СТЕЧАЈЦИТЕ ВО СЕНКА НА СПОМЕНИЦИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

11.02.2010

Срам да му е на премиерот и министрите што ги игнорираат нашите барања, порачаа вчера стечајците, кои втор месец штрајкуваат со глад во Куманово.

Тие бараат по шест илјади денари месечно додека стигнат до пензија...

Работниците очајни и бесни поради игнорирањето од Владата

 

После два месеци штрајк со глад вчера стечајните работници се огласија со осуда на владата, која и понатаму го игнорира нивниот проблем. Тие штрајкуваат во просториите на Регионалниот синдикален совет - Куманово на Сојузот на синдикатите на Македонија, со барање да им се доделува месечен надомест од околу 6.000 денари, додека не го исполнат условот за пензионирање.

Срам да му е на премиерот и на неговите министри што ги игнорираат нашите барања. Тие беа деца кога ние работевме и ја градевме земјава. Од нашите плати издвојувавме придонеси за да се школуваат и стипендираат, изјави претседателката на Здружението УНИТ Лилјана Георгиевска.

“Тие забораваат дека станаа успешни луѓе на грбот на работниците, оние кои денес се без работа и штрајкуваат со глад, се смрзнуваат. Нивните деца се школуваат на странски колеџи и универзитети, а тие збеснуваат со изградба на споменици во Скопје. Го делат народот на патриоти и предавници. Нивната арогантност и игноранција немаат мера. Срамота!“, ја пренесува изјавата на водачот на стечајните работници Георгиевска електронскиот весник “Kumanovonews“.

Иако се исцрпени и понижени, стечајците најавуваат дека ќе останат доследни на своите барања и нема да се повлечат, и покрај тоа што се игнорирани од власта. “Нервите ни се многу истенчени. Секоја вечер дополнително не нервираат препукувањата на телевизија за спомениците на плоштадот во Скопје, додека ние памет немаме како да им купиме леб на нашите деца“, ги пренесува нивните изјави кумановскиот електронски весник. Ако премиерот не знае да смета, ние ќе му пресметаме дека со скусување на мал процент од 200 милиони евра за плоштадот во Скопје ќе го реши проблемот на стечајците, изјавија овие работници. Повеќето стечајци се со здравствени проблеми, со висок притисок, срцеви заболувања и дијабетес.

Штрајкот во Куманово е само една масовна акција на стечајните и работниците прогласени за технолошки вишок. Тоа од крајот на 2008 и првите месеци од 2009 година еднаш неделно одржуваа протести пред Владата, барајќи решавање на нивниот проблем со обезбедување месечен надомест од околу стотина евра месечно. Пред тоа протестираа со кампување во шатори во паркот спроти Собранието на Република Македонија. Камперската населба беше отстранета со донесување закон, со кој божемно е најдено решение. Набрзо повеќе од 30.000 стечајни работници сфатија дека практично се измамени, затоа што со новиот закон беа згрижени околу 600 лица, додека останатите не добија ништо. Но премиерот Груевски сеедно остана на тврдењето дека закон е донесен и дека нема намера да го решава проблемот на лица избркани од приватни претпријатија.

Сојузот на синдикатите на Македонија ги поддржува нивните барања и настојува да им обезбеди секаква помош. Наскоро ССМ ќе достави предлог на Закон за стечајните работници, кој ќе важи без оглед на староста, изјави претседателот на ССМ Ванчо Муратовски, за време на неговата посета на стечајците во Куманово пред две недели. Нема да правиме разлики меѓу луѓето, туку ќе гледаме новиот закон да важи за сите, без оглед на тоа кој колку години има, најави претседателот на ССМ.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc