НОВОГОДИШНА СРЕДБА СО НОВИНАРИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

24.12.2009

На традиционалната новогодишна средба на ССМ со претставниците на медиумите претседателот Ванчо Муратовски зборуваше за сработеното во 2009 и задачите за 2010 година...

 

Сојузот на синдикатите на Македонија се спротивставува на поскапувањето на електрична енергија и парното греење, затоа што тоа е дополнителен удар врз ионака нискиот стандард на најголемиот дел од населението. Две третини од просечната плата одат за исхрана и пијалоци, додека за се друго останува една третина.

Ова е дел од излагањето на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Ванчо Муратовски, на денешната новогодишна средба со новинарите. Средбата со претставниците на медиумите е традиционална и вообичаено се сумираат активностите на ССМ за годината што изминува и се соопштува агендата за следната година.

Годинава што изминува е одбележана од светската економска криза, што се почувствува и во Македонија. Сојузот на синдикатите реагираше на почетокот на избивањето на кризата уште есента 2008 година и предложи итни антикризни мерки. Дел од тие мерки се прифатени, но за жал, Владата тера по свое и не постигна никакви резултати. Изгубени се 30.000 работни места, најмногу во градежништвото и индустријата, посебно до текстилната и металната индустрија., изјави Муратовски. Ние предложивме пакет мерки, за ублажување на кризата и за заштита на стандардот, но Владата не ги прифати нашите апели и конкретни предлози.

Во меѓувреме економската и општествената криза се влошува. Просечната плата изнесува 20.044 денари, но 67,4 отсто од вработените имаат плати пониски од националниот просек. Околу 52.000 семејства се корисници ан социјална помош, повеќе од 600.000 лица во државата се сиромашни, додека 342.311 лица се невработени.

Владата продолжува да носи закони во време на летните одмори, дури и носи прописи за синдикалното организирање. Ние ги оспоривме измените во Законот за работни односи и поднесовме иницијативи до Уставниот суд. Конкретен резултат е регулирањето на платениот годишен одмор. Уставниот суд ги укина одредбите од ЗРО, со кои работодавачите можеа да не им дадат годишен одмор на работниците. Со тоа го заштитивме правото на годишен одмор за над 400.000 вработени, потсети Муратовски.

Социјалниот дијалог веќе трета година не постои во Република Македонија, од доаѓањето на оваа власт. Се среќаваме само на некои средби, и тоа формално, додека суштински дијалог нема. Ги информиравме Меѓународната организација на трудот, Светската и европската конфедерација на синдикати (ИТУЦ и ЕТУЦ), ИЦФТУ, ЕКС, ПСИ и други, кои праќаа опомени до Владата.

Со Организацијата на работодавачи во месец јули потпишавме Општ колективен договор за стопанството, со кој работниците добија повеќе бенефиции.

Најуспешни бевме кај правната заштита на нашите членови. Во 2009 година имаме 14.156 обраќања. Позитивно се решени 85 отсто од случаите, додека останатите се во тек. Најголем број обраќања се однесуваат на неисплатени плати, 5.822 случаи, 4.281 за неисплатени придонеси за ПИОМ, 1.850 за отказ од деловни причини, 1.458 за надомест за храна, 1.625 за надомест за превоз, 1.066 за надомест за здравствено осигурување. Инаку правната помош по правило им се овозможува на нашите членови, но отстапуваме и ги заштитуваме и на лица кои не се членови на ССМ.

Во текот на 2009 година издадовме прирачник за безбедност и здравје на работа и спроведовме кампања за мобингот. Издаден е прирачник за мобингот и подготвивме предлог на Закон за психичко вознемирување на работното место, кој ќе го доставиме до Собранието. Ако предлогот не се прифати тогаш ќе обезбедиме 10.000 потписи, со што Собранието ќе мора законот да го стави на дневен ред.

ССМ беше активен и на планот на едукацијата на членството. На повеќе семинари едуцирани се околу 1.000 наши членови. Исто така покренавме кампања “Општествена вклученост на младите и нивните права од работен однос“, при што се организирани четири трибини и една тркалезна маса.

Имавме повеќе средби со странски претставници, меѓу кои меѓународните синдикални федерации, странски мисии, невладини организации и сите оние кои сакаат да ја следат нашата работа, како некои амбасади. За првпат ССМ стана практично рамноправна членка на Европската конфедерација на синдикатите и во тоа својство учествуваше на седницата на Извршниот одбор на ЕТУЦ.

Приоритети за 2010 година е остварување средби со Владата, со цел водење социјален дијалог и активирање на Економско – социјалниот совет. Една од главните цели е одредување минималната плата, затоа што Македонија е единствената европска земја без утврдена минимална плата.

Околу пензионирањето ќе настојуваме да постојат повеќе облици на одење во пензија, не само со стаж.

На прашањето на новинарите за ангажманот на ССМ кон стечајците и штрајкот со глад во Куманово Муратовски одговори дека Синдикатот е активно вклучен во помошта на оваа категорија работници. За нас тие се работници како и сите други и целиот бекграунд на стечајците е со наша поддршка. За потсетување, стечајците

штрајкуваат во просториите на нашиот огранок, Регионалниот синдикален совет во Куманово, додека синдикалците се секој ден со нив.

Околу прашањето за масовноста на протестот пред Собранието објаснување даде Пецо Грујовски, генерален секретар на Синдикатот УПОЗ. Најпрво на протестот во октомври беа повикани само органите на ССМ и гранските синдикати. Протестот не беше планиран како масовен, што не значи дека друг пат нема да спроведеме помасовно присуство. Но активноста на Синдикатот не се мери според протестите, затоа што тие се само крајната мерка, после преговорите и договорите. Инаку вработените во јавните служби се изложени на невиден притисок, тие континуирано трпат мобинг. Во службите вработените шепотат меѓу себе и се плашат да проговорат погласно. Кај приватниот сектор немаме никакви проблеми, но кај јавниот владее континуирана психолошка пресија врз вработените.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc