ПОСЕТА НА СТЕЧАЈЦИТЕ ВО КУМАНОВО

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

29.01.2010

ССМ наскоро ќе достави Предлог Закон за стечајните работници, кој ќе важи за сите, без оглед на староста. За ССМ тие се работници како и сите други и продолжуваме со безрезервната поддршка, порача претседателот Ванчо Муратовски при вчерашната посета...

Синдикатот не се откажува од стечајните работници

 

Делегација на Сојузот на синдикатите на Македонија вчера ги посети стечајните и работниците прогласени за технолошки вишок, кои 56 дена штрајкуваат со глад во просториите на Регионалниот синдикален совет на ССМ во Куманово. На средбата претседателот на ССМ Ванчо Муратовски го повтори ставот на ССМ: стечајците се работници како и сите други и затоа, како и досега, ќе им се дава безрезервна поддршка во сите нивни барања. ССМ подготвува и наскоро ќе подготви предлог на Закон за стечајни работници, кој ќе го поднесе на усвојување.

Стечајците, кои штрајкуваат од деветти декември, ја прифаќаат поддршката што ја овозможува Сојузот на синдикатите на Македонија. Не е исправна логиката на Владата, односно на премиерот, кој изјавува дека не може да го решава проблемот на работници од приватни претпријатија. Сите овие луѓе целиот свој работен век го поминале во општествени претпријатија и не е толку важно што во моментот кога останале на улица претпријатијата биле приватизирани. Сите треба да имаме на ум дека се што е изградено во Македонија, цела инфраструктура, стопански и станбени објекти, е дело на нивниот труд. Тие одвојувале од нивниот денар за да се изгради оваа земја и како заедница не можеме да седиме настрана пред нивните маки, порача претседателот на ССМ.

Синдикатот никогаш не се откажал од овие луѓе и ќе ја тераме работата до крај. Нема да правиме дилови и договори само за одредена група, туку со новиот закон сите ќе бидат вклучени, без оглед на годините, изјави претседателот на ССМ.

Посетата на раководството на ССМ е дел од поддршката што Синдикатот им ја овозможува на стечајните работници. Имено, Синдикатот беше со овие луѓе за време на протестите, кои од крајот на 2007 и почетокот на 2008 година секоја недела се одржуваа пред Владата. Од страна на ССМ беше одреден овластен преговарач на стечајните работници, кои ги застапуваше пред Владата.

Здружението “УНИТ“ во Куманово брои околу 12.000, додека се проценува дека во земјата има повеќе од 30.000 стечајни работници. Тоа е броен слој на постари луѓе, повеќето во своите доцни педесетти години, кои станаа најголемите жртви на приватизацијата. Најголем број од нив имаат стаж од 20 до 30 години во некогашните големи системи, како “ЧИК“, “Газела“, “ФАС“ и други претпријатија. Така излезе дека после 25 години работа во општествен сектор и два месеци во истото, приватно претпријатие, Владата да ги третира како “работници од приватен сектор“. Изјавата на премиерот не држи и тој треба да ја повлече, истакна Муратовски.

Со приватизацијата или со пропаѓањето на препријатијата, тие се најдоа на улица, без никакви приходи за елементарен опстанок. Не ги исполнуваат условите за пензија, додека во земја со стапка на невработеност од 37 отсто не е можно да најдат нова работа.

Тие не бараат многу, отприлика по шест илјади денари, околу стотина евра месечно, да можат да преживеат додека не стигнат до годините кога ќе го остварат правото на пензија. Целата сума не би достигнала ни три милиони евра месечно, или околу три отсто од државниот буџет. Но тоа е само за почеток, затоа што цели групи постепено би ја дочекувале својата заслужена пензија, така што сумата за нивните надокнади ќе се намалува секој месец. Така едно хумано општество на безболен начин би ги решило страшните судбини на овие очајни луѓе.

Меѓутоа, изгледа дека за македонските влади стечајците се само еден слој непријатни луѓе, кои го рушат нивниот комодитет и фабрикувањето на самофалбите во јавноста. Повеќе или помалку сите беа на оваа бранова должина, но сегашната Влада изгледа води во игнорирањето на овој голем социјален проблем. Покажа и некаква оригиналност - отиде дотаму што во 2008 година донесе блеферски закон, со кој божем го реши проблемот. Всушност само ја отстрани шаторската населба во Паркот на жената, спроти Собранието, каде стечајците кампираа со месеци. После честитањата, тапкањето по рамо и еуфоријата, секако следени со десетици камери, вистината брзо излезе на видело: после неколку дена работниците беа запрепастени откако сфатија дека не добиваат ништо со законот. Згрижени беа само околу 600 лица, додека за останатите триесет илјади прописот не важи.

Во приказната на стечајните работници изненадува, меѓутоа, и слабиот интерес, не е претерано да се каже и молкот на медиумите. Уште повеќе е чудна и апстиненцијата на невладините организации, кои го формираат граѓанскиот сектор. Стечајците сепак продолжуваат да лежат на совеста на раководството на оваа земја, кое не покажува волја барем да ги сослуша.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc