ПОРАДИ ФИНАНСИСКИ НЕПРАВИЛНОСТИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА МУРАТОВСКИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

18.06.2010

Поради откриени финансиски неправилности Претседателството на ССМ одлучи да поднесе две кривични пријави против поранешниот претседател Ванчо Муратовски. Ова е последен пат да се занимаваме со него - нашата цел е зајакнување на синдикалното движење, изјави в.д. претседателот Живко Митревски...

 

Комисијата за финансиско работење на ССМ откри низа финансиски неправилности, направени за време на раководењето на Ванчо Муратовски. Претседателството одлучи да поднесе две кривични пријави против поранешниот претседател Муратовски, изјави на денешната конференција за печат в.д. претседателот на ССМ Живко Митревски.

За кои неправилности станува збор? Комисијата се уште не ја има завршено докрај работата и јавноста дополнително ќе биде запознаена со сите поединости. Но некои работи се веќе познати. Тој има склучено договор за издавање на деловни простории на ССМ, и тоа за цена од четири до седум евра за квадрат - со тоа што закупувачот може да ги реиздава истите простории за два ипол пати повисока цена! За овие договори Претседателството не е ни запознаено, ни консултирано.

Од периодот 2008 – 2010 година, веројатно со намера да го оштети Синдикатот, не е уплаќан данок на додадена вредност, така што само за камати мораме да платиме 1.760.535 денари, објасни Митревски. Со тоа ги оштетил и ССМ и државата. Неправилности се откриени и со склучени договори за дело, за ангажирање на адвокати за негови приватни тужби. На пример, во Регионалниот синдикален совет  - Велес е избркан вработениот правник, додека е склучен договор со адвокатот Валентин Зафиров, за месечен надомест од 12.000 денари. Склучени се неколку слични договори за адвокатски услуги за многу повисоки цени, и тоа за негови приватни тужби. За овие договори  Претседателството на ССМ исто така не е запознаено, ниту ги има одобрено.

Еден од поводите за денешната конференција за печат се неговите изјави во јавноста, со кои го напаѓа Сојузот на синдикатите на Македонија. Ова е последен пат да се занимаваме со него. Време е Муратовски да ги спакува коферите, да им се извини на македонските работници и да замине од синдикалната сцена на оваа земја, рече Митревски.

Ние мораме да надополниме се што е пропуштено во изминатиот период. За два месеца моравме да ги завршиме работите кои беа стопирани со месеци наназад. Не навлегувам во тоа дали Муратовски со неговото неангажирање сакал намерно да предизвика штети. Но веднаш после одлуката на Советот на ССМ за смена на 14 април моравме максимално да се ангажираме за да ги санираме штетите од неработењето. На 28 април го дополнивме и го усогласивме Општиот колективен договор за стопанство со Законот за работни односи. Постоеше опасност да се пропушти времето на усогласување и колективниот договор да биде суспендиран.

Понатаму, моравме да ги обновиме контактите и да ги средиме односите со Владата, која е наш социјален партнер, а посебно со Министерството за труд и социјална политика. За овие два месеца имавме неколку средби, посебно за докажувањето на репрезентативноста. Знаете дека Македонскиот полициски синдикат е прв грански синдикат кој доби решение за репрезентативност, а наскоро, веројатно следната недела, решение за репрезентивност ќе добие и ССМ.

Најдоцна до крајот на месец јуни ќе биде екипиран Економско – социјалниот совет, изјави Митревски. Економско – социјалниот совет е важна институција. Формирањето на составот на Економско – социјалниот совет зависи од утврдувањето на репрезентативноста на синдикатите, појасни Митревски.

За овие два месеца требаше да се обноват контактите со Светската и Европската конфедерација на синдикати (ИТУЦ и ЕТУЦ). Имав директна средба со генералниот секретар на ИТУЦ Геј Рајдер, додека од ЕТУЦ не информираа дека се запознаени за промените и дека ни даваат значителна поддршка во зајакнувањето на синдикалното движење во Македонија.

Влеговме во неколку меѓународни проекти. Со помош на ИПА фондовите, заедно со синдикатите за финансии од Црна Гора, Србија и Хрватска,  започна регионален проект за создавање мрежа за заштита од мобинг. Со ЕТУЦ и МОТ се започна со друг проект, во кој ќе биде вклучен Синдикатот за сообраќај.

Токму за овие цели се патува во странство. Ве уверувам дека не трошиме ни еден денар синдикални пари. Не бараме дневници и патуваме само ако трошоците ги сноси организаторот, објасни Митревски. Постои огромна разлика со патувањата низ светот на поранешниот претседател.

Во однос на финансиите да дополнам дека финансиската состојба на ССМ полека се подобрува. Затекнавме празна каса, со само 159.000 денари и осум милиони денари долгови. Неточни се неговите обвинувања за наводни притисоци кон вработените. Вработените навистина се тресат – но само од работа, од ништо друго. Штетите се огромни и за да ги санираме навистина мораме сите многу да работиме.

На конференцијата за печат Лилјана Јанкуловска, раководител на Секторот за економски, социјални прашања и колективно договарање, ги запозна новинарите со иницијативата за промена на условите за пензионирање, во која партиципираат Светската федерација на синдикатите и Меѓународната организација на трудот. Сметаме дека македонските работници не се изедначени со работниците во Европската Унија и во земјите од регионот. Треба да постојат повеќе услови за пензионирање, а не само старосната граница, рече Јанкуловска.

За прв пат три синдикални организации – ССМ, КСС и УНАСМ - се договорија да заземат заеднички став околу пензионирањето. Веројатно наесен ќе се организира заедничка конференција на трите организации околу прашањата за пензионирање.

Раководителот на Секторот за работни односи и правна заштита Драге Јованоски информираше за поединостите на дадената правна заштита во изминатиот период. Во 2009 година имало 19.401 предмет, што е за 10 отсто повеќе од бројот на предметите (17.144) во 2008 година.

На прашањето на новинарите за промените до регионалните совети во Куманово, Велес и Прилеп, Митревски објасни дека и таму се откриени неправилности. Регионалните совети не можат да имаат жиро - сметка и да издаваат простории. Настрана што имаше многу поплаки за нивно недоволно ангажирање. Покрај тоа, претседателот на РСС – Куманово се обиде да направи некаков регионален синдикат, надвор од ССМ, но тој самиот даде оставка, објасни Митревски.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc