МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ПРОПИС ВО СИТЕ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

25.11.2009

Со закон или со колективни договори, сите европски земји имаат утврдено минимална плата. Во Словенија на 28 ноември ќе се одржат големи демонстрации за зголемување на износот од 459 на 600 евра. Зошто македонската влада не сака да разговара за утврдување на минимална плата?...

 

На 28 ноември, на Прешерновиот плоштад во Љубљана, Сојузот на слободни синдикати (Zveza svobodnih sindikatov Slovenije) ќе одржи големи демонстрации. Синдикатите бараат зголемување на минималната плата, од 459 на 600 евра. На демонстрациите ќе се придружат други невладини организации, така што се очекува присуство на повеќе десетини илјади граѓани.

Словенија не е исклучок во борбата за основните права на работните луѓе, меѓу кои спаѓа и минималната плата. Во скоро сите европски земји минималната плата е регулирана категорија, со закон или на други начини.

Токму настанот во Словенија и утврдените минималци во Европа се повод да се запрашаме како стои Македонија со ова прашање. Утешна вест е дека минималната плата е утврдена само во текстилната индустрија. Во колективниот договор што го потпиша Синдикатот за текстил, кожа и чевли минималецот е одреден на 4.500 денари и тоа е воглавно се што постои од минимална плата во оваа земја.

Сојузот на синдикатите на Македонија во својата општа агенда со години бара во оваа земја да се утврди минималната плата. Се укажува на предностите на законски утврдениот минималец, на фактичката состојба во околните земји. Меѓутоа, Владата не покажува никаква намера да се позанимава со ова прашање. Всушност бегањето од социјалните прашања не е особеност само на сегашната Влада, затоа што на иста бранова должина беа сите досегашни во минатите две децении.

Прашање за дискусија се концепцијата за социјалната состојба (ако воопшто постои нешто такво) и начинот на размислување на македонските власти. Изгледа дека нивната наивна сметка гласи: да не носиме вакви прописи за да дојдат странски инвеститори. Демек, странците ќе видат дека во оваа земја можат да прават што сакаат со работниците, дека властите нема да мрднат со прст да ги заштитат сопствените државјани. И еве ќе дотрчаат компании кои ќе прават едночудо бизниси. Меѓутоа, многу пати се покажало дека незаштитената работна сила не е оној фактор што привлекува странски инвестиции. Капиталот природно е насочен кон намалување на сите трошоци, но платите на работниците се само еден, и тоа не најбитен дел од вкупните расходи. Пред се бараат ниски даноци, солидна инфраструктура, политичка стабилност и квалитетна работна сила. Доказ се последните дваесет години, кои поминаа без вистински странски инвестиции. Освен ако не се бројат шпекулативните трансакции од типот на “Континентал“ и “Шведмилк“.

Владата не троши многу време во мисли како живеат обичните граѓани. Глува е за сите социјални прашања и најважен и е рејтингот за популарноста, нарачан по своја прилика. Поставува грди, застрашувачки бронзени кипови место со истите пари да го реши опстанокот на 40.000 стечајци. Систематски ги укинува досегашните права на работниците, кои по закон ги сведува на еден вид условни робови, оставени на милоста на газдите. Во четири наврати го промени Законот за работни односи, го игнорира ССМ, Економско – социјалниот совет.  Всушност одбива да води социјален дијалог, што го потврдува извештајот за евронапредокот на македонија. Единствено за што покажува поголема грижа е форсирањето на својот пулен, Конфедерацијата на слободни синдикати, која пак однапред аминува се што ќе каже Владата.

Затоа Македонија е единствената европска земја која нема утврдено мининална плата. Постоењето на минимална плата има повеќе предности, од кои првата е социјалната праведност. Секоја сериозна држава гледа да воспостави социјален мир и ред и токму прописот “помалку од ова не може –  нагоре може колку сакаш“ е во таа функција. Постои и една средина на која владите внимаваат: минималната плата не е корисна ако биде прениска, но не смее ни да биде превисока за да не ги одвраќа работодавачите. Од нови вработувања.

Минималната плата за прв пат е воведена во 1894 година во Нов Зеланд, а неколку години подоцна и во Австралија. Во САД во 1938 година е донесен закон за минимална плата. Во Европската Унија 20 од 27 земји имаат со закон пропишана минимална плата. Тоа се Белгија, Бугарија, Шпанија, Естонија, Грција, Франција, Унгарија, Ирска, Летонија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Чешка и Велика Британија. Во останатите долната граница на платите се регулира со колективни договори на ниво на гранка. Турција и Албанија исто така имаат со закон регулирано минимална плата.

Државите кои висината на минималната плата ја имаат пропишано со закон можат да се поделат во три групи. Во првата се земјите каде минималецот е од 100 до 350 евра (Бугарија, Романија, Летонија, Литванија, Словачка, Естонија, Унгарија, Чешка и Полска). Во групата од 500 до 700 евра се Португалија, Словенија, Малта, Грција и Шпанија. Третата група ја сочинуваат земјите кои со закон гарантираат минимална плата околу, или дури повеќе од 1.150 евра. Тука се Луксембург, Велика Британија, Франција, Белгија, Холандија и Ирска. Во Турција минималецот изнесува 333 евра.

Девет земји на ОЕЦД, каде спаѓаат Германија, Австрија, Италија и скандинавските земји, немаат посебен закон за минимална плата, но минималецот се утврдува со гранските колективни договори. Сепак во некои сектори владите пропишале минимална надница.

Во некои земји минималната плата е помала од 40 отсто од просечната плата. Тука спаѓаат Летонија, Литванија, Полска, Унгарија, Романија, Чешка и Велика Британија. Во Португалија, Шпанија, Ирска, Словенија, Бугарија, Холандија и Словачка износот на минималната плата се движи од 41 до 47 отсто.

Според извештаите на Еуростат најниска е минималната плата во Бугарија 112 евра, додека највисока е во Луксембург, 1.610 евра.

Во САД минималната плата изнесува 33 отсто од просечната плата. Минимални плати со закон се гарантирани во Јужна Кореја и Јапонија.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc