ПОЧНУВААТ ПРЕГОВОРИ ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА КОНВЕНЦИЈАТА 94 НА МОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

24.02.2010

Синдикатот за градежништво и Министерството за труд и социјална политика, по препорака на МОТ, идната недела почнуваат преговори за прифаќање на меѓународните трудови стандарди. Целта е спречување на корупцијата при тендерите и работењето на црно...

 

Идната среда, на 3. март, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) и Министерството за труд и социјална политика почнуваат преговори за усвојување на Конвенцијата број 94 на Меѓународната организација на трудот (МОТ). Конвенцијата ги регулира меѓународните и европските трудови стандарди. Усвојувањето и примената на стандардите во националното законодавство би значело крај на работењето на црно во Република Македонија, информира Павел Трендафилов, претседател на СГИП.

Конвенцијата 94 на МОТ е важна за сите работници во земјава, затоа што налага прифаќање на социјални клаузули при јавните набавки. Имено, со овој меѓународен документ право на учество на јавни тендери имаат само претпријатија во кои вработените се уредно пријавени, редовно добиваат плата, здравствено и пензиски се осигурени, накусо нивниот работен статус е по сите законски норми. Конвенцијата практично го спречува користење непријавени работници, односно прифаќањето на меѓународните стандарди би значело крај со корупцијата и злоупотребите при јавните тендери.

Македонската јавност е презаситена од  бројните афери и скандали со јавните набавки. Појавата трае непрекинато од почетокот на деведесеттите години. Последиците се богатење на поединци и на тесни кругови од бизнисот и политиката, пропаѓање на цели стопански гранки и зголемување на сиромаштијата. Претпријатијата кои ангажираат работници на црно, или се блиски до политичките партии, нудат пониска цена и ги победуваат претпријатијата кои ги извршуваат обврските кон работниците.

Од корупцијата во јавните набавки се засегнати сите дејности, додека последиците најдиректно ги чувствува градежништвото, нагласува Павел Трендафилов. Според нашите податоци во градежништвото се ангажирани околу 37.000 лица, од кои пријавени се најмногу 15.000, што значи дека останатите работат на црно. Затоа СГИП води активности за усвојување на меѓународното трудово право и за прифаќање на социјалните клаузули во националното законодавство од 2006 година. Одржани се две меѓународни конференции  во Скопје, проблемот е изнесуван на меѓународните синдикални средби и форуми.

Добар дел од активностите одеа преку Интернационалната федерација за градежништво, дрвна индустрија и шумарство (BWI), каде СГИП е полноправен член. До Експертскиот комитет на МОТ е испратен извештај за социјалните стандарди, социјалната регулатива и социјалниот дијалог во Република Македонија. МОТ во Македонија го испрати својот експерт Стивен Оутс. Бордот на директори и Експертскиот тим на МОТ достави препорака во Владата на Република Македонија за отпочнување на преговори околу Иницијативата на СГИП за имплементација на Конвенцијата 94. Инаку за Иницијативата се разговараше и во земјата. Економско – социјалниот совет ја одобри во два наврати, додека информиран е и премиерот Груевски.

Најголемиот број земји во светот ја имаат имплементирано Конвенцијата 94 на МОТ во своите национални законодавства. Не се во прашање само развиените европски земји, туку многу држави во Јужна Америка, Африка и Азија.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc