ОБРАЌАЊЕ НА ЖИВКО МИТРЕВСКИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

19.04.2010

Враќање на довербата од работниците кон ССМ, отфрлање на политичкиот багаж и соработка со другите синдикати се некои од задачите во нашата агенда, изјави на денешното обраќање в.д. претседателот Живко Митревски...

 

Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија ги изврши сите одлуки за кои не задолжи Советот на ССМ. Со индигнација ги отфрламе сите клевети и навреди упатени кон мене и кон Претседателството, затоа што се што сите измени се направени согласно Статутот на ССМ.

Ова денес на прес конференција го изјави в.д. претседателот на ССМ Живко Митревски, по повод повлекувањето на поранешниот претседател Ванчо Муратовски и неговото поставување за вршител на должноста претседател на ССМ. На прес конференцијата исто така присуствуваа претседателите на гранските синдикати, на чија иницијатива минатата недела се одржа седница на Советот на ССМ, при што му беше изгласана недоверба на поранешниот претседател Ванчо Муратовски.

Денес имавме примопредавање на просториите на поранешниот претседател. За жал, тој не беше таму и не бевме во можност заеднички, од чиста култура и колегијалност, да испиеме барем едно кафе. Но без разлика, ќе бидеме отворени за соработка со сите кои го сакаат тоа, како на пример со претседателите на оние гранкови синдикати кои не ја поддржаа нашата иницијатива.

Во нашата агенда е градење на нови односи во ССМ, збогатување на довербата, создавање единство, по примерот на функционирањето на синдикатите во светот. Јас се надевам дека на целите ќе работиме со тимска, а не со индивидуална работа, изјави Митревски.

Во среда ќе одржиме седница на Претседателството, на која ќе расправаме за најактуелните теми. Тоа се зајакнување на колективното договарање, измените и дополнувањата на Законот за работни односи, легитимирањето на синдикатите согласно законот. Кон крајот на месецот исто така ќе се одржи седница на Советот на ССМ, додека претходно закажаната се откажува, информираше Митревски.

ССМ се наоѓа во многу тежок период, со намалена доверба од членството, со нарушено меѓусебно единство и доверба, исто и со материјални тешкотии, кои во добар дел произлегуваат од нарушените меѓусебни односи, објасни Митревски. Меѓу приоритетните задачи е враќање на довербата  - внатре во ССМ и од работниците кон ССМ.

Во однос на навредите што поранешниот претседател ги упати преку јавните медиуми Митревски изјави дека портпаролот во принцип треба да ги застапува интересите на работниците, а не приватните пораки на претпоставениот. Статутарната комисија, пак, е комисија која не е приватен орган, туку треба да работи по налог на Советот, и тоа за нарушени односи меѓу синдикатите. Во случајов Статутарната комисија немаше за што да се изјаснува, затоа што се работи за чисто легитимно барање на 80 отсто од членството на ССМ.

На прашањето на новинарите за најавените судски спорови Митревски одговори дека зачудуваат изјавите на поранешниот претседател и неговиот портпарол, кои најавуваат судски спорови против волјата на работниците.

Во однос обвинувањата за вмешаност на политиката во смената на врвот на ССМ Митревски одговори дека една од главните цели на новата агенда на ССМ е токму отфрлање на политичкиот багаж. Тоа беше баласт што долго време го оптоваруваше Сојзуот.

За односот со другите синдикати в.д. претседателот изјави дека ССМ ќе биде отворен кон сите други синдикални организации и федерации. Како што синдикализмот функционира во западните земји, така и синдикатите во Македонија треба заедно да соработуваат, со цел подобрување на положбата на работниците. Соработката, размената на искуства и единствените ставови треба да бидат согласни со основните демократски принципи. Сметаме дека е добро работниците да имаат широк избор за тоа кој синдикат ќе ги застапува нивните интереси.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc