ШТО ЗНАЧИ ДОСТОИНСТВЕНА РАБОТА ВО МАКЕДОНИЈА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

20.11.2009

По сите дефиниции во Македонија пристојна работа речиси не постои. Сите стандарди на трудот се срушени од превисоката невработеност и катастрофалната економска состојба...

 

Да се зборува за пристојна работа во Македонија е многу проблематична задача. Високата стапка на невработеност во Македонија, најголема на европскиот континент, ги има срушено најелементарните стандарди на трудот, на чесната работа, на трудовото право и на пазарот на трудот. Надменоста на газдите, понизноста на работниците, немоќта на државата, која замижува на сите злоупотреби само за да одржи привиден социјален мир – тоа се појави кои се повеќе правило отколку исклучок.

Во овој правец се вртеа дискусиите на вчерашната панел дискусија “Пристојна работа“. Многуте квалификации, мислења и толкувања го расветлуваат проблемот, но сите дискусии, на почетокот или на крајот, се вртат кон основниот генератор на општата криза во земјата – невозможно високата стапка на невработеност од 35 отсто.

Инаку панел дискусијата е дел од двегодишниот проект “Отворен дијалог за општествено вклучување на младите луѓе преку вработување и работничките права на младите во Република Македонија“, што го реализираат Балканската фондација за деца и млади, Универзитетот во Љубљана и Сојузот на синдикатите на Македонија.

Милан Живковиќ, портпарол на ССМ, рече дека толкувањето на поимот пристојна работа е различно. Целта е позитивна промена во животите на луѓето, односно работата треба да биде извор на лично достоинство и среќа во семејството. Тука некаде се движи основната дефиниција на концепцијата на пристојна работа во светот. Таму се одредени приоритетите на пристојната работа: фер глобализација, намалување на сиромаштијата, социјална сигурност, социјална вклученост во општеството, лично достоинство, право на избор на работа. Каде се младите во Македонија?, постави прашање Живковиќ. Познато е со каков избор се судираат после школувањето, а позната е и последицата - масовниот одлив на младите во странство. Понатаму, од страна на Синдикатот, значајно е прашањето колку младите знаат за синдикалното движење и каква корист можат да имаат од таму.

Истите термини во Европа  и овде имаат сосем поинакви димензии. Љубица Дековска од ССМ ги изнесе основните податоци за економската и социјалната состојба. Таа назначи дека се повеќе се зголемува расчекорот меѓу она што Владата сака да го прикаже и реалните, се покатастрофални текови во македонското општество.

Македонците сакаат посебно да се споредуваат со Словенија, која ја гледаат како средена земја, со умен економски и социјален модел, од кој Македонија треба да учи. Така и на синоќешната средба публиката, каде најбројни беа студенти во завршни години и скорешни дипломци, со посебен интерес го следеше Вили Новак од Словенија. Претседател на СКЕИ, Синдикатот на металци и електроиндустрија при Сојузот на синдикатите на Словенија, Новак објасни како Словенија се избори за добрите позиции на работните луѓе. Најпрво во државата воспоставивме работни стандарди, па дури отпосле ги викнавме странските инвеститори. Тие никогаш нема сами да го сторат истото, порача Новак. Имаме развиен социјален дијалог (Економско – социјалниот совет се состанува неколку пати месечно), одредивме минимална плата, потпишавме колективни договори. Инвеститорите дојдоа во таков амбиент и немаа каде, мораа да ги почитуваат правилата.

Така сега во Словенија нето платата е 1.180 евра, стапката на невработеност 6,7 отсто, најниска во Европа, додека синдикатите се борат да ја зголемат минималната плата од 472 на 600 евра. Инаку и Вили Новак зборуваше за привлекувањето на младите во синдикатите. Доаѓаат со предрасуди и велат дека синдикатите потекнуваат од некогашна Југославија, но кога ќе се запознаат со нас гледаат каква корист можат да имаат. Им помагаме за вработување, им овозможуваме бесплатно осигурување и така годишно добиваме од 700 до 800 нови млади членови. И европската конфедерација на металските синдикати бара работа со младите.

Терминот пристојна работа не се сведува само на основната дефиниција. Тој има и една индивидуална компонента – за некого една работа е понижувачка, но на друг не му пречи, туку е спремен да истрпи се само за да добива плата, објасни магистер Лазар Јовевски од Правниот факултет “Јустинијан Први“.

Во крајна линија пристојната работа ја дефинира пазарот на трудот.  Какви ќе бидат односите на газдите зависи од економската ситуација, па и од општата култура. Инаку пристојната работа е глобален предизвик, присутен во целиот свет. Токму во Унијата 55 милиони лица се ангажирани во флексибилни работи. Најранливи категории се младите, жените, хендикепираните и постарите вработени. Во ЕУ и МОТ младите се издвоени како посебна категорија. ЕУ нема норми и директиви за пристојна работа, но затоа таму се водат политики за вклучување и за заштита на младите, дискутираше Јовевски.

По сите дефиниции во Република Македонија не постои пристојна работа. Ние треба да се запрашаме зошто работодавачите се однесуваат така како што се однесуваат, предупреди доктор Јорде Јакимовски од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања.

Предавачите им препорачаа на младите слушатели да бидат смели во барањето на нивните права. Место понизност и прифаќање на секакви понижувачки услови треба да се знае сопствената вредност.

Совети за храброст и лична пробивност даде и Душко Миновски, државен советник во Министерството за труд и социјална политика. Тој рече дека може да се случи државната администрација да “експлодира“. Нема нови вработувања во стопанството, намален е приливот во државната каса и се потешко е да се одржува огромната администрација. Знам дека младите повеќе сакаат државна работа и сигурна плата, но таа желба потекнува од општата ситуација. Но во случај да се отвори странка компанија која ќе дава плати од 500 евра и вработените во државната администрација ќе почнат да бегаат од истата државна работа.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc