ПОЛИЦАЈЦИТЕ ОДРЖАА ЈАВЕН СОБИР ПРЕД УСТАВНИОТ СУД

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

11.01.2010

Неколку стотини полициски службеници денес одржаа јавен собир против одлуката на Уставниот суд, со која околу 940 лица од МВР не можат да одат во пензија. Организаторот на собирот, Македонскиот полициски синдикат, порачува дека Законот за внатрешни работи е во функција на Стратегијата за реформи во полицијата...

 

Неколку стотини службеници на Министерството за внатрешни работи денес од 12 часот одржаа јавен собир против одлуката на Уставниот суд, поради која околу 940 службеници на МВР не можат да заминат во пензија. Организаторот на протестот, Македонскиот полициски синдикат, го закажа собирот пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија, каде е сместен и Уставниот суд. МПС исто така своите аргументи во писмена форма денес ги достави до Уставниот суд.

Зборувајќи пред собраните полициски службеници претседателот на Македонскиот полициски синдикат Тихомир Климовски рече:

“Ја поздравувам вашата истрајност, вашата посветеност кон службата, стремежот кон правда и правичност – атрибути кои впрочем беа причина во најраната младост да ја облечете полициската униформа и да се посветите на заштитата на највисоките вредности на граѓаните и државата, нивната безбедност, мир и спокојство.

Вашиот револт и немир, предизвикан од времената мерка на Уставниот суд, со која се запира извршувањето на членот 162 од Законот за внатрешни работи, не доведе сите нас овде пред институцијата која треба мериторно да се изјасни за судбината на оваа одредба, за на најтранспарентен начин да ја истакнеме нашата аргументација во одбрана на потребата од опстојување на овој член и на законот во целост, во одбрана на полициската професија и еснаф.

Жално е што денес треба да објаснуваме и да браниме нешто што е општоприфатен стандард во сите европски и светски демократски држави, а тоа е правото на бенефицирано пензионирање на полицајците во однос на останатите граѓани.

Две суштински прашања кои ги поставува уставниот суд се:

Дали спорната одредба од ЗВР е спротивна на уставното начело на еднаквост на граѓаните?

Дали вработените во Министерството за внатрешни работи на кои временски се однесува спорната одредба се во нерамноправна положба со оние на кои се однесува?

Еднаквоста на граѓаните како поим во стручната литература и наука наједноставно се објаснува со тезата дека граѓаните при еднакви обврски треба да уживаат и еднакви права.

Дали ние како полицајци имаме еднакви обврски и права како останатите граѓани во Република Македонија? Дали останатите граѓани ја имаат обврската да бидат 24 часа на служба? Дали ја имаат обврската да го жртвуваат своето здравје и живот за туѓо добро и живот? Дали ја почуствувале огромната пресија и стрес која полицаецот ја доживува кога ќе го стави прстот на чкрапалото од оружјето и во ист момент има улога на обвинител, адвокат, судија и егзекутор? Од друга страна, дали полицаецот може дополнително да работи друга дејност како што тоа го прават другите граѓани? Дали полицајците можат слободно и по своја волја да заминат во странство кога ќе посакаат и на крајот дали можат, како и секој жив човек, малку повеќе да се расположат или да погрешат во однесувањето, а тоа да не ги чини губење работа, а со тоа и на егзистенцијата. А кога тоа ќе ги снајде, за разлика од судиите кои можат веднаш да продолжат со адвокатска дејност, или лекарите со приватна пракса, на нашите полицајци со закон им е забрането приватно да го работат својот занает – обезбедувањето и воопшто безбедноста.

Очигледно е дека балансот на правата и обврските на релацијата граѓанин – полицаец е во голема мера изместен на штета на полицаецот. Токму тоа е причината што во сите европски држави прашањето на пензионирањето на полицајците е решено со посебни закони. Токму таму е причината што во тие закони внесовме привилегирани услови и во крајна линија тоа е причината што и Собранието на Република Македонија на 22 јули 2009 година донесе таков закон.

Одговорот е едноставен: за разлика од другите професии каде се троши орудието за работа, во полициската професија интензивно се троши самиот полицаец, и тоа физички и психички. Во прилог кон ова говорат статистичките податоци, кои ја истакнуваат жалната вистина дека полицајците се категорија граѓани кои најрано умираат. Поразителна е анализата која деновиве ја достави Советот на Европските полициски синдикати, според која во последните 10 години Македонија е земја со најмногу самоубиства на полицајци во Европа.

Сите знаеме дека  до 1993 година имавме Закон за внатрешни работи кој совршено поволно го регулираше прашањето и пензионирањето на овластените службени лица, но законот се укина. Зашто никој не го оспори Законот со кои се укинаа овие бенефиции, зарем полицајците по овој период не беа обесправени? Постоеја закони кои на полицајците им овозможуваа добивање стан, што сега го нема. Списокот на вакви примери е долг и само го потврдува фактот дека нема универзални закони што важат засекогаш. Државата секогаш, согледувајќи ги своите приоритети, креира закони кои тоа ќе го овозможат. Тоа е и случајот со овој закон, кој ги одразува реформските зафати во полицијата и исполнување на европскиот стандарден сооднос на еден полицаец на 300 граѓани. Некој ќе запраша дали тоа е демократски чин? Доколку не е демократски сигурно не би го дозволил уставниот суд на Германија, каде по случен закон се пензионираа над 20.000 полицајци, или законот во Словенија во 1996 година, или во Унгарија во 2002 година.

Се надевам дека вие и целата македонска јавност се уверивте во оправданоста и аргументираноста на заложбите кои овластените службени лица и МВР, претставувани од Македонскиот полициски синдикат, ги прават во одбрана на одредбите од ЗВР кои го регулираат нивното пензионирање.

Пред образложението кои ќе го предадеме на уставните судии ќе презентираме неколку клучни факти. Од правен аспект – фактот што во моментов се во правна сила и произведуваат правно дејство во делот на пензионирањето на сличен или идентичен начин како ЗВР се Законот за служба во армијата и Законот за правата на претседателот на република Македонија и неговото семејство по престанокот на неговата функција. Од морален и човечки аспект – фактот дека се работи за судбината на луѓето кои на свои плеќи го поднесоа товарот на осамостојувањето на Република Македонија во услови кога беа единствена вооружена формација. Овие луѓе транзицијата ги заобиколи, тие не добија ни една акција од приватизираните претпријатија, иако и самите со свои средства учествуваа во нивното создавање. Тие организирано и спремно го претрпеа бранот косовски бегалци, потоа провокациите при НАТО нападите на СР Југославија, како и вооружените судири во 2001 година, кога на браникот на државата имаше 30 убиени и 800 ранети полицајци. Бенефицираното одење во достојна и заслужена пензија е најмалата компензација, најмалото внимание што ова општество  држава треба да им го овозможи.“

После говорот на Климовски настапи Воислав Зафировски, човек кој од почеток го води процесот на реформи во полицијата и кој раководеше со работната група што работеше на Законот за внатрешни работи. Воислав Зафировски во својот говор рече:

“Денес МПС го организира овој собир за поддршка на одредбата од член 162 од Законот за внатрешни работи, со која се овозможува на овластените службени лица да заминат во пензија со навршени 40 години пензиски стаж, без разлика на годините на старост.

Оваа одредба не е случајна, таа е нужна, бидејќи со неа се разрешува едно чувствително прашање на патот кон нашето приближување кон Европа. Имено, во 2003 година Владата ја усвои Стратегијата за реформи во полицијата, која беше креирана со помош и поддршка на Европската комисија. Од тој момент Стратегијата ја надмина својата експертска димензија и стана политичка платформа за реформите во македонската полиција.

Во стратегијата за реформи во полицијата стои дека во Република Македонија ќе има фиксен број од 7.200 полициски службеници. Во Стратегијата исто така се констатира дека во моментот кога е утврдуван овој број, значи во 2003 година, сме имале повеќе полициски службеници од проектираната бројка, а во меѓувреме бројот се зголемуваше заради превземените обврски од охридскиот Рамковен договор.

Конечно дојде време да се испорача обврската кон Европската Комисија за сведување на бројот на полициски службеници на оној што е договорен.

Согласно постојните законски решенија има само две можности за исполнување на оваа обврска, првата по пат на природен одлив и вториот начин, непопуларен, прогласување технолошки вишок.

Постојните законски решенија за раскинување на договорот за работа по сила на закон не обезбедува значителен одлив по основ на пензионирање во следниве десеттина години, а за остварување на оваа стратешка цел ќе бидат потребни повеќе од 20 години, што секако е премногу долг период.

Прогласувањето технолошки вишок согласно постојните законски решенија ќе значи отказ на примените работници од 2002 година наваму. Тој потег само ќе ги мултиплицира проблемите, за што говорат искуствата од земјите од окружувањето што го направија тој чекор. Тие прогласија технолошки вишок и исфрлија на улица неколку илјади полицајци, но набрзо им порасна стапката на организиран криминал, почнаа крвави улични вооружени пресметки меѓу криминалните групи во кои беа инволвирани токму отпуштените полицајци. Никој нормален во оваа земја тоа не го посакува, но кај нас проблемот би бил уште посериозен, затоа што таквиот потег ќе доведе до сериозен дисбаланс на правична застапеност на сите заедници по полицијата, што секако може да предизвика и други турбуленции во севкупниот општествен живот во земјата.

Токму ова се причините зошто во Законот за внатрешни работи се содржани и одредбите од членот 162 и 163. Со ова законско решение во следните пет години ние ја исполнуваме превземената обврска, исполнуваме една крупна стратешка цел и ја сведуваме бројката на 7.200 полициски службеници. Ова е начинот кој е праведен, ова е начинот за продолжување на интегративните процеси без сериозни турбуленции во Републиката.

Тоа што секому треба да биде јасно е дека без целосна имплементација на Стратегијата за реформи во полицијата ние сериозно ќе заостануваме на патот кон целосна интеграција во НАТО и ЕУ. Секому треба да биде јасно дека, покрај крупните реформски зафати во земјава, токму досегашната имплементација на Стратегијата доведе до визна либерализација и до позитивниот извештај за напредокот на Република Македонија.

Токму од тие причини во креирањето на овој закон беа вклучени претставници од Европската Комисија, од проектот за поддршка на развојот на полицијата, беа консултирани и претставниците на ОБСЕ и секако се имаа предвид искуствата од земјите членки на ЕУ, кои имаа исти или слични проблеми како ние.

Поддршката што денес ја изразуваме за одредбите на Законот за внатрешни работи е поддршка на реформскиот пат во полицијата, бидејќи основна цел на самиот закон е да ја заокружи правната рамка за целосна инмплементација на Стратегијата за реформи во полицијата. Со него за прв пат од постоењето на современата македонска држава се обезбедија решенија што ја уредуваат кариерата на вработените и се воспостави систем на хоризонтално и вертикално напредување. Со овој закон се обезбеди и нов пристап во третирањето на прашањето на одговорноста на полициските службеници и, секако, овој закон обезбедува правни претпоставки за исполнување на превземените обврски за исполнување на стратешките цели, на начин кој е чесен и одговорен кон оние што на свои плеќи ги извлекоа сите турбулентни години наназад од осумдесеттите, деведесеттите, се до почетокот на новиот милемиум. Овој закон обезбедува достојно пензионирање на оние кои повеќе од три децении се потрошно средство во извршувањето на полициските работи.

Ние навистина се разликуваме од сите останати структури граѓани во оваа заедница. Се разликуваме по тоа што со примената на полициските овластувања, кои се нашата основна алатка за извршување на полициските работи, засегаме во слободата и правата на граѓаните, или едноставно кажано, во спроведувањето на законот. Во еден ист момент ние сме и обвинители, и судии и егзекутори. Такви ни се овластувањата, тоа се обврски кои не прават потрошно средство. Само тие кои не знаат што е тоа, тие кои никогаш не биле во таква позиција да апсат, да употребуваат средства за присила, па дури и смртна сила, можат да бидат против ваква одредба за чесно и достојно пензионирање на полициските службеници.

Ги поддржуваме одредбите од членовите 162 и 163 од Законот за внатрешни работи и очекуваме праведна одлука на уставниот суд. МПС ќе продолжи со своите напори на сите овластени службени лица да им обезбеди услови за пензионирање кои нема да ги повредат нивното достоинство и дигнитет.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc