РАБОТНИЧКО НЕЗАДОВОЛСТВО ГО ПОТРЕСУВА ЦЕЛИОТ РЕГИОН

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

27.01.2010

Бранот штрајкови и протести што го зафати целиот регион на Југоисточна Европа е карактеристичен по масовноста и жестината. Во 2010 година може да се очекува пораст на уличните протести...

 

Иако владите на повеќето земји од Југоисточна Европа по правило го минимизираат одразот на глобалната рецесија во нивните земји, она што се случува во првиот месец од годинава го докажува спротивното. Вистински бран на штрајкови, протести и други изливи на работничко незадоволство се јавија во скоро сите земји. Новост е што протестите квалитативно се менуваат – тие се помасовни и пожестоки, пишува радио Слободна Европа.

Порастот на невработеноста е најочигледната последица на рецесијата. Работниците на економски послабо развиените земји на Југоисточна Европа повеќе ќе ја почувствуваат падот на економиите, поради практичното непостоење на социјална политика. Со други зборови, губењето на работата значи губење на основната егзистенција.

Освен ниската моќ на државите битна е и политичката волја на владите. Скоро идентичен е ставот на владите кон економската елита – капиталот се пушта да прави што сака, да отпушта работници, да ги намалува платите, па дури и да не ги почитува законите. Може да се интервјуираат работници од Македонија, Србија, Хрватска и сите го кажуваат истото: државата нас не има заборавено!

Ни Македонија не е исклучок. И овде Владата упорно тврди дека рецесијата ќе ја заобиколи земјата, дека овде само што не протекло мед и млеко, дека е добро што подобро не може да биде. Но во 2009 година без работа останаа повеќе од 30.000 лица, иако со математички операции, како бришење на илјадници невработени од списоците на Агенцијата за вработување, се докажува дека невработеноста е намалена. Но никој не излегува да покаже како е можно невработеноста да се намали кога илјадници остануваат без работа, а нови места не се отвораат. Во месец јануари продолжи штрајкот на околу 12.000 стечајци, штрајкуваа и лица од Министерството за внатрешни работи. Се уште изостануваат масовни штрајкови, но порастот на сиромаштијата (600.000 лица, скоро секој трет жител) создава атмосфера за општ, спонтан социјален бунт.

Во сите земји порастот на невработеноста и на сиромаштијата неизбежно продуцира немири и нестабилност. Радио Слободна Европа известува за масовните отпуштања и наплив од протести во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Косово.

Така во Црна Гора самата Нова Година помина во знакот на исчекување за судбината на рударите на рудникот за боксит во Никшиќ, кои седум дена не излегоа од јамите. Во Србија уште од минатото лето се јавија очајнички постапки на самоповредување на работниците. Работнички протести имаше и во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Во Б и Х до крајот на 2009 година без работа останаа 80.000, додека во Хрватска 51.000 лица.

 

СРБИЈА СТАНУВА ТРУСТНО СОЦИЈАЛНО ПОДРАЧЈЕ

Моментно во Србија во тек се 11 штрајкови, додека уште три се најавени. Претседателот на Сојузот на самостојни синдикати Љубисав Орбовиќ рече дека во претходната година имало околу 100 штрајкови и дека Србија е трустно подрачје на социјален план.

Доста гласно оддекнаа протестите на југот на Србија, во Куршумлија, каде работниците од неколку приватизирани претпријатија го блокираат автопатот Ниш – Приштина. Помошник министерот за труд и социјална политика Радмила Букумириќ Катиќ изјави: Со раскинот на договорите за приватизација нема законска основа работниците да преминат во надлежност на акцискиот фонд. Тие работници сега имаат заклучени работнички книшки, не им е поврзан стажот и не им е обезбедено здравственото осигурување. На другиот крај на државата, во Нови Сад, штрајкуваат во јавното комунално претпријатие, поради намалувањето на платите за 10 отсто. И во Белград Синдикатот на медицинските сестри и на здравствените работници се заканува со драстични мерки доколку не се преиспита одлуката за намалување на бројот на вработени во здравството. Работниците на ветеринарската установа “Глутин“ од Падинска Скела започнаа штрајк со глад, барајќи од Министерството за полјоделство исплата на 49 плати. Во Србија 675.000 лица живеат под границата на сиромаштија.

 

ЦРНА ГОРА – РАБОТНИЦИТЕ СТАНУВААТ ПОРАДИКАЛНИ

Црна Гора исто така ја заплисна бран на работничко незадоволство, кое се искажува преку бројни протести и најави за штрајкови со глад. Работниците воглавно бараат исплата на заостанатите плати и социјални згрижување на вишокот вработени. Интересно е што бараат државата да посредува во решавањето на проблемите. Освен што протестите се се побројни забележливо е дека незадоволството се интензивира и дека штрајкувачите се се поподготвени на радикални видови на протести. После штрајкот на никшиќките рудари сега во Црна Гора штрајкуваат Млекарницата во Подгорица, Тутунскиот комбинат, железничарските работници во Никшиќ, туларницата во Беране, каде мнозинскиот сопственик намерно ја уништи поради милионски вредното земјиште.

Претседателот на Унијата на слободни синдикати Срѓа Кековиќ вели: Дваесет години транзиција и промашена приватизација се најнизок, најнехуман пристап, кој доживеа кулминација. Работниците трпеа и чекаа да видат некакво подобрување, до кое не дојде. Ако нема подобрување тоа може да биде катастрофално за сите нас во Црна Гора.

Во Црна Гора се снајдоа политичарите, партиите, бизнисмените, како и крадците, криминалците, шверцерите и шпионите. Не се снајдоа само вработените, ја пренесува Слободна Европа изјавата на синдикалниот лидер.

 

Б и Х: СЕКОЈ ДЕН ПО 200 ОТКАЗИ

Минатата година во Босна и Херцеговина 80.000 работници останаа без работа. Поради економската криза и поради негрижата на државата кон стопанството најпогодени се металската, дрвната, градежната и хемиската индустрија. Работниците се одлучуваат на штрајкови поради неисплатените плати и неплаќањето на пензиско и здравствено осигурување. Во синдикатот велат дека 2010 година ќе биде полоша од 2009 година.

Работниците најчесто правдата ја бараат на улиците. На асфалтот изле
гуваат и луѓето кои сакаат да го искажат презир спрема оние кои ги избрале на политички функции.

Во настојувањето да ги остварат своите права штрајкуваат “жените со машко срце“, како што ги нарекуваат, од стоковната куќа “Босна“ во Зеница. Тие бараат да им се поврзе стажот, да им се платат придонесите и да добијат отпремнини. Жените се плашат од зараза поради лошите хигиенски услови.

Првите денови после новата година права на улиците бараат и работниците од коксната индустрија “Глобал Испат“ од Лукавац. Од Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина заштита бараа работниците на градежното претпријатие “Враница“, наменската индустрија “Претис“, работниците од железницата. Најтешко е  во хемиската индустрија, каде со приватизацијата се изгубени 1.500 работни места. Работниците се принудени да работат за толку ниски плати од страв да не добијат отказ, известува претседателката на Синдикатот за хемија и неметали Катја Ивелиќ.

Минатата година секој ден во просек имаше по 200 откази. Од Синдикатот очекуваат уште потешка година. Претседателот на Сојузот на слободни синдикати Едхем Бибер смета дека компаниите ја искористија глобалната криза за да се ослободат од работниците. Некои работодавачи ги намалија правата на работниците, други за да го зголемат сопствениот профит.

Едхем Бибер вели дека најголем проблем е што домашната власт не создава амбиент и не се занимава со решавање на економските и социјалните прашања. Никој не води полемика како ќе живееме во 2010 година. Стручњаците предвидуваат зголемување на обемот на протести во 2010 година.

 

ХРВАТСКА СО ЛАЖЕН СОЦИЈАЛЕН МИР

Разочарани се и хрватските работници, пренесува радио Слободна Европа. Тие сметаат дека не постои вистинско социјално партнерство и дека државата и капиталистите ги омаловажуваат и ги игнорираат. И покрај се се решаваат да протестираат дури тогаш кога им се загрозени најелементарните права.

Нам ни е битно да ги задржиме работните места и да примаме плата. Ние би работеле и по 20 часа дневно, само да добиваме плати. Се друго е небитно, одговори еден од интервјуираните работници.

За разлика од Словенија Хрватска од стекнувањето на независноста помни само два до три помасовни работнички протести и повеќе поединечно искажани незадоволства. Но и таму се сретнуваат со недоволно ангажирање на државата. Работниците од компанијата “Далматинка“ од Сињ бараа заштита од италијанските сопственици во Сплит и Загреб, но никој не ги поддржа.

Сите работнички протести во Хрватска имаат воглавно идентични причини – неисплатени плати и некоректно однесување на сопствениците. Истовремено државата е нечувствителна за работничките протести. Независниот пратеник во Саборот Драгутин Лесар вели дека е очигледно криминалното однесување на државата, која интервенира само по политички критериуми.

Сите бараби кои фабриките ги добија на подарок ги третираат работниците како нужно зло. Повеќе од 50 отсто од жалбите против работодавачите се отфрлаат во самиот старт, а само еден од 300 случаи заврши со казна затвор. Во Хрватска не е со закон забрането работникот да не биде пријавен, да не му се даде плата, да се малтертира. Државата смета дека тоа не е казниво дело и дека работодавачите да се пуштат да прават што сакаат, коментира Лесар.

Шиме Орешковиќ, претседател на Полјоделскиот синдикат на Осиечко – барањската жупанија проценува дека во Хрватска нема услови наредните месеци да дојде до масовен социјален бунт.

 

НЕМИРНО И ВО КОСОВО

Во Косово не е донесен закон за работни односи, каде би се регулирало синдикалното организирање и правото на штрајк. Тоа е една од причините што минатата година се одржани само два протести.

Просечните плати се под 200 евра, околу 50 отсто од населението живее во сиромаштија, 18 отсто се екстремно сиромашни, додека невработените бројат половина од работоспобната популација.

Социолозите велат дека граѓаните на Косово се премногу политизирани, што кај нив создаде чувство на инфериорност и влијаеше економските проблеми да останат во спореден план.

Претставниците на синдикатите велат дека луѓето не сакале да прават проблеми во процесите околу решавањето на статусот на Косово. Во транзицијата, во фазата на приватизација  решавањето на статусот на Косово Унијата на независни синдикати беше внимателна, вели Хаџи Арифи, претседател на Унијата. Незадоволството на работниците и на граѓаните на Косово е сепак големо.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc