ПОТПИШАНИ КОЛЕКТИВНИТЕ ДОГОВОРИ ЗА ТЕКСТИЛНАТА И ТУТУНСКАТА ИНДУСТРИЈА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

11.11.2009

Најниската плата во текстилот место 4.500 денари ќе изнесува 5.500 денари и добиено е право на бонус за прекувремена работа. Кај текстилната и тутунската индустрија регулирани се исхраната и превозот...

 

Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија (СТКЧ) и Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс (АГРО – Синдикат) со Организацијата на работодавачи потпишаа колективни договори за текстилната и за тутунската индустрија. Во двата договори се проширени повеќе права од работниот однос.

Место 4.500 денари најниската плата на текстилните работници ќе изнесува 5.500 денари, стои во Колективниот договор за текстилна индустрија, чија важност со потпишувањето изнесува две години. Измена е воведена и кај надоместоците за храна и превоз. Работодавачот е должен на свој трошок да организира превоз до и од работа, како и исхрана за времето поминато на работа. Трошоците за исхрана можат да изнесуваат најмногу 20 отсто од просечната нето – плата по работник, исплатена претходната година, додека трошоците за превоз треба да бидат во реалниот износ во јавниот сообраќај. Доколку работодавачот не организира исхрана или нема организиран превоз, тој на работниците може да им ја зголеми платата како надоместок на овие трошоци. Висината на зголемувањето треба да биде утврдена со договор со претставниците на синдикатот.

Ново проширување на право од работен однос има кај редовноста и прекувремената работа. Со Колективниот договор ако работникот работел 150 часа подолго од нормалното време, не отсуствувал повеќе од 21 ден за една година и остварил просечна норма од 70 отсто треба да му се исплати додаток на плата и бонус во висина од една просечна плата во земјата.

Кај Колективниот договор за тутунско стопанство исто така се изменети одредбите за надоместоците за исхрана и превоз. И во оваа индустрија работодавачите исто така треба да обезбедат исхрана за време на работата и превоз до и од работа. Доколку работодавачот не може, или нема објективни услови да организира храна и превоз, тој треба да ги зголеми платите за износот на овие трошоци. Тие треба да бидат пресметани по закон и колективен договор. Трошоците за исхрана изнесуваат 25 отсто од просечната нето плата по работник исплатена претходната година, додека трошоците за превоз треба да бидат во висина на реалните трошоци во јавниот сообраќај.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc