НАСКОРО КОМПЛЕТЕН ПРЕДЛОГ НА ЗАКОНОТ ЗА МОБИНГ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

23.12.2009

Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија на денешната седница го разгледа работниот текст на Законот за спречување на психичкото вознемирување на работа. Од сите политички партии се очекува поддршка за усвојување на законот во Собранието...

 

Законот за спречување на психичкото вознемирување на работното место е подготвен. Во најскоро време Сојузот на синдикатите на Македонија ќе поднесе иницијатива за усвојување на законот од страна на Собранието на Република Македонија, гласи заклучокот на денешната 19. седница на советот на ССМ.
Бидејќи работниот текст на законот треба да биде што посеопфатен, оставен е рок членовите на Синдикатот, гранските синдикати, територијалните совети и канцеларии на ССМ да предложат дополнувања или нови членови, заклучено е на седницата.

Подготовките на закон за мобинг започнаа на почетокот на оваа година и навистина се судривме со сложена материја. Покрај другото есенва одржавме две советувања, на кои присуствуваа надворешни лица, правни експерти, членови на повеќето политички партии и претставници на невладини организации. Нашата намера не е зад законот за мобинг да застанат само некои партии, туку прописот да биде поддржан од сите политички партии, изјави Милан Живковиќ, шеф на кабинетот на ССМ.

Познато е дека мобингот станува се помасовна појава во  работните средини во Македонија, што го покажуваат и нашите истражувања. Затоа законот мора да биде што посеопфатен и применлив за сите ситуации, изјави Гордица Бошковска, правен застапник на ССМ во РСС – Куманово и претседател на “Македонското мобинг здружение“. Во работната верзија на текстот на законот е дадена дефиниција на термините и правата на работниците, и тоа не само на вработените на неопределено туку на сите работници, без разлика на видот на ангажманот. Дефинирани се обврските на работодавачите, каде исто така не се прави разлика дали се работодавачи во приватниот сектор или јавниот сектор, работодавачи на мали или големи претпријатија. Работодавачите имаат должност да ги запознаваат работниците за нивните права и еднаш годишно да организираат обука за мобингот. Пријава за случаите за мобинг можат да поднесат синдикалните застапници и застапниците за безбедност и работа, дополни Бошковска.

Инаку ССМ најави дека ќе поднесе предлог за закон за мобинг на почетокот на 2009 година. Планираното темпо беше пореметено од иницијативата на пратеничката група на ДОМ, што заврши со вметнување на три члена во Законот за работни односи во месец август. Ставот на ССМ е дека со овие неколку члена работниците не добија законска можност да се бранат од психичките притисоци и затоа е потребен посебен и сеопфатен закон.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc