СТЕЧАЈЦИТЕ СО РАСИПАНИ ЈАЈЦА ПО ВЛАДАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

9.03.2010

Се радикализираат протестите на стечајните работници. На денешниот протест тие фрлаа расипани јајца врз зградата на Владата, чија врата за нив остана затворена. Народот избира, народот казнува, порачаа работниците...

 

Стечајните работници на денешниот протест ја почестија Владата со канонада од стотици јајца. Транспарентите и погрдните зборови не изостанаа ни денес, но се стекнува впечаток дека работниците се подготвени на радикализирање на нивните протести. Вратата на Владата инаку остана затворена за нив.

Народот избира, народот знае и да казнува, порача во име на стечајните работници лидерот на Здружението УНИТ од Куманово Лилјана Георгиевска. Ако премиерот Груевски не е способен да го реши нашиот проблем, тогаш нека си оди.

На протестот пристигнаа претставници на три политички партии - Обединети за Македонија, Социјалдемократскиот сојуз и Нова социјалдемократска партија. Луѓето не бараат многу, само згрижување до пензионирање, изјави Бошковски, кој пристигна прв од политичките делегации. Ние веднаш ќе го решиме прашањето, не само за стечајците, туку и за земјоделците и бранителите, но решение за луѓето е потребно сега и веднаш.

Втор преку медиумите се обрати Марјанчо Николов од СДСМ, кој изјави дека ако Република Македонија е социјална држава тогаш треба да се обезбеди надоместок за стечајните работници.

Двете политички партии беа присутни и минатиот вторник, додека денес пристигна и Тито Петковски. Тие примија на работа од 30.000 до 40.000 нивни партиски членови. Може да се најде решение и за овие луѓе, кои се премлади за пензија и престари за работа, рече Петковски.

На крајот на протестот, околу 14. часот, работниците демонстративно свртеа грб кон Владата, со завршен збор “Слава им!“ Денешниот протест се одржува во рамките на серијата демонстрации на стечајните работници. За следниот вторник е закажан нов протест пред Владата, со тоа што се споменува дека работниците можат да демонстрираат и пред Собранието.

Сојузот на синдикатите на Македонија ги поддржува нивните барања и најави дека ќе подготви Закон за стечајните работници, кој ќе го предложи на усвојување во Собранието.

Основното барање на стечајните и технолошки вишок работници е месечен надоместок од 100 евра месечно, до пензионирање или ново вработување, со одредување старосна граница од 56 години на мажи и 53 за жени. Се проценува дека во Република Македонија има околу 12.000 работници од овие категории.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc