ВО СКОПЈЕ СЕ ОДРЖА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА РЕГИОНАЛНИОТ ПРОЕКТ “ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА“

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

11.03.2010

Социјалниот дијалог не е опција, туку обврска, порачаа европските претставници на денешното јавно претставување на регионалниот проект “Мрежа за заштита при работа“. Учесници на проектот се финансиските синдикати од Македонија, Србија и Црна Гора и здружението “Мобинг“ од Хрватска...

 

Мобингот е област за која се зборува се почесто и поотворено во целиот свет. Земјите од регионот ќе ги следат пристапите за регулирање на мобингот што се востановени во Европската Унија, гласи пораката на претставникот на делегацијата на ЕУ во Македонија Лукас Мелка, на денешното претставување на регионалниот проект “Заштита при работа“, што се одржа во Скопје.

Регионалниот проект опфаќа четири земји од регионот: Македонија, Хрватска, Србија и Црна Гора. Учесници се финансиските синдикати од три земји – Синдикатот за финансиски дејности на Македонија, Синдикатот на банките и финансиските организации СС “БОФОС“ од Србија и Синдикатот на финансиските организации од Црна Гора. Лидер на проектот е “Здружението за помош и заштита на жртвите од мобинг“ од Хрватска, додека од истата земја во проектот партиципираат Независните хрватски синдикати, Хрватската асоцијација на невработените и Организацијата на работодавачи на Хрватска. Проектот е финансиран од Претпристапниот фонд “ИПА 2008“ (Civil Society Facility).

Во Европската Унија постојат неколку различни пристапи на регулирање на мобингот. Во некои земји се донесени посебни закони, во други не, но проблематиката сепак се третира, иако на различни начини. Најважно е што во Унијата на највисоко ниво на психичките притисоци им се посветува најголемо можно внимание, изјави Лукас Мелка.

Пратеничката Лилјана Поповска истакна дека најважна е едукативната функција, во правец на поучување и охрабрување на луѓето. Важно е што Синдикатот ги превзема чекорите кон едукација на работниците, во смисол тие да можат да го препознаат притисоците и да бараат заштита. Најлоши се психичките притисоци, затоа што водат кон разорување на здравјето на луѓето.

Народниот правобранител Иџет Мемети изнесе податоци, според кои бројот на претставките по овие основи е во пораст. Во 2008 година имало 253 претставки, додека во 2009 тие забележале пораст од 60 отсто.

Мобингот е обемна материја и не може да се сведе на неколку члена од законот, рече Тодор Каламатиев, професор на Правниот факултет “Јустинијан Први“. Мобингот може да се разгледува од различни аспекти, и тоа од економски, социолошки и психолошки.

Според Белинда Николовска, генерален секретар на Организацијата на работодавачи (ОРМ), Синдикатот и Организацијата на работодавачи имаат блиски погледи во поглед на мобингот. Колективното договарање и колективните договори се битна компонента за заштита на луѓето од психичко малтретирање и таа материја треба да има свое место во колективните договори. ОРМ го потпиша Општиот колективен договор за стопанство и уште осум колективни договори на гранско ниво, информираше Николовска. Инаку, во Република Македонија е најзастапен политичкиот мобинг во јавните служби, иако во помал обем малтретирањето е присутно и во приватниот сектор.

Јадранка Апостоловски од хрватското “Здружение за помош и заштита на жртвите од мобинг“ и лидер на регионалниот проект, ги запозна присутните со следните чекори на развивањето на мрежата. Покрај другите активности, информираше Апостоловски, ќе се изработи заеднички интернет портал.

Следната презентација ќе се одржи на 18 март во Подгорица, Црна Гора.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc