ПРОДОЛЖУВА ИСТАТА ПРИКАЗНА НА СТЕЧАЈЦИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

14.01.2010

Стечајните и работниците прогласени за технолошки вишок од државата бараат минимум егзистенција, по сто евра месечно, додека не стигнат до пензија. Нема најави дека Владата размислува да стори нешто за овие 12.000 лица...

 

Еден месец штрајк со глад во Куманово не бешe доволен премиерот Никола Груевски да ги сослуша стечајните работници. Тие вчера попусто го чекале два ипол часа во Владата, додека тој подоцна даде изјава дека Владата не може да интервенира за работници од претпријатија со доминантен приватен капитал.

Така на стечајните работници не им останува ништо друго освен да продолжат – со штрајк со глас, со рпротести, со поставување шатори пред Собранието, или со друг вид притисок. Петседателката на здружението “УНИТ“ од Куманово Лилјана Георгиевска најави дека деновиве ќе се договорат со каков вид притисок да продолжат. Тие имаат и предлог за нов закон – сите со минимум 15 години стаж и старост (50 за жени и 53 за мажи) да примаат по сто евра месечно, до остварување на условот за пензионирање.

Всушност продолжува истата приказна што на јавната сцена трае неколку години. Тие притискаат, Владата ги игнорира и воглавно се се врти во тие рамки. Во 2008 година стечајните работници секоја среда во текот на неколку месеци одржуваа протести пред Владата, барајќи решавање на нивната егзистенција. Во неколку наврати беа примени од вицепремиерот Зоран Ставрески, или од понизок функционер во Владата, но најчесто единствените што ги слушаа беа полицајците, поредени во кордон пред влезот на Владата. И тогаш премиерот се изјасни дека неговата Влада нема намера да се занимава со работници избркани од приватни претпријатија.

Стечајните работници се еден броен слој на очајни постари луѓе, кои со години немаат никакви средства за живот. Тоа се работници близу, или над своите шеесетти години, кои од државата бараат минимум издршка додека не ги исполнат условите за пензионирање. Ако има 12.000 стечајци сумата би била 1,2 милиони евра, со тоа што секој месец ќе биде помала, поради тоа што некои ќе го исполнат условот за пензија.

Во најголем дел стечајците биле вработени во претпријатијата со општествен капитал и после приватизацијата се останати на улица, повеќето без никакви средства за живот. Затоа нив тешко им паѓа квалификацијата “вработени во приватни претпријатија“, иако во моментот кога останале без работа претпријатијата биле приватизирани. Меѓу нив има луѓе кои 25 години работеле во поранешните големи производствени системи (ЧИК“, Газела, ФАС и други) и нецела година во истото приватизирано претпријатие.

Во еден јавен настап професорот Љубомир Фрчковски изгледа даде најдобро објаснување за односот на досегашните влади кон овие работници. Естабилишментот гледаше да ја симне главоболката со одвишните работници, односно државата да не биде одговорна за нивната егзистенција. Досега претпријатието било општествено, сега имате приватен сопственик. Од мене толку, чао на сите!

Меѓутоа, без оглед која досегашна влада е најодговорна – проблемот трае од почетокот на деведесеттите - за состојбата на стечајните работници, владата која е моментно на власт сепак е повикана да најде некое решение. Изгледа дека без оглед на политичката боја сите досегашни владини кабинети, барем кога е во прашање овој проблем, размислуваат на ист начин.

Во 2008 година Владата со парцијално решение се обиде да го реши непријатниот проблем со шаторите на стечајците пред Собранието. Донесе некаков закон, со кој беа опфатени само околу 600 лица. Меѓу нив Стојан Стојанов, човек кој дотогаш ги водеше и беше прв во шаторската населба во Паркот на жената. После првата еуфорија и честитања работниците сфатија дека со законот не добиваат ништо. Но премиерот Груевски сепак и вчера изјави сека “ние го решивме проблемот со стечајците кои произлегуваат од фирми со доминантен државен капитал“.

Стечајците, организирани во здружението “УНИТ“ од Куманово, наново се организираа и од есента почнаа да одржуваат јавни протести. Протестите несреќно се поклопија со акцијата на Владата за украсување на градот со бронзени скулптури. Како е можно да се има пари за “шмизли“ на плоштад, а сопствените граѓани да се остават на улица?, прашуваа стечајците.

Сојузот на синдикатите на Македонија ги поддржува барањата на стечајните работници. Тоа се работници како и сите други и Синдикатот мора да им помогне колку што може, гласи ставот на ССМ.

Изгледа дека за Владата не е важно што сумата потребна за стечајните работници постојано се намалува, поради намалувањето на самиот број на овие лица. Дел од нив го достигнуваат условот за пензионирање, некои не го ни дочекуваат живи, така што нивниот број постојано се намалува. На почетокот на оваа година се проценуваше дека има околу 37.000 стечајни работници, за кои ќе беа потребни три милиони евра, додека сега, после десеттина месеци, потребната сума изнесува 1,3 милиони евра за 12.000 лица.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc