СРЕДБА СО НОВИНАРИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

29.04.2010

Претседателот Живко Митревски на денешната средба со новинарите најави нов курс во работењето на ССМ - транспарентност кон членството и јавноста, соработка со сите социјални партнери, тимски настап на гранските синдикати. Први мај ќе се одбележи во работна атмосфера...

 

Нов импулс на работењето на Сојузот на синдикатите на Македонија, тимски настап на гранските синдикати, отвореност кон членството и кон јавноста – тоа се некои од новите правци на функционирање на Сојузот на синдикатите на Македонија. Пред нас се сериозен период, во кој ќе се обидеме да ги санираме напластените недостатоци.

Ова меѓу другото го изјави претседателот на ССМ Живко Митревски на денешната средба со новинарите. Претседателот најави дека во скоро време може да се очекува посериозно присуство на ССМ во работните средини, со цел мобилизирање на работниците.

Македонија е во сериозна економска криза, која се засили поради светската рецесија. Ние од наша страна сакаме да влијаеме врз сите релеватни фактори во државата, значи Владата, претпријатијата и другите организации и институции, со цел да се ублажат последиците од кризата.

Празникот на трудот ќе биде прославен работно, на централниот плоштад во Скопје, најави Митревски.

На прашањето на новинарите за поддршката на стечајните работници претседателот објасни дека поддршка имаше и досега, но таа беше само декларативна. Претседателот на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) Пеце Ристевски информираше дека вистинската поддршка изостана поради неединството и некоординацијата во ССМ. Токму затоа не можеше да се договори заеднички став. Бившиот претседател двапати беше во Куманово, каде стечајците штрајкуваа со глад, и не најде за потребно да ги посети, дополни Ристевски. Синдикалците на средбата информираа ССМ сигурно многу ќе се ангажира во однос на стечајците, со тоа што најпрво треба да се соберат барањата на неколкуте нивни здруженија, кои имаат различни барања (стаж, години на старост, надомест), да се дојде до единствени ставови и потоа да се излезе пред Владата со јасни барања.

Промени ќе има и во односите со другите синдикални организации или здруженија. Не сме против синдикалниот плурализам и сметаме дека, условно кажано, конкуренцијата во синдикалното движење секого ќе натера да биде подобар од другиот. Во секој случај ќе има промени на план на соработката со другите синдикати.

Мораме да го подобриме имиџот на ССМ, и тоа кај нас и во странство. Веќе десет години ССМ не успеа да стане членка на Европската конфедерација на синдикати (ETUC) и на Светската конфедерација на синдикати (ITUC), и тоа токму поради овдешните внатрешни нарушени односи. И некои грански синдикати имаат последици со пристапувањето кон интернационалните организации. Наша цел е да ги одблокираме овие процеси и ССМ да стане полноправен член на меѓународните синдикални конфедерации, изјави Митревски. Што се однесува до внатрешните односи, не сакаме да продолжи досегашната антагонистичка атмосфера во ССМ, туку ќе настојуваме сите грански синдикати да работат тимски и единствено.

Една од наследените последици, покрај на организациски, се чувствува и на финансиски план. Комисијата за финансиско работење не се состанала последните две години и има многу нешта да се разјаснуваат. Сега најпрво работи Комисијата за финансиско работење, а по потреба ќе се оди и на други чекори.

Околу Статутарната комисија, во врска со изгласувањето недоверба на бившиот претседател, синдикалците Живко Митревски, Пеце Ристевски и Павел Трендафилов им објаснија на новинарите дека комисијата воопшто не се состанала, туку дека изјавите на претседателот на Статутарната комисија на јавноста и пренесувал во основа приватни изјави. Покрај тоа станува збор за адвокат со адвокатска канцеларија во Велес, што значи работодавач и поради тоа не можел да ја извршуваа оваа функција. За појаснување, во Велес е отпуштена наша правничка, која треба да ги застапува работниците, додека истовремено на истиот претседател на Статутарната комисија му е исплатуван паушал. Наскоро ќе ве запознаеме за овој и за други случаи, сето тоа поткрепено со цврсти докази, најавија синдикалците.

Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање Павел Трендафилов ги запозна новинарите со состојбите во градежното претпријатие “Пелагонија“. Вистинска трагедија се случува во ова претпријатие, во кое работниците немаат земено плати неколку месеци, не можат ни да одат на терен. Донесена е одлука за штрајк, што ќе се одржи пред управната зграда на “Пелагонија“. Станува збор за околу 300 лица од “Нискоградба“, појасни Трендафилов.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc