ПРОСЛАВЕН ДЕНОТ НА ТРУДОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта
1.05.2010

Централната прослава на 1 Мај се одржа на плоштадот Македонија“. Под мотото “Зачлени се и запознај го твојот синдикат“ на дваесеттина штандови се претставија синдикатите здружени во ССМ и други секции...

 

“Зачлени се и запознај го твојот синдикат“ е мотото на денешната прослава на Меѓународниот ден на трудот Први мај, што ја организира Сојузот на синдикатите на Македонија. На 20 штандови на плоштадот “Македонија“ во центарот на Скопје се претставија синдикатите здружени во ССМ, како и младинската и секцијата на жени.

Новиот пристап на одбележувањето на Празникот на трудот е во склоп на новиот концепт на работење на ССМ, најавен веднаш после неодамнешната смена на бившото раководство. Претседателот Митревски во неколку наврати ја извести јавноста дека ССМ ќе работи по сосем нов курс, со тимски настап на гранските синдикати, со отвореност кон членството и јавноста и со соработка со социјалните партнери.

Претходно се одржа свечена седница на Советот на ССМ, на која поздравен говор одржа претседателот Живко Митревски. Свечениот амбиент го одбележа интонирањето на македонската химна и на Интернационалата, додека претседателот ги повика присутните со минута молчење да им оддадат почит на оние кои ги дале своите животи во борбата за работничкото движење.

На седницата присуствуваа повеќе гости, меѓу кои Ангел Димитров од Организацијата на работодавач, Ацо Спасовски од Стопанската комора, Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа, како и претставници на Фондацијата “Фридрих Еберт“ и од други невладини организации. Со посебно известување се јавија претседателот на Собранието Трајко Вељановски и министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, кои поради службени обврски не беа во можност да присуствуваат на свечената седница.

Организацијата на работодавачи во Сојузот на синдикатите гледа најзначаен партнер во социјалниот дијалог. Се надеваме дека социјалниот дијалог ќе ги подигнеме на повисоко ниво, од декларативен кон вистински дијалог. Очекуваме во скоро време на иста маса да седнеме ние, ССМ, Владата и другите фактори во социјалниот дијалог. Некои мислат дека е демагогија да се зборува за заедничките интереси на работодавачите и на работниците, но не е така. Во основа интересите се поклопуваат, односно односите можат да се наречат судири на соработка. Добар работник е задоволниот работник, истакна Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

На присутните се обрати и Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа, организација која остварува обемна соработка со ССМ. Неделно еден работник во Македонија го губи животот, секој ден еден работник потешко се повредува и четворица добиваат полесни повреди. Ние сакаме да поставиме заедничка цел за повисоко ниво на заштита при работа, порача Петковски.

Во продолжение целосно го пренесуваме говорот на претседателот Живко Митревски.

 

Почитувани гости,  членови на синдикатите, Колешки и колеги,

Денешната седница на Советот на ССМ ја одржуваме во чест на 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот. Овој ден кај нас и ширум светот премина во вековна традиција на одбележување и славење на денот кога, и покрај репресалиите што им се вршеа, за прв пат работниците гласно проговорија за своите права.  И после повеќе од еден век, работниците од целиот свет, вклучително и работниците од нашата држава, се сплотени, единствени и не отстапуваат од барањата искажани на крвавите првомајски демонстрации во Чикаго за:

  • Почитување на трудот;
  • 8 часа работа;
  • 8 часа одмор и
  • 8 часа културен живот.

Заложбите и макотрпната борба  за овие, симболично кажано три осмици, денес,  исто така, имаат приоритет во платформите за работа на синдикатите, особено што се соочуваме со бројни проблеми за нивното остварување во услови на изразени последици од светска економска криза. Во вакви услови уште повеќе јакне меѓународното синдикално заедништво, синдикалната соработка бидејќи низ времето се докажа дека ова е патот до остварувањето на основното човеково право - да живееме од трудот.

Почитувани гости, почитувани членови на синдикатите здружени во ССМ, почитувани колешки и колеги.

Во нашата држава, Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен лидер на работниците, се залага за правото на работа и правата од работа, уредени со највисоките правни акти - Уставот на Република Македонија, Законот за работните односи и другите закони од трудовата сфера да се преговара преку механизмите на социјалниот дијалог.  Врз тие основи и се заснова нашата Платформа и ние сме уверени дека достоинството на трудот, правата од работа, правото работниците преку своите синдикати да преговараат и одлучуваат за својата сегашност и иднина, мора да се почитуваат бидејќи тоа е и основниот предуслов за создавање перспектива за социјален развој и напредок.

Оттука, треба сите да бидеме свесни дека, доколку не се почитуваат правата на работниците, односно се укинуваат или се намалуваат, доколку за нив не се води социјален дијалог, нема развој на демократско, правно и социјално општество, за какво е декларирана нашата држава.

Сојузот на синдикатите на Македонија и во услови на рецесија и на сложена економско социјална состојба, со која се соочуваат скоро сите земји во светот и регионот вклучително и нашата држава, значително ќе се вклучи не само во активирањето и инплементирањето на четирите пакети антикризни мерки, туку и натаму ќе продолжи да дејствува во подобрувањето на состојбите  во повеќето сегменти, како што се невработеноста, состојбите околу платите, работа во безбедни и здрави услови, социјална сигурност и друго.

Стапката на невработеност со над 30% директно ја наметнува потребата од активен пристап и на носителите на власта и на бизнис заедницата од зголемување на вложувањата на стопанството, привлекување на странски капитал, но и справување со неформалната економија и обезбедување на договори за вработувања, платени годишни одмори, боледувања, надоместоци, но и обезбедувања на социјални придобивки, како и инплементирање на насоките за вработувања од Лисабонската декларација, како и глобалниот пакт за работни места.

Следно прашање кое посебно би го истакнал се платите, нивната висина, како и дискрапанцијата меѓу  реалните потреби на работниците и нивните семејства во однос на висината на платите и редовноста на нивната исплата. Во оваа смисла ССМ ќе мора да гради нови стратегии и пристапи. Еден од фундаменталните принципи на синдикатите е учеството за свест  и општествена одговорност за националната економија и потребата од координирано преговарање на  политиката на плати преку колективното преговарање и договарање.  Инфлацискиот одлив на плати во некои индустрии визави многу ниското ниво на други, може да се избегне само со заедничка  централна политика и преговарање заедно со синдикатите и ССМ.  Политиката за плати во иднина ќе мора да се  промовира со повеќе фундаменти, иста плата за исти работи, праведна плата и разумни разлики во платите, прогресивно оданочување и сл.

Правото на работникот да работи и твори во здрава, хумана и безбедна работна средина е фундаментално човеково право, затоа  се залагаме и го поздравуваме  секој чекор од страна на надлежните во државата по ова прашање.  ССМ во континуитет и посветено ќе работи кон издигнување на  свеста кај работодавачите, но и кај работниците за обезбедување на ова работничко право. Истото не е доволно само да се обезбеди, туку и да се спроведува.

Почитувани гости, членови на синдикатите здружени во ССМ, колешки и колеги.

На денот кога го славиме овој наш празник, поаѓајќи од потребата за обезбедување на општа општествена и социјална правда, за натамошно јакнење на општествената позиција на ССМ и здружените синдикати, а во смисла на остварувањето на глобалните цели за остварување на силен, независен, автономен и демократски синдикат, респектирање на  работничките, синдикалните и човековите права, промовирање на хумана и здрава работна средина, јакнење  на социјалниот дијалог, дозволете ми накратко да Ве запознаам со некои постулати на идното дејствување на ССМ.

Ваквото дејствување ќе биде засновано пред се на улогата на единството во функционирањето, еднаквост (сите луѓе имаат свои вредности), солидарност (помагање и поддржување)  демократија со утврдување на принципи за заедничко одлучување и одговорност, со почитување на мислењето на другите.

Организирањето на силен, независен, автономен и демократски синдикат ќе го бараме со заживување на нормативната позиција, но и залагање за продлабочување на институционализирањето на неговата позиција со  нудење на повеќе закони, како закон за работнички претставници и учество на работничките претставници во органите на управувањето, закон за застапеност во управувањето за соодлучување и слично. Јакнењето на Синдикатот го гледаме преку обезбедување на организациско и акционо единство со демократски стил на раководење.

Подобрувањето на  организационата структура и култура ќе ја реализираме со обезбедување на дијалектично единство меѓу деловите и целината со вклучување на  експертско и стручно ниво во нашето работење, со вклучување на Советот и Претседателството во секторското работење, афирмирање на нов стил на водство и тимска работа и  враќање на довербата со отвореност и транспарентност во работењето, доследност, самокритичност и посветеност кон организацијата.

Новите методи на работа ќе бидат насочени кон превентивно дејствување, наместо пост-фестум, активен однос кон спроведување на законите, наместо пасивно набљудување и констатирање, напуштање на форумското работење и активно вклучување на членството во донесувањето на одлуките,  иницијативите и сл.

Во борбата против невработеноста ќе градиме општа стратегија со барање за имплементирање на 8-те насоки од Лисабонската декларација, покренување кампањи за  реорганизација на работното време во колективните договори, отворање на прашањето за 35 часовна работна недела, поддршка на регионалните и локалните иницијативи за вработување.

Перспективите на македонското синдикално движење мора да ги бараме во неговата европизација, напорите за имплементирање на европскиот социјален модел, мора да е наш императив и средиште во насоките за евроатланските интеграции. Потребата за создавање на рамнотежа меѓу економската ефикасност и социјалната правда мора да е пропознатливо и во нашата стратегија.

Времето на реформи и промени  во синдикатите неопходно ја наметнува и потребата од надминување на класичната функција да обезбедува не само плати, туку и сигурност. Во својата агенда мора да започнеме преговори за дополнителни осигурувања за време на невработеност, за дополнително здравествено и животно осигурување. Со ова дополнително би се зацврстила и општествената позиција на синдикатите и на ССМ и тоа би била основа за придобивање на ново  членство.

Афирмацијата на идејата за соодлучувањето и инплементирањето на конвенциите и директивите на овој план ќе обезбеди можност да се надмине едностраното право на работодавачот на одлучување по низа прашања.

Социјалниот дијалог мора да биде продлабочен на сите нивоа во овој контекст, потребна е афирмација не само на национално ниво, туку и она што можеби е најсуштествено и најпотребно, а тоа е  и нивото на  претпријатијата каде дијалогот бележи неразвиеност, непостоење на синдикалното организирање во голем број претпријатија, но и неразбирање на потребата од колективно преговарање од низа работодавачи. Покрај барањето за реализирање на функцијата на економско-социјалниот совет, нашата стратегија ќе биде насочена и кон воведување на стручни  тела и на  локално ниво.

Еден од приоритетите мора да биде и воведувањето на нов едукативен концепт со формирање на синдикални школи кои би биле и во функција на водење на соодветна кадровска политика. Нашата стратегија мора да се развива и со  проевропско однесување во однос на синдикалниот плурализам, но и потреба од заедничко дејствување во однос на заеднички прашања во интерес на работниците во нашата држава.

Почитувани колешки и колеги, почитувани гости,

Ние бараме од сите ирелевантни субјекти и социјални партнери, достоинството на трудот на работникот да биде приоритет во нивните активности, бидејќи тоа е основа и предуслов за економски напредок.  ССМ и во наредниот период ќе биде еден од клучните фактори, креатор и мобилизатор, заедно со заедничка помош, со Ваша помош да го обезбеди тоа достоинство на трудот.

На крајот Ве повикувам сите заедно со многу поголемо единство, солидарност, со поголемо меѓусебно почитување да ги надминеме меѓусебните несогласувања и заеднички да креираме нов синдикален, семеен синдикален дух, толку потребен на мекедонскиот работник.

Во тоа име уште еднаш нека ни е честит 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот.

ДА ЖИВЕЕ 1 МАЈ, ДА ЖИВЕЕ ССМ, ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc