ЕФЕКТИТЕ ОД КРИЗАТА ИСТИ ЗА ЗЕМЈИТЕ ОД РЕГИОНОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

19.11.2009

Формалниот социјален дијалог, влошување на материјалната положба и намалување на правата на вработените се заеднички карактеристики за земјите од регионот, заклучија учесниците на Форумот на синдикатите од Југоисточна Европа...

 

Последиците од светската економска криза се скоро идентични во земјите во југоисточна Европа. Тие се одразуваат врз социјалната и материјалната положба на вработените, пред се на губењето на работните места, намалувањето на платите и правата од работен однос.

Ова се заклучоците од состанокот на мрежата на економистите од синдикатите од земјите на југоисточна Европа, насловен како “Финансиската и економската криза во земјите на регионот и активностите на синдикатите“. Состанокот се одржа од 10 до 12 ноември во Белград, во организација на фондацијата “Фридрих Еберт“. После средбата на економистите на 12 и 13 ноември во Белград се одржа Форум на синдикатите на југоисточна Европа.  На двете поврзани средби присуствуваа претставници на синдикатите од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина (Федерацијата  и Република Српска), Црна Гора, Македонија и Албанија. Македонија беше претставена од делегација на Сојузот на синдикатите на Македонија, во состав Ванчо Муратовски, претседател на ССМ,  и Мимоза Вујошевиќ и Љубица Дековска од ССМ.

Синдикалците од регионот се согласија дека заедничка карактеристика за сите земји е формалниот социјален дијалог, без вистинско партнерство и суштински резултати и договори. Реформата на пензискиот систем е исто така актуелна тема во сите земји.

Констатирано е дека владите немаат јасна стратегија на развој и консензус на сите политички и општествени страни за приоритетните национални интереси.  Тие превземаат изнудени и честопати ирационални мерки. Тоа се однесува на претераното задолжување кај меѓународните финансиски организации, козметичко решавање на најтешките проблеми, односно одложувањето на нивната ескалација преку одредени попусти на социјално најзагрозените граѓани.

Економистите од репрезентативните синдикални централи поднесоа национални извештаи за последиците и интензитетот на влијанието на светската економска криза, за мерките на владите и за ублажувањето на последиците.

На собирот е договорено да се предложи основање на трипартитен состанок во рамките на Регионалниот совет на Југоисточна Европа. Целта е да се разговара во присуство на сите социјални партнери поради недостатокот на квалитетен и ефикасен социјален дијалог.

Економистите пред Форумот на синдикатите на југоисточна Европа презентираа предлог мерки за решавање на последиците од економската криза. Првата група мерки се однесува на јавниот сектор, каде е потребна реформа во државната администрација, контрола на јавните расходи, завршни пресметки на буџетите на сите нивоа, активирање на државните ревизори и преиспитување на моделите на приватизација.

Пензиското и инвалидското осигурување се во втората група мерки. Тука се предложи засилување на наплатата на придонесите, решавање на прашањето на имотот на пензионерските сојузи, поставување граници за пензионирање, и тоа 60 за жени и 65 за мажи, и развој на третиот столб на пензиско осигурување.

За реформите во општествените дејности, како што се здравството и образованието, се предложиja мерките: рационализација и контрола на расходите, нови извори за финансирање (од буџетите), еднаквост во користењето на услугите и сопирање на приватизацијата на здравствените системи.

Ревитализацијата на стопанството треба да се остварува преку одржлив економски раст, базирање на економијата врз знаењето и информатичката техологија, реструктуирање на стопанството, јакнење на малите и средните претпријатија со државна поддршка, укинување на неповратните субвенции, вложување во гранки со компаративни предности, развивање нови извори на енергија и друго.

За социјалниот дијалог се предложени следните мерки: да биде вистински спроведуван во практиката, да се форсира колективното преговарање и склучувањето колективни договори, да се активираат бипартитните и трипартитните преговори, да се зајакнува општествената одговорност и корпоративната култура. Краткорочните привремени антикризни мерки треба да вклучат редефинирање на линијата на сиромаштија, дефинирање на критериумите за некои видови социјални давачки, како еднократна помош, детски додаток и додаток за мајки.

Демистификација на улогата и местото и улогата на меѓународните финансиски организации е седмата група мерки. Синдикалните економисти сметаат дека при водењето преговори со ММФ треба да бидат вклучени синдикатите.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc