ЖИВКО МИТРЕВСКИ ВРШИТЕЛ НА ДОЛЖНОСТА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ССМ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

19.04.2010

Од денес Живко Митревски ја извршува функцијата вршител на должноста претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија. Досегашниот претседател Ванчо Муратовски се повлече од функцијата...

Живко Митревски, в.д. претседател на ССМ

 

Живко Митревски е назначен за вршител на должноста претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија. Одлуката е донесена минатата недела на седница на највисокиот орган на ССМ, Советот на ССМ, на која присуствуваа 11 од вкупно 17 грански синдикати кои членуваат во Сојузот.

Досегашниот претседател Ванчо Муратовски утринава изјави дека ја напушта функцијата.

Со денешната смена е ставен крај на минатонеделните настани и дилеми за смената на врвот на ССМ. Единаесетте синдикати, кои поведоа иницијатива за отповикување на досегашниот претседател, претставуваат 80 отсто од вкупното членство на ССМ, додека 40 од вкупно 64 членови на Советот гласаа за отповикување на досегашниот претседател.

Магистер Живко Митревски е роден на 28 јануари 1961 година во Битола. Правен факултет завршува во Битола. Во истиот град работел како стручен соработник, потоа како асистент на Катедрата по Уставно право и правно – политички науки на Правниот факултет во Битола. Магистрира на Катедрата по кадровски менаџмент на Институтот за социолошко – правни истражувања.

Исто така работел во ПОС “Кајмакчалан“ – Битола.

Во 1993 година е избран за претседател на општинскиот синдикат во Битола. Денес е исто така претседател на Регионалниот синдикален совет – Битола.

Живко Митревски е претседател на Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика на Македонија. Како носител на оваа функција во септември 2001 година, на 21. Конгрес на IFBWW (Светската федерација на синдикатите од градежништво, шумарство и дрвна индустрија) во Киопенхаген, е избран за заменик претседател на Десеттата група на федерацијата.

Има престојувано на студиски престои во САД, каде во јануари 2001 година се здобива со сертификат од Global Education Services за тренинг на локални синдикални лидери вио Македонија.

Има добиено повеќе признанија и дипломи за унапредување и развој на синдикалното движење од земјата и од странство. Во декември 2001 година добива диплома за завршен курс за синдикално лидерство од Detra Centar.

Во септември 2002 година добива диплома за учество во тренинг програмата “Јакнење на социјалниот дијалог – паритетен курс за Македонија“, од Интернационалниот центар на Меѓународната организација на трудот во Торино.

Во периодот 2000-2002 година учествува во локалниот тим на PRISMA – Битола и во проектот за унапредување на економскиот развој на Македонија, финансиран од USAID и Министерството за труд на САД.

Учествува на многу семинари и работилници за обука на синдикални лидери.

За книгата “Синдикалното движење во Битола 1900 – 1944“ ја добива наградата “4 Ноември“ на град Битола. Има имплементирано повеќе проекти со шведските синдикати за едукација на синдикални тренери.

Во 2003 година ја издава книгата “Синдикални предизвици“.

За прв пат во Македонија, во соработка со шведските синдикати и со Сојузот за работничко образование од Гетеборг, го отвора првиот синдикален едукативен центар – СЕЦ, каде се изучуваат предмети релевантни за синдикалното образование.

Активно работи на проучувањето и развојот на синдикалното движење, издава повеќе трудови на оваа тема и има добиено повеќе признанија од европски и светски синдикални организации за неговата работа во развојот на синдикалното движење во Македонија.

Во декември 2009 година, на Конгресот во Лил, Франција, е избран за член на Светскиот синдикален свет на Светската федерација на синдикатите од градежништвото, шумарството и дрвната индустрија (IFBWW), водено и за претседател на Групата за Југоисточна Европа.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc