ФАКТИТЕ МОЖАТ ДА СЕ ИЗВРТУВААТ, НО ВИСТИНАТА Е ЕДНА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

19.02.2010

Одговор на реакцијата на Министерството за труд и социјална политика

 

Министерството за труд и социјална политика по правило остро реагира на фактите што ги соопштува Сојузот на синдикатите на Македонија. Така се огласи и вчера по повод нашата прес конференција, на која ги соопштивме нашите ставови околу менувањето на три важни закони од областа на работните односи – Законот за работни односи, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Нашите ставови ги изнесовме на нашиот сајт www.ssm.org.mk

Одредбата за казнување на работникот со 70 отсто од платата додека трае дисциплинската постапка против него, измена што треба да се внесе во Законот за работни односи, не постои во Законот за државни службеници, од каде наводно треба да се превземе. Нашите експерти не пронајдоа таква одредба во Законот за државни службеници. Сега се повикуваат дека тоа било во предлог измените на Законот за државни службеници, што сега е во собраниска процедура - што значи дека таква одредба правно се уште не постои.

Понатаму, не може едно право уредено со општ закон, а е поповолно за работниците, да се намали и да се усогласи со закон lex specialis. Треба да биде обратно, законот lex specialis треба да содржи поголемо право во однос на општиот закон.

Ние сметаме дека Законот за државни службеници треба да се промени на ваков начин – надоместокот на работникот за време на дисциплинската постапка не треба да изнесува 30 отсто, туку 100 отсто од неговата плата. Сето ова води кон понатамошно намалување на правата на работниците и на општо влошување на атмосферата во работните средини. Се сомневаме дека една од првите последици ќе биде злоупотребите на раководителите и малтретирање на подредените – и тоа, претпоставуваме, најмногу во јавниот сектор.

Исто така сметаме дека сепак не е дадена прецизна дефиниција на одредбата “активно барање работа“. Министерството наведува што се подразбира под активно барање работа, но тоа го нема кажано во законот. Она што се подразбира под активно барање работа повторно отвора простор за манипулации. Сметаме дека тие наводи се недоречени, преопшти и можат да се толкуваат на различни начини – значи и да се злоупотребуваат. Како работникот ќе докажува дека присуствувал на состаноци  и интервјуа? Кои се тие состаноци и каква потврда му треба за да докаже дека се интересирал за преквалификација? Од кого треба да собира потврди и кој е овластен да ги дава? Постојат ли потребни формулари за таквите “докази“, или се треба да се приложуваат табаци со ракописно писмо?

Последица е дополнително усложнување на хаосот во евиденцијата на Агенцијата за вработување. Впрочем, што Агенцијата значи за невработените се гледа од податокот што го соопштивме – минатата година 185.491 вработување се остварени надвор од Агенцијата, додека преку истата Агенција 59.803 вработувања. Односот е отприлика еден спрема три. Невработените едноставно немаат интерес да се пријавуваат, додека со “активното барање работа“ уште повеќе ќе се оддалечат од Агенцијата.

Впрочем и овие измени не се исклучок, туку се вклопуваат во она се прави неколку години наназад. ССМ има должност да се бори против континуираното намалување на правата на македонските работници.

Сојуз на синдикатите на Македонија

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc