ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ ЌЕ БИДЕ ЗАКОН ЗА МАЛТРЕТИРАЊЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

18.03.2010

Една третина од сите вработени во земјава се во јавната администрација. Со усвојувањето на законот нивните животи ќе зависат од волјата на власта, делегирана преку мал број раководители. ССМ бара повлекување на Предлог – законот...

Од јавната расправа: новиот пропис значи диктатура во администрацијата, здравството, јавните претпријатија, установите...

 

Терор, малтретирање, откази поради политичка припадност, изживување, казнување без вина, намалување на плата за 70 отсто, мобинг, политички мобинг, оценување без објективност, преместување од едно на друго работно место без образложение, сведување на вработените на луѓе без право на глас... Ова се само некои од зборовите кои се слушнаа на вчерашната јавна расправа “Предлог – закон за јавни службеници: приближување кон Европа или...?“

Јавната расправа, што ја организираа Сојузот на синдикатите на Македонија и Фондацијата “Фридрих Еберт“, треба да послужи како предупредување за последиците што ќе настанат ако Предлог – законот биде усвоен. Моментно е пред втора фаза на собраниско читање и веројатно, како и досега, ќе биде усвоен, но секако треба да се алармира целата македонска јавност, го соопшти ставот на ССМ претседателот Ванчо Муратовски. Тој повтори дека ССМ бара повлекување на законот од собраниска процедура, поведување широка јавна расправа, пред се со социјалните партнери, Синдикатот и работодавачите, потоа на науката, а секако треба да се слушне и гласот на самите вработени. Иако и досега учеството на Синдикатот во подготвувањето на законите беше само од формален аспект – накусо, продолжува практиката од изминативе четири години на намалување на правата на работниците.

Законот е рестриктивен, нецелосен, необмислен, истакна Муратовски. Се инсталира диктатура во јавните служби. Во краен случај не е битна толку ни регулативата, туку волјата на власта. Европската Унија постојано предупредува дека социјален дијалог мора да има, но власта очигледно мисли поинаку.

Во текот на дискусијата се споменуваа различни бројки вработени, а не е расчистено ни за кои категории ќе се однесува овој закон. Се спомена дека “чисти“ државни службеници, значи оние кои се платени директно од буџетот, има 9.700, додека во сите јавни служби, каде спаѓаат образованието, здравството, фондовите, институциите и другите установи работат над 100.000 лица. Со масовната примена на инаку непостоечката категорија договор на дело се стигнува некаде од 135.000 до 150.000 лица. Исто така не е јасно дали законот ќе се однесува само на државните службеници или и на установите кои се сметаат за јавни, но се самофинансираат, како и на јавните претпријатија, кои исто така имаат сопствени извори и не зависат од државниот буџет.

Меѓутоа, она што е најбитно, или, може да се каже, најопасно за вработените, е контролата на власта врз установите. Без оглед дали е во прашање “класичен“ државен чиновник, или вработен во јавно претпријатие, раководителот ќе биде поставуван од власта и ќе ги спроведува наредбите од горе.

Оттаму внесе дилеми објаснувањето на професорот Борче Давитковски, декан на Правниот факултет “Јустинијан Први“, кој е учесник во Работната група и во подготвувањето на законот. Ова е закон за отстранување на политичкото влијание врз јавните службеници, изнесе Давитковски во неговото излагање.

Мораме да мислиме на издржливоста на јавната администрација. Буџетот не дозволува ваков јавен сектор, затоа што 66 отсто од буџетот оди за плати, што е неодржливо, продолжи Давитковски. Настрана од носечкиот кадар, другите вработени, како техничкиот персонал, нема да бидат заштитени со овој закон. На пример, од 24.000 вработени во здравството “бели мантили“ се 16.000, додека останатите се технички лица.

Позитивни оценки изнесе и Билјана Бришкоска Бошковски, државен секретар во Минсстерството за правда. Ние сме за носење закон за јавните службеници, во принцип го прифаќаме рестриктивниот концепт и сметаме дека е потребна реформа во јавната администрација, рече Бришкоска.

Професорот Давитковски исто така истакна дека Законот за државни службеници и новиот закон за јавни службеници мора да се спојат во еден закон. Вака постои двојно регулирање, владее шаренило во сите јавни служби. Паралелно мора да се донесе закон за плати. Што се однесува до колективното договарање, Синдикатот и власта треба да расчистат дали за вработените во јавниот сектор ќе бидат потребни колективни договори.

Со овој закон се добива само уште една алатка за политички мобнг, истакна Цветанка Иванова, пратеник во Собранието. Иванова објасни дека Предлог – законот треба да се повлече од процедура и да се поведе јавна расправа, со цел да се утврдат последиците. Една четвртина од популацијата во земјата живее од плати во јавните дејности, предупреди Иванова. Со овој закон нема реформи во јавната администрација.

Ме чуди однесувањето на другите синдикати, рече Иванова. Реагира само ССМ и затоа треба да се запрашаме дали има потреба од нив ако тие се оглушуваат од донесувањето на вакви закони.

Ние како опозиција реагираме на начинот на потполнувањето на работните места, во смисол дали ќе се потполнуваат со јавен или интерен оглас. Претпоставениот има преголемо дискреционо право. Понатаму, нема комисии, туку се зависи од раководното лице. Во овие случаи природно е да има претставник на Синдикатот. Распоредувањето исто така ќе биде доста злоупотребуван институт. За стручното оспособување има само една до две одредби.

Конечно, треба да знаеме дека вработените цело време ќе бидат под стрес, свесни дека нивниот опстанок го држи во рака само едно лице. Отказниот рок е институт и во меѓународното право, затоа што на лицето треба да му се даде простор да најде нова работа.

Ана Павловска – Данева го спореди предлог законот со словенечкиот закон за јавни службеници. Во Словенија при подготвувањето на сите закони од работниот однос се вклучени синдикатите и другите социјални партнери. Во таа земја претходеа пет години преговарање на социјалните партнери и затоа резултатот е квалитетен закон. Во Македонија тоа не е случај. Платите се регулирани со посебен закон и има многу контролни механизми. Мислењето на синдикатот е задолжително, додека овде на Синдикатот му се рацете врзани. Политичките советници се потребни, но тие немаат право да се мешаат во прашања околу вработените. Ако одиме пошироко, во Европа, да споменеме дека таму нема оценување три пати годишно.

Се носи антиевропски и антиреформски закон, го иснесе своето мислење пратеникот Тито Петковски. Треба да се знае дека јавното мислење и јавната пресија е единственото нешто од што се плаши власта.

Најдиректно кажано, ако целта е да се избркаат “нивните“ и да влезат “нашите“, тогаш неминовно ќе настане комплицирана ситуација, затоа што никој не владее сто години. Денешните “наши“ утре со смената на власта ќе бидат “нивни“. Наша задача, како синдикат, е да ги заштитиме, а со ваков закон тоа нема да го можеме, додаде Ванчо Муратовски. Членовите на ССМ се симпатизери на партии од власта и од опозицијата, или се неопределени и неполитични, потсети портпаролот на ССМ Милан Живковиќ. Синдикатот е настрана од политичките партии и се грижи за правата од работен однос.

Основна алатка на европскиот социјален модел е социјалната заштита, услугите за сите граѓани и автономната структура на социјалниот дијалог, што овде не е присутно. Така сега со законот се врши отстапка од европскиот социјален модел. Инаку, не е јасно кои лица ќе се третираат за јавни службеници, нагласи Живко Митревски, претседател на Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика. Не се знае дали секачот на дрва и транспортерот исто така ќе бидат јавни службеници.

Не е во ред судбината на 130.000 лица да се уредува во закон со осумдесеттина членови. Не вреди ни донесувањето на подзаконските акти. Во повеќе наврати на странските емисари им објаснуваме дека ова е Балкан и дека не се почитуваат ни законите, камоли подзаконските акти, рече Пецо Грујовски, генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc