ПОВЕЌЕ ОД 80 ОТСТО МЛАДИ САКААТ НАДВОР ОД ДРЖАВАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

22.02.2010

Одливот на мозоци и општото иселување на младите луѓе е последица на општата апатија што владее во Македонија. Не толку одамна родителите ги спречуваа децата да заминат – денес самите ги тераат да најдат подобар живот во друга земја...

 

Во Македонија владее општа апатија, чувство на разочараност, безнадежност и депресивност. Не толку одамна родителите гледаа нивните деца после школувањето да останат покрај нив, да им се најде некакво вработување и колку толку да се живее нормално. Меѓутоа, денес истите родители не само што не ги спречуваат децата да заминат, туку самите ги тераат да одат во белиот свет и да најдат подобар живот. Спроведовме анкета меѓу средношколската и студентската младина, со прашање каде младите луѓе ја гледаат својата иднина, дома или во странство. Резултатот донекаде беше очекуван, но сепак се изненадивме од фрапантната бројка – повеќе од 80 отсто од испитаниците одговорија дека сакаат да заминат во некоја странска земја.

Ова е само дел од излагањето на  професорот Зоран Велковски на панел дискусијата “Економија и одлив на мозоци“, што минатата недела се одржа во Универзитетската библиотека. Панел дискусијата е активност во склоп на двегодишниот проект “Отворен дијалог на општествено вклучување на младите луѓе преку вработување и правата на младите работници во Република Македонија“. Проектот е финансиран од Европската Унија, додека го водат Балканската фондација за деца и млади, Универзитетот од Љубљана и Сојузот на синдикатите на Македонија.

Кога се зборува за емиграцијата на младите се слушаат повеќе аспекти на појавата, проценки за штетите по економијата, за демографските пореметувања, за назадувањето на општата состојба во земјата. Меѓутоа, секогаш излегува една заклучна мисла – со одливот на мозоци никој ништо не може да стори. Ниту Владата, ниту институциите, ни дебатите, ни науката. Процесот е едноставно надвор од делокругот на сите можни фактори во земјата.

На сличен начин се разговараше и на панелот, на кој присуствуваа и доста млади луѓе, студенти, па и средношколци. Се гледаше дека тие се дојдени нешто од љубопитство, но повеќе поради приликата да го изразат револтот од општата безнадежност во оваа земја. Зад рамнодушноста со која зборуваа се препознава нивната дефинитивна одлука да заминат од земјата во која се родиле. “Оваа држава тоне во секој поглед! Што ќе ми овозможи оваа земја? Овде не гледам иднина!“ – се само некои од нивните поенти.

Одливот на мозоци е појава што се јавува во целиот свет, во различни региони и времиња. Затоа доста добро може да се измери што добива и што губи земјата од каде се иселуваат и земјата каде се населуваат младите луѓе. Истото важи и за Македонија – ќе се наруши демографската структура, затоа што најголем дел од младите кои заминуваат, околу 70 отсто, се на возраст до 30 години. Се намалува продуктивноста, индустријата тешко наоѓа квалификуван кадар, накусо целата економија губи во сите домени.

Околу 12.000 млади образовани лица ја имаат напуштено Македонија од почетокот на деведесеттите, објасни Анастас Вангели од Центарот за истражување  креирање политики. Тука некаде е целиот Западен Балкан, со тоа што Албанија е лидер во задржувањето на своите граѓани. Србија има најголем број емигранти, додека за Б и Х и Црна Гора нема прецизни податоци. Во однос на причините Вангели посочува дека во земјава се формираат две елити. Првата успева да се снајде, да најде работа и да стекне капитал во сопствената земја, додека втората не може да го стори тоа и затоа е подготвена да ја напушти земјата.

Добра илустрација за изопачените стандарди и вреднувањето и атмосферата во работните средини даде Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации. Бевме околу 150 луѓе, од повеќе земји во светот, на обука во САД. После седум години претежно сите што ја завршија обуката станаа богати луѓе. Најдобри излегоа Кинезите, што кажува дека Кина системски инвестира во задржувањето на својот човечки капитал. На каков прием наидов јас кога се вратив во Македонија? Никому не му текна да рече дека ја зголемува платата барем за 50 евра, ниту да го вреднува знаењето на друг начин.

Добар дел од разочарувањето на младите се извртените вредности, почнувајќи од школувањето. Ако нема добри врски младиот човек, без оглед колку е стручен, тешко ќе најде место. Има примери на деца со купени дипломи, но внимавајте, рече Филков, родителите всушност ги осакатуваат нивните деца со тоа што им ги купуваат дипломите.

Јудита Петерлин од Економскиот факултет во Љубљана ги пренесе словенечките состојби. Таа смета дека  битна улога во одливот на мозоци игра културата. Така Словенија ја напуштиле само 4.000 нејзини граѓани, додека се доселиле 30.000 лица од други земји. Словенците повеќе се склони да се преселуваат од едно на друго место во нивната земја, отколку да заминат во друга држава. Има примери на луѓе на кои им се нуди работа за далеку поголема плата во Франција, но тие остануваат во Словенија поради повисокиот квалитет на животот.

И другите учесници на панел дискусијата, Златко Ветеровски од Царинската управа, Зоран Цали од Фондацијата Институт отворено општество, Атанас Димитров од Младинскиот образовен форум, воглавно изнесоа мислења дека лошата економска состојба и назадувањето на оваа држава, па и безбедносните прилики, се причини што најголемиот број од младите луѓе гледаат да најдат свое место во некоја од развиените земји.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc