земји.

Во земјите на Унијата на национално ниво социјалниот дијалог е уставна категорија и по правило се одвива преку економско – социјалните совети. Во развиените земји советите имаат многу важна улога, иако називите, па и составот, се разликуваат од една до друга земја. Така во некои земји во советите се вклучени независни стручњаци, додека во други владата има помала улога, или воопшто не партиципира, што значи дека на синдикатите и на работодавачите им остава меѓусебно да преговараат и да се договараат.

Всушност на европскиот континент постои прилично шарена слика на составот на економско – социјалните совети, кои се разликуваат и по самите називи. Во Данскиот економски совет партиципираат, покрај трите партнери, и Централната банка и независни експерти. Во Ирска постои Национален економски и социјален совет, каде учесници се претставници на земјоделските и фармерските организации, општините, невладините организации и доброволните здруженија.  Италијанскиот Национален совет за економија и труд го сочинуваат советници од синдикатите, самостојните претприемачи, индустријата и јавните претпријатија, социјалните служби, волонтерските организации и независни експерти. Во холандскиот Економски и  социјален совет Владата не партиципира директно, туку посредно, преку независни експерти, најчесто универзитетски професори, кои не се членови на Владата и се именувани од Круната.

На ниво на Унијата постои Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), кој е институција од неспоредливо значење во вкупното функционирање на заедницата. Основан е во Рим во 1957 година, како механизам преку кој интересните групи на цивилното општество ќе се вклучуваат во изградбата на заедничкиот пазар и во воспоставувањето комуникација меѓу економските и општествените актери. Европската комисија, Советот на ЕУ и Парламентот на ЕУ се должни да го консултираат комитетот при донесувањето на одлуки во областа на економската и социјалната политика.

Од друга страна, Комитетот е слободен на сопствена иницијатива да дава предлози  во врска со сите други прашања кои ги смета за релевантни. ЕЕСК има 317 членови од сите држави на ЕУ, со тоа што бројот на претставниците наод државните се одредува во размер со бројот на жителите.

Членовите ги застапуваат интересите на различните сектори на цивилното општество, кои во ЕЕСК се делат во три групи: работодавачи, вработени и разно. Првата група ги собира претставниците на приватните и јавните компании, малите и средните претпријатија, стопанските здруженија, банките и полјоделството. Во другата група се наоѓаат претставниците на синдикатите. Третата ги собира различните интереси, од невладините организации и активистите за заштита на животната околина до асоцијациите на потрошувачите.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc